Реакција на граѓански организации

За заштита на Охридскиот регион да не се одлучува со Бадентерово мнозинство

Граѓанските организации сметаат дека предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион отвора простор за носење штетни одлуки и понатамошно уништување на единственото УНЕСКО подрачје во земјата.

„Им укажуваме на предлагачите на Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (Предлог-законот), кој требаше да влезе во собраниска процедура оваа недела, дека текстот на Предлог-законот не е ист со оној кој беше дискутиран на јавната расправа на крајот на 2018 година и презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку. Предлагачите во него додале член кој уредува примена на т.н. Бадентеровото мнозинство (односно двојно мнозинство) при носење на препораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион (Советот). Сметаме дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните. Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, чиј мандат е точно определен во членот 9 од Предлог-законот, односно тело кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на Охридскиот регион, но не донесува одлуки“, пишува во реакцијата потпишана од дваесетина граѓански асоцијации.

Тие сметаат дека ваквото законско решение ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираат штетни инфраструктурни проекти, а кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион и со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година.

Поради тоа, бараат од Министерството за култура, како предлагач на Предлог-законот до Собранието да го достави текстот на Предлог-законот кој беше предмет на јавна расправа и кој беше презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку во јуни 2019 година.

„Собранието во прво читање да расправа по текстот на Предлог-законот од ноември 2018 година кој беше консултиран со засегнатите страни и јавноста и кој беше доставен до Комитетот на УНЕСКО во Баку во јуни 2019 година. Владата да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување назаконските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот, а кои посебно влијаат на природнотото и културното наследство“, се наведува во реакцијата.

Како потписници се јавуваат: Центар за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ Скопје,  Движење за околината Молика – ДОМ Битола, EcoGuerila Тетово, Еко Живот Кавадарци, Извиднички Поречански Одред Крсте Јон Струга, Фронт 21/42 Скопје, Центар за климатски промени Гевгелија, Граѓанска иницијатива Охрид SOS, Еко ЛОГИК Скопје, Анима Мунди Скопје, поддржано од Блупринтгрупата за правосудство, Хелсиншки Комитет, Фондација Отворено општество – Македонија, Институт за европски политики ЕПИ, Здружение на млади правници, Коалиција сите за правично судење, Институт за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе