Ќе треба да ги санкционира матичната земја

Британски војници од вежбата на Криволак искршија ресторан и направија сообраќајка со украдено возило

Од вежба на Криволак до кражба на автомобил и кршење во ресторан. Неколкумина британски војници деновиве беа предизвикувачи на неколку инциденти по што завршија во полициска станица. Според наши информации британските државјани за кои извести полицијата, се војници кои биле дел од воената вежба „Брз одговор 22", што се одржува на Армискиот полигон „Криволак". Во период кога вежбата заврши и следува процес на враќање на опремата овие лица ги искористиле вечерните часови за прошетки. Но, билтенот на МВР вели дека седуммина од нив завршиле во полициска станица. Четворица поради украдено такси возило, а тројца поради кршење во ресторан и напад на полицаец.

На прашање на редакцијата на МКД.мк од Министерството за одбрана ни одговорија дека поведувањето постапки и евентуално санкционирање на странските војници е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците.

„Сите војници кои доаѓаат од сојузничките земји на обуки и вежби во Северна Македонија потпаѓаат под НАТО СОФА – договорот (Договор за статус на сили), кој важи за сите земји – членки на Алијансата. Домашните институции кои имаат обврска да го одржуваат јавниот ред и мир и во случај на негово нарушување можат да интервенираат и да спречат ескалација, но нивната надлежност е ограничена. Поведувањето постапка и евентуалното санкционирање е во надлежност на државите и институциите на земјите од каде што доаѓаат војниците", стои во одговорот од МО.

Полицијата во Неготино на 20 мај приведе тројца државјани на Велика Британија, Џ.Л. (29), Б.С. (24) и Б.Ф. (29), затоа што се однесувале агресивно и оштетиле инвентар во угостителски објект во градот, а Џ.Л. нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејства.

МВР тогаш извести дека тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 23 мај, беше регистриран нов инцидент во кој беа вклучени војници од Обединетото Кралство. На улицата „Методија Андонов Ченто", полицајци од полициската станица Гази Баба, Скопје, привеле четворица британски државјани, Х.М. (18), Д.М. (19), Л.Б. (19) и К.П. (18).

Тие одзеле такси возило „фолксваген голф" со скопски регистарски ознаки од Џ.М.(39) од Скопје, по што со возилото удриле во банкина на подрачје на Гази Баба.

Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Ниту во едниот, ниту во другиот случај, според одговорот од МО за нив МВР не може да поднесе пријава , бидејќи како што велат, нивната надлежност е ограничена. 

Вежбата „Брз одговор 22" беше претставена како досега најголема мултинационална вежба во државава од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која се реализираат воздушни десанти во овој обем.

Во воената вежба на „Криволак" учествува 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваа над 700 падобрански скокови.

Вежбата „Брз одговор 22" имаше за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.

 

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе