Тврдат дека ниту биле во контакт со заболен, ниту патувале во ризичните земји

11 дена заглавени во планински викендички кај кризниот Дебар, скопјани бараат да бидат евакуирани

Огнен Зафировски (41) и Ристе Савевски (72), обајцата скопјани, веќе 11 дена се заглавени во викендички во Долно Мелничани во кризното подрачје Дебар и Центар Жупа. Во телефонски разговор за МКД.мк Зафировски вели дека сосема случајно заедно со пријатели се нашол во викендичката и не ни претпоставил дека ќе остане заглавен. Иако не бил, како што вели, во контакт со лица сомнителни на коронавирусот, ниту патувал во некоја од земјите со висок ризик, вели никој не сака да го врати во неговиот дом во Скопје. Подготвен е да ги помине сите протоколи и тестови бидејќи, како што самиот раскажува, дома има семејство, кое не сака да го стави во опасност. 

Викендичката во која тој е заглавен се наоѓа на планина што е на 7 километри оддалеченост од градот.

Местото е помеѓу Дебар и Центар Жупа и заедно со него во близина има уште еден скопјанец на возраст од 71 година, кој исто така случајно дошол на еден ден, а како што вели Зафировски, имаат информација дека има уште еден заглавен кој исто така е од Скопје. 

„Дојдов со друштво сосема случајно. Малку да се одмориме. Тие заминаа, а јас останав да ја средам и затворам викендичката. Кога тргнав кон Скопје веќе прогласија кризна состојба во Дебар и Центар Жупа и не дозволуваа да си заминам во својата куќа во Скопје. Јасно ми е дека надлежните си ја вршат својата работа, но сепак не можам да разберам како може да не заборават. Подготвен сум да се тестирам и да ги минам сите потребни механизми за да се заштитам и себе и тие околу мене", раскажува Зафировски.

Заглавениот скопјанец вели дека биле евакуирани заглавени лица од Лазарополе и Гари и пред неколку дена се јавил во Кризниот Штаб во Дебар од каде му било кажано дека треба да дојде до Бошков Мост, кој е последната точка до каде може да се стаса, бидејќи од таму веќе има полициска патрола.

Час и половина одел пеш од викендичката до Бошков Мост надевајќи се дека ќе си замине за Скопје, но му било кажано дека доцна стасал и дека специјалните единици на МВР веќе ги евакуирале и заминале со оние лица кои биле заглавени во овој кризен регион.

„Одев пеш час и половина со надеж дека ќе си одам дома, бидејќи такви информации добив од Кризниот Штаб во Дебар. Но, на Бошков Мост ме дочека друга информација, дека сум задоцнил. Со напори после тоа успеав некако надлежни лица со возило да ме симнат до долу каде има продавници за да можам да купам што ми е потребно. Не сум се подготвил ниту со заштитна опрема, ниту со намирници за подолг период, бидејќи воопшто не се надевав дека ќе бидам заглавен во викендичката. Беа евакуирани околу 60 лица и мислев дека и нас ќе не земат. Овде на планината сме јас и уште две лица од Скопје. Со нас се и 4-ца жители на Дебар кои живеат овде. Бараме да бидеме евакуирани од овде каде сме заглавени и каде ни беше кажано дека ќе седиме додека трае вонредната состојба", вели Зафировски кој додава дека е збунет од сето ова што се случува.

Деновиве ги поминува на високата планина, сам и изолиран иако немал контакт со лица од ризични земји, ниту пак бил во истите.

Вели, се надева дека надлежните ќе реагираат брзо и ќе ги извлечат од викендичките кои се на планина во Долно Мелничани.

К.Д.

 

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе