Возењето и алкохолот не одат заедно: засилени контроли за пијани возачи

Се одземаат возачки, се плаќаат и стотици евра парични казни, сепак и понатаму често се откриваат возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Кога полицијата ќе открие возач под дејство на алкохол, тоа сигурно значи дека нема да може да управува возило од три месеци до една година во зависност од состојбата во која тој е откриен.

Само во текот на јануари 2022 година вкупниот број на откриени и санкционирани алкохолизирани возачи во Тетово и Тетовско, во редовни и акциски контроли, изнесува 57.

Бројките на анализираните податоците при Секторот за внатрешни работи Тетово укажуваат дека во овој регион просечно секој ден има повеќе од едно лице, откриени возачи кои возеле пијани.

Во текот на минатата 2021 година полицајците на СВР Тетово во текот на сите 365 денови изрекле 468 казни на возачи за управување под дејство на алкохол. Сите се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци, по што тие се соочиле со предвидените парични глоби, кои за овој вид сообраќаен прекршок се движат од 225 до 375 евра во денарска противвредност, зависно од степенот на нивната алкохолизираност и со времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.

Во СВР Тетово има информација дека во 2020 година изречени се 165 вакви казни, што укажува на драстичниот зголемен број, но тука предвид треба да се земе тоа што тогаш имаше помалку можност за движење поради полициски час и состојбите поврзани со пандемијата.

Од полицијата потсетуваат дека ако возач е затекнат во пијана состојба, не може да ја избегне казната бидејќи веднаш се исклучува од сообраќај со одземање на возачката дозвола. Тој добива прекршочна пријава до основен суд каде се определува должината на временскиот период во кој не ќе може да ја користи возачката дозвола и тоа нема да може да управува со возило. Воедно, доколку за осум дена не се плати половина од пропишаната казна од страна на полиција, возачот на суд се соочува со потребата да го плати целиот износ кој за ваквите прекршоци се движи од 225 до 375 евра.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел до возачите да не седнуваат зад волан во алкохолизирана состојба, зашто на тој начин непосредно ја доведуваат во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.Ова, посебно се однесува на младите возачи-почетници, но и воопшто. СВР Тетово и во наредниот период ќе продолжи со интензивни превентивни и контролни активности, со цел да се пресретнат возачите во намерата да управуваат под дејство на алкохол, пред се, меѓутоа и навреме да бидат исклучени од сообраќај , согласно член 228 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата е установата која континуирано текот на целата година прави превентивни кампањи за надминување на ваквите состојби во насока на спасување што е можно повеќе човечки животи како и помалку повредени лица низ државата.

Портпаролот на Советот, Дејан Андоновиќ, за кампањите во кои се советуваат возачите да не возат ако пиеле алкохол, вели дека акцентот се става на тоа дека едноставно возењето и алкохолот не „одат" заедно.

Континуирано правиме апели пред се за возење во алколхолизирана состојба во кои апелирама да не седнува зад волан доколку конзумирате алкохол или да не конзумира алкохол доколку седнувате зад волан. Особено овие апели ги упатуваме за пред некои од празниците кога знаеме дека луѓето прославуваат или се опуштаат и во таква една опуштена состојба и не дај Боже да дојде до евентуални несакани последици. Секогаш апелираме кога одите на прослава и планирате да конзумирате алкохол да ве врати дома некој што е во вас, а не конзумирал алкохол или пак со такси, бидејќи полесно е така одошто да дојде до несакан инцидент. Затоа и апелираме да се вози одговорно, да не се конзумира алкохол доколку се вози и да не вози доколку се конзумира алкохол. Возењето и алкохолот едноставно не одат заедно, истакнува Дејан Андоновиќ.

Членот 228 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели дека возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол. Се смета дека е под дејство на алкохол човекот за кого со анализа на крвта, урината или друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0,50 промили.

Поригорозни се казните за одредени возачи како што се млади возачи, возачи кои управуваат возила за јавен превоз на патници и транспорт на стока, како и таксисти. За овие групи возачи казната се одредува и за помало количество на алкохол ако има во организамот 0,10 до 0,50 промили, при што се соочува возачот со парична казна од 200 евра како и задолжителното исклучување од сообраќај со одземање на возачка дозвола од три месеци до една година, вели Марјан Јосифоски.

Најчестата причина за сообраќајни несреќи брзото возење и возењето под дејство на алкохол според претставниците на институциите се најзначајните фактори кои влијааат за најтрагичните последици-губење на човечки животи.

Според бројките на загинати Северна Македонија статистички ги намалува фаталните последници но актуелните случувања укажуваат дека далеку сме од приближување до идеалната состојба на што помалку загубени животи. Во 2021 година има 111 загинати додека во 2020 имало 125 изгубени човечки животи во сообраќајки. Во споредба со 2013 кога имало 198 претставува намалување, но брзото возење и понатаму убива. Дел од европските земји се во процедури возењето низ град да се ограничи и до 30 километри на час. Низ град возење со над дозволените 50 километри на час е голем ризик што подразбира да не може да сопре навременио или да биде ударот фатален, објаснува Дејан Андоновиќ.

Во Србија дозволено количество на алкохол во крвта е 0,03 проценти и 0 проценти за професионални возачи. Во Грција е 0,05 за нови возачи (дозвола до 2 години) и моторцилкисти 0,02 проценти, додека во Шведска дозволено количество на алкохол во крвта е 0.02 проценти.

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе