Ова, како што соопшти владината прес-служба, е заедничката констатација од денешниот онлајн состанок на премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ со Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, како и со Тони Бошковски, претседател на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија и со претставници на овој синдикат.
На состанокот се разгледани можностите за решавање на прашањето со исплатата на платите на пожарникарите и на додатоците за плати, согласно постоечките законски можности на краток рок почнувајќи од ноември, како и за системско уредување на прашањето на среден и на долг рок, преку потребните законски измени што треба да се донесат преку Парламентот.
Од сите страни, се посочува во соопштението, беше покажана желба и волја за изнаоѓање прифатливо решение, преку компромисен договор за можните начини со коишто ќе биде овозможена исплатата на платите и додатоците на плата на пожарникарите, со оглед дека за нив постојат издвоени пари од Буџетот.