Надлежните знаат ама никој не чисти

„Ајвар сезона“ и црн чад на депонијата во Долно Лисиче: Кој пали оган секој ден и ги носи пожарникарите на ѓубриштето? (ФОТО+ВИДЕО)

Правите ајвар и ви се собрале остатоци од лупени пиперки, реновирате купатило, па дома ви пречат ве-це шолјата, кадата и други санитарии, ви здодеала старата јамболија и јорган, мебелот, ви пречат купиштата шишиња кои празни стојат во подрумот, пиевте лименки пиво со друштво, па ви се собраа празни лименки, го менувавте кровот, па ви се натрупаа стари азбестни плочи, колевте животно, па ви останала кожата и нема каде да ја фрлите...

Не грижете се, Општина Аеродром има „решение" за вашите проблематични отпадоци. На депонијата во Долно Лисиче слободно фрлајте си, ниту има кој да ве казни, ниту да ве опомене, ниту пак да ве спречи. Сѐ што ви е потребно е недостаток на свест за чиста животна средина и немање срам дека ја предизвикувате нечистотијата која потоа ќе ја живеете.

Можеби ова ви звучи како рекламите од Топ-Шоп, но дефинитивно не е тоа. Се работи за реалност која може да ни биде антиреклама од висок ранг.

Црн густ чад денес нешто пред 12 часот се креваше високо на депонијата во Долно Лисиче, на мостот над Вардар кој ги спојува Долно Лисиче и Јурумлери. Имаше мал оган, но сепак беше пожар.

Екипата на МКД.мк повторно отиде на местото за кое пишуваме повеќе пати, а надлежните буквално се глуви на нашите објави, прашања и укажувања. Смрдеа која ја чувствувате дури и со маска, ѓубре, стакло, лушпи од пиперки, кабаст отпад, стари јоргани, по некоја ве-це шолја, стар мебел, паднати дрва, на некои места црни остатоци од запалени гуми и мало чадење од тукушто изгаснат оган...

Ѓубре има и под мостот на реката Вардар, кој што е многу прометен, односно ги спојува општините Аеродром и Гази Баба.

Се јавивме на 193 да пријавиме дека има мал пожар, со оглед дека и големите пожари претходно настануваа од мали оганчиња. Од Противпожарната единица ни кажаа дека секој ден редовно испраќаат возила за интервенција на оваа депонија, и дека веќе еднаш за секогаш треба Општината да си прати багери и да си го реши овој проблем.

Очигледно дека долгогодишниот проблем со оваа депонија им досади на сите, и на оние кои живеат тука, и на оние кои поминуваат покрај ова место, и на нас кои постојано известуваме, но очигледно не им досади на надлежните во Општина Аеродром на кои постојано им се јавуваме, им праќаме фотографии, па ги објавуваме, но решение нема.

Нова галерија од фотографии направивме и денес, иако за истиот проблем пишувавме и на почетокот на август, но градоначалникот Златко Марин не нѝ одговори на нашите мејлови. Сега тој веќе не е во трка за градоначалник на општина Аеродром, па изгледа решение за проблемите ќе мора да чекаме од новиот градоначалник кој ќе го наследи на претстојните локални избори.
До тогаш, можеби граѓаните кои ја полнат оваа депонија, ќе се свестат дека не треба да се фрла отпадот на ова место, па ѓубрето нема да се зголеми и ќе остане исто како што го затекнавме денес.

Граѓаните треба да се свесни дека ако трупаат депонии, тие им се враќаат како бумеранг. Бидејќи, ете денес, а и во деновите претходно, овде имало мали пожари. Но, пред некое време во Долно Лисиче имаше голем пожар кој стаса до куќите, а зафати и дел од депонијата.

Депониите ни штетат и на здравјето, односно преку нив го загадуваме воздухот и претставуваат извор на зараза. Во Долно Лисиче во близина на депонијата има убав парк, но ако малку погледнете погоре од паркот глетката е грозна, а ако се доближите тоа ќе ви го докаже и смрдеата. Ако овој проблем не го реши Општината, а потоа не се свестат и граѓаните, ништо од чистата животна средина.

А нашиот медиум ќе известува онолку пати колку што е потребно за да се реши овој проблем, па ако треба и постојано со докази, фотографии, видеа..

Катерина Додевска 

 

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе