Збирката на Пане Кукушев има 2.500 монети и банкноти, а некои се стари и 7 века

Штипјанецот Пане Кукушев речиси 30 години е во светот на нумизматиката. Собирањето стари пари како уметнички предмети го наследил од неговиот татко. Во 1993 година од својот татко добива околу 500 монети и банкноти, сега во неговата колекција има околу 2.500 примероци од 100 држави, кои и сега постојат, а има и примероци стари седум века.

По вокација е економист, а пасијата да собира стари монети и банкноти му е наследена. Но, како што вели, токму ова го предизвикало и подлабоко да ја истражува монетарната историја низ историските периоди.

„Нумизматичарите никогаш не размислуваат за паричната вредност на монетите и банкнотите. Јас размислувам на еден друг момент што кај мене се јавува, а тоа е љубопитноста да откријам и да имам примерок кој во свои раце ќе го држам. Имам многу дупли примероци и никогаш немам продадено примерок, секогаш подарувам. Не знам колку примероци имам досега подарено и никогаш тој момент на парична вредност не бил во прашање, туку љубопитноста да го имам, да комплетирам одреден период од одредена држава, од одреден владетел, и низ сето тоа да истражува за неа“, вели Кукушев.

Кога ги собира монетите и банкнотите го интересираат нумизматичките аспекти, но истражува и своето внимание го насочува и кон владетелите, кога биле ковани монетите или печатени банкнотите. Опфаќајќи го историскиот период пред и по владетелот кој му е предмет на истражување.

„Третиот момент, кој мене посебно ме интересира како економист по образование, е монетарниот систем во моментот кога е кована монетата. Така што за секоја држава имам дадено опис на монетарниот систем во моментот кога е кована или издадена парата“, истакна Кукушев.

Овие негови истражувања, знаење, веќе се преточени во книгата „Каталог на светски монети, колекција Кукушев“, а е објавена 2013 година. По објавувањето на оваа книга реди уште неколку книги, во кои открива и ја истражува нумизматиката од сите аспекти.

Штипјанецот Кукушев забележа дека нумизматиката е анонимна, поголем дел колекционери не откриваат дека се занимаваат со собирање стари пари, како уметнички предмети.

„Сепак, имаме и неразвиеност и невмрежување на колекционерите во земјава и сметам дека е на многу ниско ниво. Еден од мотивите кој ме натера да предложам нешто во македонското колекционерство или нумизматиката е тоа што ние немавме скала за оценување на зачуваноста на монетите или банкнотите. Во светки рамки, скоро секоја држава си има своја скала и меѓу нив има разлики. Тоа зависи од развиеноста на нумизматиката, достапност до одредени примероци и слично. Така што во 2015 година предложив моја скала, како би изгледал македонски терк на скала за оценување банкноти и монети. Врз основа на искуството од повеќе светски држави и врз основа на тоа да речам мое негативно искуство за развиеноста на нумизматиката и колекционерството во Македонија“, истакна Кукушев.

За неговиот предлог има две рецензии, од кои едната е од Институт за национална историја и втората е од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

„Скалата има некоја верификација, меѓутоа нема заживеаност во тие кругови“, вели Кукушев.

Во разговорот за МИА, Кукушев открива дека во историјата е познато дека над 500 држави постоеле или постојат за време на оваа цивилизација што ние ја знаеме.

„На територијата на Македонија, античка Македонија, сегашна Македонија најстариот примерок што е најден е некаде седми, осми век пред новата ера и е откупен од Народна банка на Македонија за нивната збирка. Тој континуитет на нашата територија постои и секогаш велам актуелната држава од 1991 година до денеска и ако зборувам од тој колекционерски аспект има еден примерок, кој е колекционерска реткост, за мене и ние дадовме придонес на разновидноста на монетите. Тоа е еден денар во 2000 година, кој е хибрид, бидејќи при ковањето на следната серија по излегувањето на јубилејното 2000 години христијанство, нашата ковница има заборавено да го смени грбот“, вели Кукушев.

Забележува дека кога го открил хибридот веднаш се јавил во Народна банка, од каде што добил информација дека се исковани над 7.000 примероци, од кои повеќе од половината се откриени, кога е завршен процесот на ковање, но неколку илјади се останати во оптек.

„Од тие примероци имам едно 30 – 40, бидејќи сакам да ги имам и да ги оставам во наследство на внуци, правнуци, да си имаат примерок, бидејќи тоа е нумизматичка реткост“, рече Кукушев.

Кукушев за МИА говореше и за монетите и банкнотите на кои ја има кралицата Елизабета Втора. Забележува дека има промероци и од Обединетото Кралство, но и од земјите кои се дел од Коменвелтот. Посочи дека за време на 70-годишното владеење на кралицата се појавува на пет монети, банкноти.

„Првиот примерок не е во оптек и тоа е пред децималниот систем на парите во Англија, кога биле шилинзи, гвинеи. По 1970 година преминуваат на децималниот и тој првиот протрет не е во оптек и тие се веќе колекционерски примероци, а во оптек се четирите“, вели Кукушев.

Тој посочи дека секој монарх кој е на монета или банкнота со погледот е свртен на спротивна страна од неговиот претходник.

„Кралицата Елизабета на сега постоечките гледа надесно, што значи дека новите монети на кои ќе биде прикажан Чарлс Трети ќе биде свртен налево, ќе треба малку време да се заменат монетите и банкнотите и ако се земе предвид од податоците на кралската ковница и банката на Англија во оптек се наоѓаат 4,7 милијарди банкноти и се наоѓаат околу 29 милијарди монети. Замената ќе трае подолго“, вели Кукушев.

На колекционерите им препорача доколку дојдат во допир со примероците од банкноти и монети од кралицата Елизабета Втора да си ги задржат, бидејќи тие ќе станат колекционерски примероци.

Неговото знаење од областа на нумизматиката го има преточено во книги, кои ги користат и студентите на Факултетот за економски науки, но и на Катедрата за историја и археологија во рамките на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.

МИА

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе