Три месеци по отворената истрага (1)

СЈО во трага на сметките на фирмите на Камчев, како се „переле“ парите во Империја

СЈО во случајот „Империја“ за перење пари дојде до матичните броеви на многу фирми, во Македонија и во странство, кои имаат слични имиња и чии управители и називи се менувале на речиси 6 месеци. 

Едни се затворале, па се отворале нови, а најчесто имињата почнувале и завршувале со буквите од името и презимето на Орце Камчев или некој негов близок. За овој случај почетна точка се прислушуваните разговори на новинарката Оливера Трајковска, Влатко Мијалков, братот на Сашо Мијалков, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Ана Камчева кои биле таргет. Разговорите меѓу овие лица на специјалните обвинители им ги поттикнале сомневањата дека постои криминал и тука почнува истрагата за Империја. Доказите го водат СЈО до фирми во Америка на кои последен сопственик е Камчев, а потоа трагата на парите води преку други фирми, а парите откако ќе се свртеле по сметките, завршувале пак кај Камчев.

Докази за криминалот во овој случај, СЈО обезбедило и преку ПИ-мерки, односно во периодот од јуни до октомври 2018 ги прислушува осомничените, но не и Сашо Мијалков. Освен овие докази, има и искази на сведоци.

Специјалното јавно обвинителство три месеци по отворањето на истрагата за Империја врз основа на голем број докази успеало да потврди, како што велат од таму, околу 90 отсто од сомнежите за овој случај во кој се осомничени Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Трагата на парите го одведоа СЈО до Соединетите Американски Држави, односно на адреса „New York 41 State Street, Suite 106, Albany, NY 12207, USA". На оваа адреса, според податоците на СЈО се регистрирани две фирми, Финзи ДООЕЛ Скопје и Калвус ДОО, чиј краен сопственик е осомничениот Орце Камчев.

Како клучен период во кој осомничените се здружиле во перењето пари е крајот на 2009 и почетокот на 2010.

Преку американските ФИНЗИ и КАЛВУС испрани се 2,5 милиони евра

Првите пари на сметката на Финзи во САД легнуваат кон крајот на 2009 година. СЈО има докази дека краен сопственик на оваа фирма е Орце Камчев.

Американската Финзи на онаа во Скопје во неколку наврати ѝ префрла пари, чија вкупна сума според податоците од сметките со кои располага СЈО стасала до 650 илјади евра. Управител, односно директор на фирмата Финзи во Скопје прво е Владислав Стајковиќ, па потоа Коста Крпач. Овој човек беше на листата на сведоци на СЈО кој доброволно се пријави да сведочи. Во 2016 година токму СЈО посочи дека Крпач бил под притисок, а на 27 април истата година тој беше најден мртов во својот стан во Капиштец. Во јуни Основното јавно обвинителство го затвори случајот како самоубиство.

Доказите на СЈО покажуваат дека американската Финзи е затворена во 2012 година.

И на фирмата Калвус како краен сопственик се јавува Орце Камчев. Последните оперативни сознанија на СЈО велат дека Камчев, кон крајот на 2011 ја пренел оваа фирма на член на семејството на Сашо Мијалков. За кого се работи - дополнително ќе се истражува. По овој период нема ни влез, ни излез на пари.

Банкарските сметки покажуваат дека оваа фирма на сметка на Ексико ДООЕЛ Скопје префрлила 1.611.523 евра.

Дел од овие пари се уплатени на сметка на Камчев, а со дел се купени имоти.
Освен овие 2,5 милиони евра за кои СЈО пред 3 месеци откри дека осомничените во Империја ги испрале преку странски фирми, предмет на истрага се и податоците од други фирми од Израел, од Америка, Швајцарија. Од овие фирми се префрлале пари на сметките на македонското Финзи, на Орка спорт, Орка холдинг, на Клиничка болница Аџибадем Систина, Кара и ПЗУ Систина Нефропулос, Кавадарци.

Вкупната бројка на приливот на парите од странство кои се предмет на истрага во СЈО е 6.155.908 евра, а одлив кон странство е 3.185.000 евра.

Овие суми, се уште се утврдуваат, но сепак се предмет на истрага под сомневање за перење пари и можно е сумата да се зголеми.
Освен двете фирми преку кои е влезено во трагата на 2,5 милиони евра, останатиот дел од парите води до другите фирми од Империјата.

Во август 2009 година Орце Камчев основа фирма Клиничка болница Систина, а основач на оваа фирма е оф-шор компанија која го продава својот дел на друга ваква компанија, па потоа на трета оф-шор компанија, која ја купува токму осомничениот Орце Камчев кој, пак потоа, ќе префрли 30.000 евра на сметка на Систина.

Парите на сметка на Систина биле префрлени од странската фирма Hospital Menagement Group LLC, CYRPUS, со адреса која води повторно во САД, а зад која стои името на Орце Камчев.

Пари се префрлале и преку фирми од Кипар, а за ова, велат од СЈО, имаат добра соработка и со службите во оваа земја.

Во 2010 се појавува фирмата Ексико, чиј основач е Делта, компанија основана од Илија Камчев, па дадена на Жарко Луковски. По ова, фирмата е дадена на Калвул ЛЛЦ од Америка, чиј краен сопственик е Орце Камчев. 

Истрагата на СЈО е во тек и од таму посочуваат дека според досегашната истрага, офшор компаниите ги води само еден човек, Орце Камчев.

Камчев и Мијалков подметнале документи за пренос на акции од Фершпед

Во дел од сложувалката за криминалот се споменува и името на Кираца Трајковска, потпретседателка на Надзорниот одбор и акционер во Фершпед. Во овој дел се работи за кривично дело измама, а главните актери според СЈО се Камчев и Мијалков.

Сомнежите кои СЈО ги испитувало се дека Трајковска, која е акционерка во Фершпед, сака да земе кредит од Стопанска банка Битола, за да се раздолжи во Еуростандарт банка. Камчев и Панделески ѝ кажуваат да ги заложи акциите кај физичко лице во Кипар, кој ќе влезе во Фершпед, ќе му ги купи акциите на Штерјо Наков и ќе му ја преземе компанијата. По ова Кираца во Стопанска банка Битола остава бланко уплатници и добива пари со кои се раздолжува во Еуростандарт банка. Таа сѐ уште ги има акциите, по што Штерјо го вика Мијалков и Камчев, за да ја изиграат Кираца и другите акционери, таа да им ги продаде акциите, а тие потоа да му ги продадат на Наков. Кираца ги вложува акциите во нова фирма, но заедно со тие документи добива и подметнати документи од Камчев и Мијалков за пренос на акциите.

Дека не е повеќе сопственичка на акциите Кираца дознава од берза наредниот ден во декември 2013 година. Кираца останува без акции, а Штерјо ги купува акциите за 4 милиони евра повеќе од вредноста. Во сопственоста влегуваат Орка, Ексико и Тимох.

За овој случај два пати била отфрлена кривичната пријава од ОЈО, а од СЈО велат дека на сето ова укажуваат 99 отсто од доказите.

Според доказите на СЈО, 4 милиони евра се испумпани преку Бетон Штип со злоупотреба на службена положба, а другите 4 милиони преку Фершпед.
Првичните истраги на СЈО покажаа дека осомничените во Империја испрале 8 милиони евра пари во Македонија и 2,5 милиони преку странски фирми.

Бизнисот меѓу Камчев и Мијалков почнува да се распаѓа во октомври 2017, а се разделуваат на почеток на јуни 2018 година.

Трагата на криминалот со парите преку фирмите на осомничените продолжува, велат од СЈО.

К.Додевска

(Продолжува)

Дел 2: „Империја" отвори и предмети за Камчев од 2003, биле затворени поради немање на докази

Дел 3: Истрагата на СЈО се проширува и за „Графички Центар" и „МПМ"

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе