Сведоштво на храбриот пожарникар што прв влезе во превртениот автобус

„Сечевме седишта за да ја извадиме бремената патничка, чија глава беше заглавена под багажниот простор“

Тринаесетти февруари 2019 година, 16 и 40 часот, ден среда. Тишината во Противпожарната станица во Ѓорче Петров ја прекинува телефонски повик на 193. Се преврте автобус полн со патници на автопатот Скопје-Тетово во близина на селото Ласкарци.

Пожарникарите што се на смена за помалку од минута се подготвени и веќе се на пат. Ја вклучуваат сирената и со две возила се упатуваат кон местото на несреќата. Уште две возила тргнуваат од пожарната во Автокоманда. Вкупно 4 возила од Скопје и 12 пожарникари.

Движејќи се низ сообраќајниот шпиц и метеж низ главниот град, за околу половина час овие луѓе се на местото. Но на терен нема пожар, ниту оган. Има автобус паднат во бездна, искршен, смачкан, превртен на покрив, кој во внатрешноста крие страшна слика.

За да направат место за возилата на Итната медицинска помош, пожарникарските возила се оставаат малку настрана од местото, оти сега нема потреба од вода. Овде, за оваа интервенција, има потреба од смиреност, присебност и знаење да се даде прва помош. Сега не се гасне пожар, туку се спасуваат животи.

Пожарникарите трчаат кон местото на несреќата. На сите страни луѓе, лелеци и повици за помош, но тие се сконцентрирани на повредените лица, да им помогнат да излезат од под заглавените седишта, лимови, шипки и од сето она што ги потиснало при превртувањето на автобусот.

Ги скротуваат емоциите и газат со цврсти, тешки и големи чекори, кои водат кон огромна одговорност. Минале многу обуки, но ова, како што вели нашиот соговорник, никогаш не го претпоставиле, ниту го симулирале во текот на осумгодишното искуство што тој го носи зад себе.

Надвор се замрачува, а во автобусот просторот е темен. Плачот, криците од болка и повиците за помош за кратко ги прекинува слабата светлина од ламбата на Мартин Божиновски, 31-годишниот пожарникар од Скопје што прв успева да собере храброст и да се соочи со сликата во превртениот автобус.

Тој не знае што го чека внатре, не знае ниту колку патници се превезувале со ова возило, знае само дека треба да остане на висината на пожарникарската задача и со искуството, знаењето, помошта од колегите и сите расположливи средства, да вложат дури и натчовечки напори за да им помогнат на повредените да излезат од тука и да стасаат во рацете на лекарите.

Дел од стаклата се искршени, но дупките се мали и низ нив не се влегува во автобусот. Потребна е брза реакција и цврста одлука како да се влезе во автобусот. Со алатот во раце Божиновски почнува да сече дел од автобусот. Од местото каде што треба да влезе, до патничката на која ќе треба да ѝ помага има само 3 кратки чекори, но пробивањето до таму му се чини како вечност.

„Никогаш во мојата досегашна кариера немам видено ваква слика. Имам интервенирано во сообраќајки во кои во автомобил имало по 4 заглавени тешко повредени патници, учествував и во спасување луѓе и вадење давеници во поплавите во Стајковци, но она што тој ден го видов, никогаш да не ни се повтори. Од двете страни седишта, а под нив и на средина од автобусот заглавени, дел од нив веќе мртви. Ја протнав главата, вклучив ламба и гледајќи ја морничавата слика сфатив колку сме само една мала точка, колку сме немоќни од аспект на тоа дека имате повредени, а не можете истовремено да стасате и да им помогнете на сите. Се мешаат гласови и молби за помош. Во автобусот немаше место за двајца, можеше да влезе само еден. Користејќи хидраулични алати, почнавме да сечеме дел од лимот на автобусот, па потоа исековме уште две седишта и некако се протнав внатре“, раскажува храбриот пожарникар.

Ламбата што ја вклучил кога влегол во превртениот автобус за дел од патниците што биле живи и свесни била надеж за спас на нивниот живот, но за овој човек, трагична слика, која, како што вели, никогаш нема да ја заборави.

„Прво на што се сеќавам кога ја вклучив ламбата беше лик на жена (ја опишува во детали, н.з.). Ѝ го проверив пулсот, немаше пулс, не дишеше. Беше мртва. Кога видов дека има многу патници, одлука моја и на колегите беше да направиме тријажа, односно да им помагаме на оние што беа живи. Починатите ги вадевме од автобусот подоцна.

Ми се мешаа гласови, ми се чинеше како да слушам детски глас, но тој доаѓал однадвор. Си реков, морам да се сконцентрирам, а не да гледам на сите страни и да сум расеан. Да имав моќ, ќе им помогнев и ќе ги спасев сите заедно, но реалноста беше поинаква. Слушнав женски глас како ми вели: 'Помогнете ми, ме боли'. Видов жена чија глава беше потисната под багажниот простор што се наоѓа на горниот дел од автобусот. Беше бремена, и за среќа, надолу не беше повредена. Ѝ реков: 'Тука сме, ќе ти помогнеме. Немој да се плашиш, не си сама, ќе направам сè за да те извлечеме'. И така и беше. Многу е важно и да им зборувате, да знаат дека имаат поддршка, да го надминат стравот, кој е огромен во такви моменти кога се борат за живот. Се стуткав полека за да можам да се доближам доволно и да ги раширам шипките што ѝ ја притиснале главата. Колегите ми го подаваа алатот, кој тежи отприлика и до 30 килограми. Секоја секунда, но и секој наш потег беше важен. Бевме ограничени со просторот, а времето нè притискаше", ни раскажуваше пожарникарот додавајќи дека тој како поединец е ништо без своите колеги.

Тимската работа комбинирана со смиреност, стабилност и знаење е единствениот начин да се помогне. Нема простор за паника, ниту за грешки, а процените мора да се направат на лице место соочувајќи се со нешто со кое никој од овие луѓе не ни помислувал дека ќе мора да се соочи.

„Се сеќавам дека таа извади мобилен, но бидејќи беше заглавена во горниот дел на главата, сфати дека мобилниот не може да го доближи до уво и го врати назад во џеб. Нејзиниот исплашен поглед беше свртен кон мене и јас ѝ бев единствената надеж. Ги раширив шипките и полека ја одглавив. Ѝ помогнав и полека му ја предадов на колегата Владимир Кочовски, кој ѝ помогна да се симне од автобусот и да стаса до лекарите. Се надевам дека и таа и бебето се добри", се присетуваше Божиновски, кој вртејќи го погледот на страна, вели дека ги избегнува информациите за жртви по несреќата.

Враќањето назад во автобусот го соочува со уште две жртви, мажи, чии лица, како што ни раскажа, биле покриени со крв. Овие патници, според неговото сеќавање, се наоѓале во задниот дел од автобусот, кој според она што ние го забележавме на лице место ден по трагедијата, беше најоштетен од превртувањето.

Следниот патник што бил изваден од автобусот со помош на овој човек и неговиот тим бил помладо момче, кое било заглавено под седиштето со едната нога, на која имал скршеница.

Божиновски полека го извлекол и заедно со колегите помогнале да стаса до лекарите што тоа попладне беа на терен.

Пожарникарот сведочи дека имало и патници што биле заглавени надвор од автобусот, и на нив им помагале мештаните, како и другите пожарникари, лекарите...

Овој пожарникар, кој завршил средно медицинско училиште, вели дека во вакви несреќи многу е важно да се внимава како се извлекуваат повредените патници, особено ако се работи за повреди во р'бетот, вратот и во горниот дел од телото, бидејќи едно погрешно придвижување може да заврши фатално.

Освен сечењето на долниот дел од автобусот, се кршеле и стаклата за да може патниците да се извлечат надвор.

„Извлековме уште неколку живи, но многу повредени патници. На дел од овие луѓе нозете им беа, како да ви кажам, како гума, како извиткана змија. Овде не помагав само јас како Мартин, помагаа и другите пожарникари. Ние сме едно. Без моите колеги јас таму сум небитен и немоќен. Ако еден од нас затаи, тогаш успех во спасувањето животи нема да има", вели пожарникарот што во катастрофата што се случи кобниот 13 февруари извлекувал живи патници, но и мртви тела, кои животот го загубиле на лице место.

Интервенцијата на луѓето во униформа траела повеќе од еден час, но на нив им се чинела вечна борбата со животот и смртта. Живите, но тешко повредени патници се извадени од автобусот.

На раце ги изнесуваат починатите, кои не ги преживеале ударите од превртувањето на возилото. Нивните тела, по наредба на јавен обвинител, се носат во Институтот за судска медицина и криминалистика.

Фокусот на пожарникарот сега се насочува надвор од автобусот. На сите страни луѓе, семејства, кои, откако разбрале за несреќата, ги бараат своите блиски за да видат дали се меѓу живите. На терен се екипи што треба да извршат увид на лице место и да утврдат како се случила оваа несреќа.

Стегнат и во грч, Божиноски посегнал по шишето вода, кое, како што вели го носел во џебот од униформата. Ја испил во еден здив, и наместо да гасне на терен, како во други интервенции, сега го гаснел оганот во себе што избувнал од горчина поради загубените животи. Наспроти гласовите што им се мешале во заднината и околу нив, пожарникарот и неговите колеги полека се вратиле во возилата.

Во моите очи херој, но за себе и за својот тим овој човек вели дека се само професионалци во својата работа, кои се во служба секогаш кога се најпотребни.

Кога се вратил во противпожарното возило, Божиновски се присетува дека, иако не гаселе пожар, таа ноќ целата негова униформа била како потопена во вода.

„Организмот веројатно си нашол заштитен механизам и ете, успеал да се препоти многу пати во зима на тоа студено време и на ладниот ветар што дуваше таа ноќ. Имав болки во желудникот, веројатно бидејќи сум се стегал од сите тие слики што ги видов пред моите очи. Бев препотен, мокар, но на ништо од тоа во тие моменти не обрнував внимание. Дури потоа надвор забележав дека дува, но наместо да мислам на студениот воздух, му струеја мисли дали можевме да направиме нешто повеќе", додава тој.

По оваа интервенција, испил уште три литри вода, за да ја надополни течноста што ја изгубил за само еден час. Но, како што вели, ништо не може да ги врати животите што згаснаа таа ноќ и да ги врати блиските што починаа тогаш.

Сведоштвото за несреќата каква што ниту Македонија, ниту пожарникарите не паметат, Божиновски го заврши со надеж дека сите оние на кои со својот тим им помогнал се живи и ќе закрепнат.

Истакнувајќи ја крутоста на својот карактер, вели, прв, но веројатно и последен пат зборува за смената на 13 февруари 2019, со надеж дека никогаш повеќе нема да ја види во реалноста.

Во страотната нереќа кај Ласкарци загинаа, до сега, 15 патници.

Во оваа несреќа помагаа и за неа сведочеа и жителите на ова место, каде што автобусот на „Дурмо турс“ се преврте на покрив. Мобилизирани беа и лекарите, и мештаните, и пожарникарите и сите што се затекнаа на местото на трагедијата, сѐ со цел да се спасат животите на патниците. 

Увидот, кој траеше во текот на целата ноќ и наредниот ден, како и истрагата, која е во тек, ќе треба да ги покажат причините за несреќата. 

Катерина Додевска 

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе