Во врска со времето кога е отстранет споменикот, Шилегов изјави дека тоа е сторено во доцните часови за да не се кочи сообраќајот на улицата, поради трите големи возила што беа донесени за отстранувањето, како и да не се спречи работата на судовите што започнуваат со работа во утринските часови.„Постаментот од минатата влада беше поставен „шверцерски" во раните утрински часови, без никој да види, бидејќи знаеле дека е дивоградба", рече Шилегов.
Дрвото што ќе биде насадено на местото на постаментот ќе биде набавено од Нинберг и од видот гинко. Ќе бидат набавени повеќе дрвја од овој тип, кои ќе бидат насадени низ градот, а вкупната вредност на набавката изнесува 40 милиони денари.
Споменикот на Ќосето беше поставен ноќата меѓу 6 и 7 септември 2014 како дел од проектот „Скопје 2014" и како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Станува збор за контроверзна историска личност чие поставување предизвика низа реакции во јавноста, Ќосето е познат како ликвидаторот на ВМРО.