Меѓаши по случајот со грозоморниот настан и снимките од Куманово

За родителите што си ги силуваат децата и највисоката затворска казна не е доволна за превенција

Пред неколку дена јавноста беше згрозена од настанот во кој татко на 39-годишна возраст од Куманово изврши полов напад врз малолетната ќерка, а чинот го снимал и го објавил на социјалните мрежи. Осомничениот заврши во притвор, а во тек е истрага за овој случај, но се чини дека траумите кај девојчето никогаш нема да поминат. Редакцијата на МКД.мк во врска со овој настан став побара од Првата детска амбасада Меѓаши, која ги штити правата на децата.

Од таму велат дека проблемот е психолошки.

„Во вакви случаи проблемот е психолошки и мерката притвор, висока казна или слично, не е доволна за превенција, зашто вообичаено тие мерки се носат откако настанот ќе се случи и не можеме со сигурност да тврдиме дека во иднина ќе спречи појава на слични дејствија кај други сторители. Како што рековме, станува збор за психолошко нарушување. Превенцијата е комплексна, од едукација на децата и младите, на возрасните што работат со деца за да можат да ги препознаваат раните знаци на можна сексуална злоупотреба, потоа постоење на служби и лица на кои децата и младите ќе можат да им се обратат без страв и чувство на срам и / или грижа на совест, воопшто градење доверба на децата и младите во возрасните.

Тоа значи дека треба да се јакнат стручните служби во училиштата, да се отвораат дебати и јавно да се говори во едукативен контекст за овие појави за да може да се охрабрат децата и младите да се обратат кога ќе се почувствуваат загрозени. СОС-телефонот за деца и млади постои 28 години и сме имале случаи во минатото кога и самите деца/млади се обраќале за слични проблеми и иако треба подолго време за да се отвори детето/младиот човек, не сме се откажувале. Разбираме дека неопходно е пред сѐ детето/младиот да стекне доверба, да почувствува дека од другата страна има некој што го слуша и сака да му/ѝ помогне. Некогаш потребно е подолго време, некогаш полесно се отвораат“, велат од Меѓаши.

За тоа што да се прави со овие деца, кои минуваат низ ваква траума што никогаш нема да им се избрише, од Првата детска амбасада велат дека овие деца мора да добијат психолошка поддршка и да се ослободат од чувството на вина.

Овие деца мора веднаш да добијат психосоцијална поддршка, а потоа и подолго време, онолку колку е потребно, за да можат да го преработат искуството што го имале, што не е лесно и бара време, стручна помош и надзор. Во секој случај, не треба да се потиснува, игнорира, и треба да е во насока на ослободување од чувството на вина и самообвинување, кое скоро редовно жртвите го имаат. Сѐ со цел жртвите да се заштитат максимално, имаат право на посебни права на процесна заштита при давањето исказ“, појаснуваат од Детската амбасада.

Посебни права на ранливи категории жртви (чл. 54 од ЗКП)

Жртвите имаат право на посебни мерки на процесна заштита при давањето на исказ и испитувањето во сите фази на постапката, ако:

1) во време на давањето на исказот се на возраст под 18 години;

2) со давањето исказ или одговор на определено прашање би се изложиле себеси или блиско лице на сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет.

Постојат процедури за постапување со дете-жртва.

„Поради возраста, природата и последиците на кривичното дело, физичкиот или психичкиот инвалидитет или друга значајна здравствена состојба, општественото и културното минато, семејните околности, религиозните уверувања и етничката припадност на жртвата, однесувањето на обвинетиот, членовите на семејството или пријателите на обвинетиот кон жртвата би имало штетни последици врз нивното психичко или физичко здравје или негативно ќе влијае врз квалитетот на дадениот исказ (особено чувствителни жртви). Посебните мерки на процесна заштита ги определува судот по предлог на јавниот обвинител или на жртвата (кога е дете, може и по барање на родителот или старателот) или по сопствена оцена кога е потребно да се заштитат загрозените и особено чувствителните жртви. При одлучувањето за определување на посебните мерки за процесна заштита од ставот (2) на овој член, судот мора да ја земе предвид волјата на жртвата. Судот мора да определи посебна мерка на процесна заштита во случаи кога детето-жртва има потреба од посебна грижа и заштита или кога детето е жртва на трговија со луѓе, насилство или сексуална злоупотреба. Во случаите од ставот (4) на овој член, судот мора да определи поединечно или заедно со друга посебна мерка на заштита, видео и тонски запис на исказот и испитувањето на детето за да се користи како доказ во постапката.“

Во исклучителни случаи, поради нови околности, судот може да нареди повторно испитување на детето-жртва најмногу уште еднаш преку користење технички средства за комуникација.

Спроведувањето на посебните мерки на процесната заштита на децата-жртви е уредено со посебен закон.

Посебни права на жртвите на кривични дела против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право (чл. 55 од ЗКП)

Жртвата на кривични дела против половата слобода и половиот морал, човечноста и меѓународното право, покрај правата од членот 53 на овој закон, ги има и следниве права:

1) пред испитувањето да разговара со бесплатен советник или со полномошник, доколку во постапката учествува како оштетен;

2) да биде испитувана од лице од ист пол во полицијата и во јавното обвинителство;

3) да не одговори на прашања што се однесуваат на личниот живот на жртвата, а не се поврзани со кривичното дело;

4) да бара испитување со помош на визуелно-тонски средства на начин определен со овој закон и

5) да бара исклучување на јавноста на главната расправа.

Околу тоа каде Првата детска амбасада Меѓаши го гледа проблемот во ваквите случувања, дали е системски, од таму велат дека проблемот е многу комплексен и се работи за соодносот на моќ меѓу возрасниот и малолетното лице.

„Проблемот е многу сложен, пред сѐ, се јавува во интимна, семејна средина. Тоа подразбира комплексни односи и чувства, потоа тука е и соодносот на моќ меѓу возрасниот и малолетното лице, но и семејниот однос меѓу возрасниот и малолетникот. Неретко сторителот многу умешно ги прикрива овие нагони и навистина е тешко некој од надвор да забележи нешто сомнително. Доколку околината во која живее малолетното лице не е сензибилизирана и едуцирана да ги препознава најмалите, суптилни знаци дека можеби малолетното лице е жртва на сексуална злоупотреба или насилство, за жал многу доцна стигнува информацијата до надлежните институции за да може да реагираат“, додаваат од Меѓаши.

Потсетуваат дека и улогата на медиумите е многу важна и во делот на информирање но уште повеќе во делот на едуцирање, на разбивање на табуата и отворена дискусија за сѐ што е „болка“ на општеството.

„Кога го велиме ова, сакаме да истакнеме дека многу е важен јазикот што медиумот го употребува, контекстот и континуитетот. Сметаме дека за сите осетливи теми и немили настани и појави треба во континуитет да се зборува на медиумите и пред се во едукативен контекст, со смирен тон, без сензационалистички призвук и тон. Она што ни се случува на општествено ниво е одговорност на сите нас и како институции, во сите професионални улоги и како граѓани. Станува збор за човечки животи, реални чувства, потреби и судбини“, потсетуваат од Детската амбасада.

Овие настани, според нив, токму заради комплексноста на овој вид насилство и злоупотреба, може да се спречат само преку едукација.

„Мора да се почне од образованието зашто само преку едукација може децата да стекнат и знаења и вештини и да бидат охрабрувани да пријавуваат и најмал облик на насилство или злоупотреба од кој било, вклучително и од лица од потесното или поширокото семејство. Но за тоа треба во континуитет да ја градиме довербата на децата во возрасните во секој поглед. Со одделенските или класните раководители ова треба да е редовна тема на разговор на соодветните часови (класен или одделенски), без притисок се разбира, доволно е учениците да знаат дека ако некој има таков проблем и кога ќе има потреба да знае кому да се обрати“, апелира Меѓаши.

„Понатаму, секое училиште (основно и средно) треба да има протокол, постапка како се постапува во секаков вид насилство, вклучително и сексуалното и оваа процедура да биде јавно достапна и сите ученици да се запознаени. Треба да се работи и со родителите на нивно едуцирање и сензибилизирање. стручните служби да отвораат вакви теми - дебати, едукативни работилници, истражувачки проекти и слично и тоа да биде во континуитет. Децата имаат потреба да разговараат за сите теми и проблеми со кои се среќаваат во својот живот. Останува на нас, возрасните да им покажеме дека сме тука за нив, секогаш кога имаат потреба, дека сме тука да ги ислушаме, пред се, па потоа заедно да поминеме низ процесот со нив. Треба и центрите за социјална работа да преземаат повеќе едукативни и советодавни активности и не само во случаите на коишто работат, но и во соработка со училиштата да вршат и едукација на наставници, стручни служби во насока на превенција“, велат од Меѓаши.

Настанот со таткото од Куманово беше објавен пред пет дена. Тогаш кумановецот заврши во притвор поради сомнение дека извршил полов напад врз дете што не наполнило 14 години, како и производство и дистрибуција на детска порнографија. Според Обвинителството, тој во својот дом во Куманово неколку пати извршил полови дејствија врз својата малолетна ќерка, ја снимал со мобилен телефон, а видеата ги направил достапни на социјалните мрежи.

„Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 39-годишен кумановец, поради постоење на основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – полов напад врз дете што не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 став 1 и производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 1 во врска со став 45 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот во својот дом во Куманово, во повеќе наврати во временскиот период од мај до јуни 2021 година, извршил друго полово дејствие врз дете, негова ќерка. Притоа ги снимал дејствијата со мобилен телефон, ги дистрибуирал направените видеа преку социјална мрежа и ги направил достапни на повеќе лица“, соопштија од Обвинителството.

К. Додевска 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе