Станува збор за иновативна машина за одржување хигиена во урбани средини, која работи без воопшто да испушта јаглерод диоксид. Машината GM 500ze е првата целосно електрична машина од овој тип и веќе добро е позната меѓу градовите и институциите кои се стремат кон паметни и зелени решенија во процесот на одржувањето на хигиената во урбани средини.
Деновиве во американските медиуми вниманието беше насочено кон преземањето на функцијата на новиот претседател. Беа објавени голем број стории кои се фокусираа и на најситните детали од подготовките за инаугурацијата. Во една таква сторија на престижниот „Политико“ се појави и зелената машина на „Брако“.
Од „Брако“ велат дека GM500ze не се нашла случајно во Белата куќа, бидејќи нивните производи веќе подолго време се извезуваат на американскиот пазар. Благодарение на сертифицираниот квалитет, нечујноста и иновативната технологија што не загадува, „зелените машини“ ги чистеле пешачките зони и на други познати локации, како Бакингемската палата во Лондон, плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“, „Тајмс сквер“ во Њујорк итн.
Поради својот футуристички дизајн, овие возила го привлекуваат вниманието и на филмските режисери и се појавуваат во сцени од „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.
GM 500ze е претходникот на најновата иновација што ја произведе „Брако“, која пред неколку месеци беше презентирана во Европа и во светот. Тоа е машината GM 500H2 што работи на водород и испушта вода наместо издувни гасови.