Андарк

Загадениот воздух заробен во античките долини на Македонија (ВИДЕО)

Поранешната југословенска република, бавна со реформите и заглавена во расправии со Грција, секоја зима се бори со најзагадениот воздух во Европа, вели дигиталниот магазин Андарк, кој „го истражува пресекот меѓу науката и општеството“.

Драган Ѓорѓев има уморна насмевка на човек што живее и работи на раздразливиот пресек меѓу науката за загадениот воздух и политиката за загадениот воздух. Неделава македонското Министерство за здравство објави план за субвенционирање и дистрибуција на околу 50.000 маски на лицето за филтрирање воздух за ранливите граѓани, а ова студено декемвриско утро три дена подоцна, од Ѓорѓев, професор по медицина на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и политички советник во Министерството за здравство, беше побарано да го информира политичкото раководство - и јавноста - за сериозните последици од загадувањето на воздухот.

Општо земено, веста за Македонија не е добра: според пресметките на Ѓорѓев, смртта на околу 2.000 Македонци секоја година, повеќето од нив во Скопје, може директно да се поврзе со штетната мешавина од чад што излегува од камините во домаќинствата, издувните гасови од огромната флота лабаво регулирани возила, немилосрдните емисии од електраните на јаглен, и низата од помали, честопати ад-хок индустрии. Во зимските месеци, кога ветровите забавуваат, а топлиот воздух во атмосферата го притиска постудениот, потежок воздух надолу во скопската котлина, маглата го покрива градот како јорган - постојана магла проткаена со остар мирис на пепел и хемија.

Според некои процени, бројот на жртвите е уште повисок. Но без оглед на прецизната метрика, вели Андарк, Македонија има репутација на земја со едно од најлошите просечни годишни загадувања на воздухот во Европа. Северозападниот град Тетово го освои највисокото место на некои листи, иако тоа најверојатно ќе исчезне по затворањето - можеби привремено - на фабриката Југохром феролегури, која масовно загадува. Во меѓувреме, за време на сивите зими, воздухот на Скопје често се рангира меѓу најлошите на планетава, а Ѓорѓев знае дека маските во најдобар случај се полумерка.

„Ако почнеме да ги користиме маските, сме ја загубиле битката“, вели тој, истакнувајќи дека понекогаш владините службеници бараат од него да ги минимизира бројките или на друг начин да ја ублажи својата мрачна порака. „Тоа значи дека нема колективни мерки“.

Колективните мерки се избегнуваат во овој планински, копнен регион, и покрај многуте години признавање дека загадувањето на воздухот ги убива Македонците - и покрај решителните ветувања на политичарите дека работите се менуваат.“

Во текстот на Андарк се споменуваат фабриките на јаглен на Елем кај Битола и таа во Осломеј како едни од најголемите загадувачи, но „и покрај сите извори на загадување, земјата бавно го согледува проблемот. Не е направен официјален попис уште од 2002 година, поради што тешко може да се дојде до прецизни процени за порастот на населението - и за порастот на загаденоста на воздухот. Следењето на квалитетот на воздухот во Македонија е релативно нова дисциплина. Постојат 18 официјални мониторинг-локации, секоја со различни инструменти дизајнирани да читаат различни загадувачки материи. Ова ги вклучува ситните честички од 2,5 микрометри или помали во дијаметар, или ПМ 2,5, кои се особено смртоносни во текот на долги периоди на изложеност. (Просечните годишни концентрации на ПМ 2,5 во Скопје надминуваат над 30 микрограми на кубен метар воздух - речиси три пати повисоко од сегашните регулаторни граници утврдени од Агенцијата за заштита на животната средина на САД.)

На пример, вели сајтот, на мониторинг-станицата во околината на Карпош во западниот дел на Скопје, Европската агенција за животна средина објави концентрации на ПМ 2,5 што во почетокот на декември со денови лебдеа над 100 микрограми на кубен метар воздух - вредност повеќе од осум пати повисока од она за што светските здравствени власти сметаат дека е безбедно. Изложеноста на ваквите загадувачки честички во текот на многу денови и недели може да чини навистина скапо. Впрочем, во извештајот на Светската банка за 2015 година се проценува дека загадениот воздух ја ограбил Македонија, земја со средновисоки приходи, која се мачи да ја подобри својата економија, за 3,2 отсто од нејзиниот годишен БДП, или 290 милиони долари годишно.

Трагата од овие бројки води директно кон човечки болести и загубена продуктивност. На протест во градот Битола на 6 декември, жителите ја нарекоа фабриката Елем „Македонскиот Чернобил“.

Според апликацијата развиена од Горјан Јовановски „Мој воздух“, властите не се до никаде со овој проблем. До денес, мал број од барањата се исполнети. „Нештата што видов дека ги прават се смешни“, вели Јовановски за локалните водачи. „Тие прават Винтерленд среде Скопје, побогу“, додаде тој во врска со поставувањето на скапата инсталација за забава и шопинг од 340.000 долари во центарот на градот, која содржи лизгалиште и машина за снег. „Сето ова загадување ги гуши луѓето, а вие ги трошите парите на Винтерленд?“

Недостигот од акција предизвика активистите да излезат на улиците со рачни монитори на загадувањето. Во почетокот на декември, тие пријавија концентрации на ПМ 2,5 повисоки од 500 микрограми за кубен метар во областа Аеродром - еден од најзагадените делови на Скопје и дом на 200.000 жители. Тие, исто така, го осудија како апсурдно ниско ветувањето на централната влада дека в година ќе посвети 1,8 милиони долари од буџетот за борба против загадувањето.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули ги признава критиките, вели Андарк, но истакнува дека за да се сменат работите, ќе требаат многу повеќе пари и време. Тој посочи на неколку нови мерки што неговото министерство планира да ги спроведе во 2019 година. Најголемата цел, рече тој, ќе биде половината од скопските домаќинства, од кои повеќето се сиромашни, што не се поврзани со системот за централно греење. Таквите домаќинства, кои горат дрва, јаглен, па дури и текстил и ѓубре за да се стоплат во студените зими, вели Макрадули, претставуваат повеќе од 40 проценти од проблемот со загадувањето на земјата, особено во брзорастечкото Скопје. Издувните гасови и индустријата се вториот и третиот најголем загадувач, вели Макрадули, и посочува неколку студии што го поткрепуваат ова. Спротивно на сомнежите на многу жители, додава тој, големата индустрија, вклучувајќи ја и цементарницата во Кисела Вода, не е голем загадувач.

Многу луѓе во Скопје се скептични кон ваквите тврдења, иако скептицизмот кон владата овде е нешто како национална разонода, вели Андарк.

Советникот за здравствена политика, пак, Драган Ѓорѓев, копнее по една Македонија што ќе ја следи големата слика. Тој вели дека е важен секој загадувачки сектор, затоа што умираат луѓе. Некаде меѓу 60 и 80 проценти од оние Македонци што умираат од болести поврзани со загадување на воздухот би можеле да имаат подолг живот ако земјата ги сведе нивоата на честичките до стандардите на ЕУ или на СЗО, рече тој. За луѓето што веќе починале, Ѓорѓев понудил прелиминарна статистика: тие можеле да поживеат уште 20 до 30 години ако не биле изложени на загаден воздух.

Тоа се сериозни вести, но нема да се промени многу, додава Ѓорѓев, сè додека секој Македонец не одлучи дека е важно. 

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе