По земјотресите на 11 ноември

Земјотресите не ги оштетија браните и каналската мрежа на ХЕС Маврово

Серијата земјотреси кои минатата недела беа регистрирани на мавровското подрачје засега не предизвикале оштетувања на објектите и структурата на најзначајниот хидро-енергетски систем во Македонија Маврово. Наскоро се очекува и двете најголеми хидроцентрали Вруток и Равен да почнат со производство на струја.

Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) информираа дека непосредно по првиот потрес, биле преземени активности за да се утврди состојбата на системот, евентуалните штети и преземање мерки. Изминативе денови специјализирани екипи вршат проверки на каналската мрежа, хидроцентралите и браните. Првичната оценка е дека нема деформации, ниту позначајни оштетувања. Двата значајни објекта, браните кај селото Леуново и Маврово Анови се во стабилна состојба.

„До денес нема регистрирано појава на оштетувања во нашиот систем, иако прегледите сè уште траат. Во прегледите, покрај нашите инженери, кои се овластени за оскултација, пратење на хидротехничките објекти во ЕСМ, вклучени се и професори и надворешни стручни лица“, наведуваат за МИА од кабинетот на генерален директор АД ЕСМ.

Најголемиот хидроенергетски систем во Македонија опфаќа три хидроцентрали (Равен, Вруток и Врбен) акумулацијата Мавровско Езеро, канали и цевководи долги над 130 километри и близу 170 километри пристапни патишта за одржување на системот. ХЕС Маврово е еден од позначајните производители на струја со производство кое на годишно ниво надминува 430 GWh електрична енергија.

Земјотресите не влијаеле во производството на електрична енергија, со оглед дека во овој период на неповолна хидролошка состојба и редовните ремонтни зафати системот не е во функција. Застојот во работењето на две хидроцентрали што во извесна мера спречил испаѓање од системот и штети. Повторно вклучување во режим на производство се планира за идната недела.

„ХЕ Вруток и ХЕ Равен се во тотален застој од 25 септември, додека ХЕ Врбен е во погон од 11 октомври. Откако ќе завршат редовните ремонтни активности, планирано е да влеземе во систем за производство од 26 ноември“, нагласуваат од ЕСМ.

Непосредно по серијата земјотреси во јавноста се појавија информации дека тие се последица и влијание на Мавровското Езеро една од најголемите хидроакумулации во земјава. Како аргумент беше наведено празното езеро кое сега наеднаш се полни, а тоа предизвикува оптоварување на земјините плочи и предизвикува притисок и поместување. Стопанската комора за енергетика на Македонија по земјотресот во западниот дел од земјава, реагираше на својата официјална Фејсбук страница.

Еден од пореномираните експерти од областа на земјотресното инженерство проф. Михаил Гаревски во појаснувањата и неговите настапи во јавноста ги отфрла таквите наводи и потенцира дека земјотресот не е за изненадување.

„Земјотресот од пет степени според Рихтервата скала, кој се почувствува во земјава е нормална сеизмичка активност на раседот Дебар – Елбасан и не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода. Тој расед Дебар-Гостивар-Елбасан е континуирано активна зона. Сметам дека е тектонски, а не индуциран. Индуцирани земјотреси се појавуваат при нагло полнење или празнење на езерата, таков случај имавме на Козјак, но овде тлото е релаксирано, езерото постои долго време“, изјави за „А1он“ професорот Михаил Гаревски директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП).

На 11 ноември од рано утрото, серија земјотреси ги вознемирија жителите на Македонија, а тресењето на тлото беше почувствувано и во соседна Албанија, Косово, Србија и Црна Гора. Дента, беа регистрирани најмалку 7 земјотреси со јачина од 2,7 до 5 степени по Рихтеровата скала. Епицентрите беа атарот на селото Леуново, во мавровскиот регион на 15-тина километри од Гостивар.

Во вториот по јачина земјотрес, кој околу 15:25 часот што го погоди западниот дел на државата, имаше одрон од камења го блокираше патот кој го поврзува Дебар со Маврово. Во Маврово, пак, земјотресите оштетија постари куќи и предизвикаа заматување на водата во локалните водоводи. Од извештаите на локалните власти не се наведени посериозни штети и урнати објекти, а не се пријавени ниту повредени.

MИА

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе