Кавадарчанецот кој што донираше 510 компјутери

Волонтерот Борче: Нема збор за чувството кога ќе му дадете компјутер на дете и ќе измамите насмевка, песна, цртеж...

Денес е 5 декември, Меѓународниот ден на волонтерството. По тој повод одлучивме да ја објавиме приказната на Борче Стаменов, волонтер и хуманитарец од Кавадарци, кој поправа и донира компјутери.

Со него испивме едно онлајн-кафе, бидејќи денес во време на корона така налагаат протоколите. Далечината не го спречи да биде карактерно позитивен, да нѐ насмее и да ни ја покаже својата скромност. Кога го побаравме, ни рече дека ако нема рефлектори и камера сѐ ќе ни раскаже, а ако има, исто ќе ни раскаже, ама подобро му е кога не е на ТВ.

Го вративме малку наназад во 2016, кога ја почнал акцијата „Донирај компјутер“. Во неговиот дом место нашле околу 20 компјутери што веќе не ѝ користеле на фирмата во која работел, па наместо да ги фрли, тој ги однел дома. Еден по еден ги стокмил и станале функционални. Кога се прашувал што да им прави, одговорот го добил од самохрана мајка од Кавадарци, која му побарала компјутер.

„Самохрана мајка на три деца од Кавадарци дојде и ми побара компјутер. Ѝ реков дека ќе ѝ дадам и кога го донесовме во нејзиниот дом, насмевката на тие деца ми беше одговор дека тоа е она што треба да го правам. Така ја создадов страницата на Фејсбук „Донирај компјутер“ и возот тргна“, ни раскажа со насмевка нашиот соговорник.

Тој вели дека првата тура компјутери што ги поправил биле во Кавадарци и дека се давале од еден на друг, со муабет дека Борче има готови компјутери и ако на некого му треба, може да добие.

„Ги дадов првите 40 компјутери. По ова си реков ајде, можеби е доста, но и натаму добивав пораки. На страницата што ја креирав направив и систем со автоматски одговори, ако барате компјутер да ви биде испратено што ви е потребно и ако сакате да донирате, моите податоци и телефонски број за да се договориме. Условот за да добиеш компјутер е да имаш документ дека се работи за социјално семејство, семејство со еден родител, самохран родител... И почнаа да ми донираат фирми, граѓани“, вели Борче.

Хуманиот компјутерџија вели дека не постои збор со кој може да долови како е од нешто што некој сака да го фрли и буквално го смета за ѓубре, да можете да направите нов и функционален компјутер, да му го дадете на дете, да измамите насмевка и среќа и за тоа да ви посветат песна, цртеж...

„Си велев ајде да стасам до 100 компјутери и доста е. Па после, ајде до 500 и доста е. Сега, кога имам донирано 510 компјутери, си велам дека да стасам до 1.000 и ај доста е. Но знам дека ни тогаш нема да биде доста“, раскажува Борче.

Освен харизмата и скромноста, кај овој човек можете да забележите и искреност и храброст. Доказ за тоа беше животната приказна за неговото здравје, која реши да ни ја раскаже.

„На 25 години имав проблеми со кочење на едната рака. Бев на лекар и ми беше дијагностициран тумор на мозокот. Ми кажаа дека итно треба да се оперирам и си реков, па добро сега, тумор - тумор, што да правам. Можеби до тука ми било речено. Отидов на операција и кога заврши сѐ и лежев со завој на глава (на нас ни вели чалма, со смеа на своја сметка), успеав да соберам храброст да им кажам и по некој виц на лекарите и сите се смеевме. Не знам од кај ми е таа сила, но ете таков сум“, ни раскажа овој хуманитарец.

Битката со туморот ја посочува како „виновникот“ да стане тоа што е денес, односно да сфати дека нема ништо поважно од здравјето, среќата и насмевката.

За себе вели дека не гледа вести, дека го интересира народот, а не политиката и функционерите, и низ смеа се согласивме дека можеби во денешно време најдобро е така.

„Да бидам искрен вести, не гледам. Мојата работа е народот и среќата на децата, не ме интересираат политика и вести. Сѐ правам сам, од примање пораки, до список каде треба да донирам, до поправање и достава. За себе можам да кажам дека сум самоук компјутерџија, кој може да биде и келнер, метлар, програмер, графичар... Во фирмата во која работам почнав со маркетинг, а не ми е проблем да сработам што и да е потребно. Денот го почнувам со пораките што ги добивам на Фејсбук, па потоа со распоред што треба да се направи и донира. За таа намена ја користам и паузата за кафе на работа. За ова што јас го работам, а од кое не сум заработил ниту денар, треба да имаш мерак и да сакаш да го правиш“, вели тој.

За него е потешко да се расправа со луѓето, кои како што вели знаат да му додеваат и по неколку пати во денот да го прашаат кога ќе добијат компјутер, отколку самата поправка на компјутерите.

„Во еден ден сум поправал и по 20 компјутери и тоа не ми е тешко. Она што ми е тешко е неразбраноста кај дел од луѓето. Ако треба да работам, значи дека немам многу време да објаснувам по пораки. Факт е дека до сега секој што ми побарал компјутер, тоа и го добил. Мене не ми е битно кој си и што си, туку одам по ред. Секој што ги исполнува условите добил компјутер. Пред некој ден ми пиша некој дечко и ме прашува дали не сум му дал компјутер бидејќи е Албанец. Не ми е битно ни вера, ни нација, ни кој кого познава и слично. Секако дека и тој доби компјутер“, додава Борче.

Со работата што ја работи веќе 4 години вели дека стекнал доверба кај многу фирми, кои донираат компјутери и му помагаат, а со тоа тој може да им помага на децата на кои тоа им е потребно.

Да сакал да заработи пари, Борче вели дека ќе одберел да работи нешто друго, а не да биде хуманитарец. Понекогаш оди и во минус, но вели дека воопшто и не размислува за тоа.

Децата на кои им испратил компјутери, вели, знаат и кога за роденден ќе добијат чоколада да кажат: „Нема да ја јадам, ќе ја чувам за чичкото што ми го подари компјутерот“.

Како омилена валута на неговиот фејсбук-профил стојат цртежите и песните што децата му ги посветиле, кои велат дека немаат зборови за неговата добрина.

Посебно место, вели, им чува на оние што го користеле донираниот компјутер, па им тргнало и успеале да си купат нов, па го бараат за да го вратат и да може да биде дониран на друг на кој му е потребен. За него, тоа има непроценлива вредност.

Среќата и позитивната енергија ги црпи токму од искреноста на децата на кои им донирал компјутер и им измамил насмевка на лицето.

Разговорот го завршивме со тоа дека нема крај и дека илјадарчето е само изговор. Денес раскажува дека се смее и не може да си поверува како почнал, а до каде стасал сам, градејќи доверба и добивајќи поддршка од фирми и граѓани што сакаат да донираат стари компјутери.

„Сега си викам еј, ај до илјадарче да стасам и доста е. Ама не. Нема да е доста. Па донирањето компјутери е мојата среќа, а е добро и за човеците“, завршува Борче со смеа, онака како и што почнавме.

На крај ни порача дека секој треба да си ја врши својата работа, тој да поправа и донира компјутери, ние медиумите да го бараме ако сметаме дека ни е интересен лик, децата да се смеат и да се среќни...

А за среќа, како што вели, треба малку, само потребно е да сакаме да го направиме тоа.

Катерина Додевска 

Фото: Види Вака

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе