Бездржавјанство

Апатриди - живот надвор од општеството

Ромската заедница е особено ранлива поради тоа што нема финансиски средства за пристап до документите неопходни во постапката за добивање на државјанство.

Последниот попис од 2002 година покажува дека во Македонија живеат 53.879 Роми или 2,7 проценти од целата популација.

Истражувањето на УНХЦР спроведено меѓу 2008 и 2011 година на 13.770 Роми со живеалиште во Македонија идентификува 6.514 лица кои имаат проблеми со документација, вклучително 775 лица кои никогаш не се регистрирани во матичната книга на родени.

Македонското здружение на млади правници со работа на терен од 2010 година досега имаат идентификувано 664 случаи на бездржавјанство, како незапишано раѓање и лично име и лица кои немаат регулирано државјанство, од кои околу 70 проценти се Роми, се наведува во „Ромите припаѓаат - Бездржавјанство, дискриминација и маргинализација на Ромите во Западниот Балкан и Украина“ е подготвен од страна на Европскиот центар за ромски права, Институтот за бездржавјанство и инклузија и Европската мрежа за бездржавјанство, во соработка со националните проектни партнери Општеството за правна помош од Албанија, здружението Вашите права од БиХ, Македонското здружение на млади правници, Млади Роми од Црна Гора, Праксис од Србија и Десетти април од Украина.

Бездржавјанството е правна аномалија

Според Нина Мариј од Европската мрежа на бездржвјанство,во Европа има над 600.000 луѓе без државјанство и над 10 милиони луѓе низ целиот свет.

- Бездржавјанството значи да се живее без националност, без држава и претставува правна аномалија. Лицата без државјанство се соочуваат со големи тешкотии да ги остварат своите фундаментални права за образование, здравствена заштита, работа и слобода на движење. Ромите се малцинство што е особено погодено со проблемот на бездржавјанство во регионот на Западен Балкан и други делови на светот. Поради недостигот на документи голем број од ромската популација живее без државјанство и не можат да го докажат потеклото и поврзаноста со државата во која живеат, а со самото тоа да ја докажат и својата националнсот, рече Мариј.

Посочи дека најголема пречка за регистрирање на Ромите во регионот се комплексните постапки за докажување на државјанството и неопходно е државите да го поедностават процесот за добивање државјанство.

Проблемот на бездржавјанство меѓу Ромите е регионален проблем

Според Адам Вајс од Европскиот центар за ромски права, проектот „Ромите припаѓаат“ има за цел да покаже дека иако голем број Роми во регионот на Западен Балкан се соочуваат со проблемот на бездржавјанството, причината за тоа не е кај Ромите, туку е резултат на кршење на правата на Ромите во регионот.

- Ниту едно лице од ромска националност не сака да биде апатрид. Ромите бараат почитување на нивните права и овој проект покажува дека државите треба многу да работат за исполнување на нивните човекови права. Да ги препознаат нивното раѓање, да им обезбедат документи за идентификација и да гарантираат дека ниту едно лице од ромска националност не се соочува со проблемот на бездржавјанство, изјави Вајс.

Посочи дека најважна препорака од овој проект е дека во секоја држава во регионот властите во иднина треба да гарантираат дека сите новородени деца Роми ќе се регистрираат без разлика на документите што ги имаат или немаат нивните родители.

- Секое новородено дете има право да биде регистрирано кога ќе се роди и да биде внесено во матична книга на родени. Една од причините за бездржавјанство меѓу Ромите во регионот е дека властите не го почитуваат тоа човечко право, изјави Вајс.

Според Јан Брутс од Европската мрежа на бездржвјанство, извештајот покажува дека Ромите во регионот се особено засегнати, бидејќи тоа е меѓугенерациски проблем што се пренесува од родителите на децата и доколку родителите немаат документи и децата нема да можат да бидат регистрирани.

- Не само во регионот на Западен Балкан и Европската унија има случни проблеми со бездржавјанство меѓу ромската заедница. Не е ништо уникатно, туку бара политичка волја и добра пракса да се најдат и спроведат решенија, изјави Брутс.

Македонија нема официјална бројка на лица без државјанство

Според Александра Ефремова од Здружението на млади правници нема конкретна бројка бидејќи во Македонија нема спроведено ниту попис за официјалната бројка на население, меѓутоа повеќе стотици граѓани на Република Македонија се соочуваат со овој проблем.

- Причините се разчични, некои од нив се поради незапишани раѓања и лични имиња, а некои од нив водат потекло од некои од земјите од поранешна Југославија. Ние работиме конкретно седум години на оваа проблематика и од 2011 година во тек е постапка за дополнителен упис на раѓање и лични имиња, што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за внатрешни работи и Управата за водење на матични книги, а во која се вклучени и невладини организации. Во рамки на таа акција сме вклучени и ние. Со работа на терен идентификувавме повеќе стотици случаи кои што имаат проблем со незапишано раѓање и лично име, рече Ефремова.

Посочи дека најголем дел од идентификувани случаи се припадници на ромската популација, но има и Албанци, Срби и Босанци. Нагласи дека државата прави мерки за решавање на проблемот, со тоа што се предвидуваат законски измени и олеснувања во однос на постапката за дополнително запишување на овие лица.

Што значи да се нема државјанство и да се живее без личен идентитет

Државјанството нуди пристап до правата и обврските што се гарантирани со Устав и закон, додека да се нема државјанство значи дека се нема пристап до ниту едно право, како здравствено осигурување, социјална заштита, образование, вработување и да се живее надвор од општеството.

Според Сенада Сали, правник од Европскиот центар за права на Ромите, немањето државјанство е состојба на системско непостоење, бидејќи во Македонија секое право започнува со „секој граѓанин на Република Македонија“.

- Тоа што едно лице не е граѓанин на Република Македонија се третира како странец, а доколку е без никакво државјанство, тој е помалку и од странец и фантом во државата. Постои како физикус, меѓутоа во правниот систем на државата е сосема невидлив. Не може да пристапи до образование, не може да се регистрира во училиште, не може да има бесплатна здравствена заштита, изјави Сали.

Посочи дека во пракса лице што нема документ кога ќе дојде во контакт со државата најчесто може да заврши во полициска станица, бидејќи државата има право да го идентификува и ако нема документ за лична идентификација да го приведе.

Според Александра Ефремова од Здружението на млади правници, кога се работи за лица кои не се запишани во матичната книга на родените, тоа се правно невидливи лица и живеат тука, но државата не ги препознава бидејќи немаат идентитет.

- Останатите лица кои се соочуваат со овој проблем поради распадот на поранешна Југославија и неможноста да се запишат за државјанство ниту во Македонија, ниту во земјата од која водат потекло. Овие лица се третираат како странци во сопствената државата. Согласно законот тие мора да го регулираат својот престој исто како и обичните странци и по шест години законски престој имаат услов да аплицираат за државјанство во Македонија, изјави Ефермова.

Посочи дека досега некое суштинско системско решение на овој проблем досега за жал не е пронајдено во Република Македонија.

Постапка за добивање државјанство

Генерално документите што се однесуваат на Ромите донесени од Европските институции како што е Совет на Европа и ЕУ најчесто проблемот го адресираат до пристап до документи за лична идентификација, но проблемот на бездржавјанство е многу поширок од проблемот до пристап до документи за лична идентификација, посочува Сенада Сали од Европскиот центар за права на Ромите.

- Не се работи само до конкретно регистрирање на определно лице, туку проблемот е како легален, така и фактички. На Европско ниво постојат начини и обиди како проблемот да се реши, еден од најважните начини е секоја држава да има постапка за детерминирање на лица без државјанство. Во таа постапка самото лице треба да добие помош од властите и тие по службена должност да ги добијат сите документи кои тоа лице може да ги има или ги има во државата со цел да се утврди и да му се помогне да се регистрира. Македонија нема таква официјална постапка, рече Сали.

Нагласи дека Ромската заедница е особено ранлива поради тоа што нема финансиски средства за пристап до документите неопходни во постапката за добивање на државјанство и нема конкретан процедура што да се прави.

- Голем проблем за Ромите е финансискиот товар, а да не зборувам за неинформираноста и потребата да се работи со заедницата кои се точно тие документи. Овие луѓе немаат општи познавања да читаат и пишуваат, а од нив се бара да поднесат некакви документи за потврдување на нивната државност, рече Сали.

Посочи дека и самите државни органи што треба да работат на проблематиката на некој начин не знаат што точно и како треба да постапат со овие лица.

- Потребно е прецизирање на начинот на постапување со овие лица. Покрај тоа што на Европско ниво постојат директиви и  регулативи што кажуваат на кој начин треба да се постапи, тоа што во пракса се случува е администрацијата и министерствата не го знаат точно сите овие правила. Проблемот е што лицата треба да поднесат толку многу документи што тие не се во состојба, а немаат никаква помош од институцијата како да ги добијат по службена должност, изјави Сали.

МИА

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе