За заздравувањето на Нагорно-Карабах, во сржта на тридецениската војна помеѓу Азербејџан и Ерменија

Урнатините и рушевините во регионот Нагорно-Карабах денес сведочат за ужасите од триесетгодишната војна помеѓу кавказските соседи Азербејџан и Ерменија, која навидум конечно заврши минатата година со триумфот на азербејџанската војска.

 

Нагорно-Карабах е регион кој е меѓународно признаен како дел од Азербејџан, но кој до последната војна минатата година беше претежно населен со етнички Ерменци. За време на Советскиот Сојуз, советскиот лидер Јозеф Сталин на регионот му дава статус на автономна област во рамките на советски Азербејџан.

Кон крајот на 80-тите години и нагостувањето за почетокот на крајот на Советскиот сојуз пак, поточно 1988 година, почнува и првиот конфликт кога властите на автономниот регион носат одлука да се отцепат и припојат кон Ерменија, што станува и причина за огромна нетрпеливост и омраза помеѓу двата соседи.

Заедно со неколку погранични области, регионот е освоен од страна на Ерменија во 1994 година, која на оваа територија ја воспоставува самопрогласената Република Арцах. Речиси три децении подоцна пак, Азербејџан го возвраќа ударот и за време на минатогодишната војна ги освојува безмалку сите територии кои ги загуби за време на првата војна во регионот.

Со посредство на Русија, Азербејџан и Ерменија во ноември минатата година потпишаа и примирје со кое освоените територии му се враќаат на Азербејџан, а во останатите делови од регионот, меѓу кои и главниот град Степанакерт (или според Азербејџан – Ханкенди), се поставуваат руски миротворци.

За еден ваков развој на настаните и враќањето на загубените територии од страна на Азербејџан придонесоа неколку фактори. Меѓу пресудните пак, се модернизацијата на армијата и купувањето на скапа воена опрема како што се турски и израелски воени дронови, технологија која се покажа пресудна за добивањето на војната. Азербејџан за разлика од Ерменија има далеку помоќна економија, пред сѐ благодарејќи на големите резерви на нафта и развојот на оваа индустрија во земјата.

Со помош на ваквото вооружување, азербејџанската армија буквално ја прегазува ерменската војска за само 44 дена, приморувајќи ја Ерменија на капитулација.

За тоа колку оваа победа му значи на Азербејџан говори и паркот на трофеи кој е поставен насред Баку, а каде се изложени воените пленови – односно тенковите, топови и останатите оружја и опрема, меѓу кои и шлемовите кои се користени од страна на ерменските војници за време на последните воени судири.

Денес, азербејџанските власти се насочени кон тоа да ја возобноват уништената инфраструктура и полека да започнат со процесот на рехабилитација на регионот и враќањето на населението кое претходно беше протерано од своите домови за време на 90-тите.

Сликата од Нагорно-Карабах денес се напуштени градови, рушевини и урнатини, и безброј мински полиња.

Според некои проценки, повеќедеценискиот конфликт резултираше со повеќе од 35 илјади жртви и милион внатрешно раселени лица. Иако повеќето од нив веќе имаат и нови животи и семејства во други делови од земјата, дел од нив се подготвени да се вратат во своите стари домови.

Семејството на 26-годишниот туристички водич од Баку, Елдар Хамза е едно од нив. Родителите на Хамза потекнуваат од градот Физули, кој се наоѓа близу Нагорно-Карабах, и кој пред првиот конфликт имал повеќе од  17 илјади жители. Денес, Физули е практично град на духови, каде што можат да се видат само урнатини и знаци за предупредувања за нагазни мини.

Хамза, кој е роден во главниот град на Азербејџан, Баку, вели дека минатата деценија, неговото семејство речиси и изгубило надеж дека некогаш воопшто ќе се врати во својот дом во Физули.

„Во 1993 година, како внатрешно раселени лица, членовите на моето семејство се доселија во Баку. Како дете често слушав за тоа кога ќе се вратиме во Физули, оваа година, следната година, следното лето, следниот празник, и така натаму. Но некаде околу 2000-та моите некако се помирија со тоа дека ова можеби и никогаш нема да се оствари. Некои од нашите соседи од Физули живееја во студентски домови во Баку и едноставно ја гледаа сета оваа ситуација како привремена и на пример не сакаа да купат нов дом во Баку“, вели Хамза.

„Мајка ми почина во 2019 година, и пред нејзината смрт ми рече дека сака нејзините останки да бидат пренесени назад во Физули, каде што е погребан и нејзиниот татко“, објаснува Хамза, додавајќи дека оваа или наредната година тој конечно ќе добие и можност за да ја оствари последната желба на својата мајка.

За азербејџанските власти, пак, враќањето на населението во Нагорно-Карабах и останатите области како Физули ќе бидат доста голем предзвик, бидејќи првото нешто што мора да се направи е деминирање на регионот и изградба на основна инфраструктура.

Во Физули на пример властите веќе ја привршуваат изградбата на локалниот аеродром, а деноноќно се работи и на тоа во и околку градот да се исчистат сите мински полиња.

Според податоците на Азербејџанската национална агенција за чистење на мини (АНАМА), Нагорно-Карабах е еден од најтешко минираните региони во светот.

„Карабах е еден од регионите со најмногу нагазни мини, бидејќи тоа се правеше и во текот на 90-тите години, и минатата година. И покрај сите напори што ги направија нашите деминери, оваа година најмалку 20 Азербејџанци загинаа во експлозии на мини“, објаснува Натик Асадов, супервизор при АНАМА.

Градот Агдам, пак, е можеби најголемиот од сите овие градови духови во регионот. Пред почетокот на првата војна, во него живееле околу 30 илјади жители. Сега, градот е целосно разрушен, со исклучок на локалната џамија, којашто од страна на ерменската војска била оставена и користена како објект за ориентација во градот.

Повторната изградба на Агдам сега станува и симбол за плановите на азербејџанските власти за Нагорно-Карабах, како регион кој ќе биде атрактивен и за младата популација и кој во иднина ќе стане и еден од столбовите на економијата на земјата.

„Нашиот пристап, не само во Агдам, туку и во целиот регион на Карабах е дека ова треба да се направи на еден многу добро испланиран начин. Како што можете да видите, тука нема град, така што ова е град што треба да се изгради од пепел, и ние ќе го сториме тоа. Сакаме Карабах да го претвориме Карабах во рај, за да можат нашите граѓани кои беа принудени да ги напуштат своите домови пред 28 години, сега да можат да се вратат овде“, вели специјалниот претставник за Агдам, Емин Хусеинов.

„Во моментот најважна е основната инфраструктура, и наскоро кога таа ќе биде воспоставена, тогаш ќе се почне и изградбата на градот. Според нашите планови, Агдам ќе биде четвртиот по големина град во Азербејџан, со население од 100 илјади луѓе“, додава Хусеинов.

Но, тука е и прашањето за тоа какви ќе бидат идните односи помеѓу Азербејџанците кои ќе се вратат, и Ерменците кои сѐ уште живеат во некои делови од регионот. Според примирјето што беше потпишано од страна на Азербејџан, Ерменија и Русија, мандатот на руските миротворци во регионот ќе трае пет години, со можност тој потоа да биде повторно продолжен, ако постои согласност од сите страни во конфликтот.

Според Русиф Хусеинов, директор на тинк-тенк организацијата „Топчубашов центар“ од Баку, многумина во Азербејџан сакаат да веруваат дека крвавиот конфликт за Нагорно-Карабах е конечно завршен и дека сега и двете земји, Азербејџан и Ерменија, ќе можат да се фокусираат на подобрување на односите.

„Верувам дека за неколку години и таа област која е под руска заштита и ерменската заедница што живее таму, ќе бидат реинтегрирани во Азербејџан. И во текот на 90-тите и минатата година, беа загубени многу животи, десетици и десетици животи, главно млади луѓе, понекогаш и цивили. Овие животи беа изгубени не само на наша страна, туку и на ерменска страна, и верувам дека сега треба сите конечно да сопреме и да веруваме дека конфликтот заврши засекогаш“, вели Хусеинов.

Според него, двете страни сега мора да размислуваат за мирен соживот и економски развој на регионот. „Карабах, Агдам и сите останати области треба да бидат места на мир и пријателски соживот на сите заедници - Азербејџанци и Ерменци.“

Бојан Стојковски

Од Баку, Азербејџан за МКД.мк

(Авторор е фриленс новинар кој пишува за надворешна политика и технологија.)

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе