Во Охрид остана само лошото владеење, стратешките документи за УНЕСКО под секое ниво

И додека Охридскиот регион е пред губењето на УНЕСКО статусот, според проценката на Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС, надлежните институции во Македонија продуцираат стратешки документи кои ни оддалеку не можат да одговорат на задачата која им е поставена. А задачата е да се дефинира рамка со која ќе се гарантира воспоставување на одржливо управување со Охридскиот регион, контрола на урбанизацијата, запирање на вртоглавиот процес на деградација, унапредување на природните квалитети и трајна заштита на светското наследство во иднина.

Граѓанската иницијатива Охрид СОС, највлијателната неформална волонтерска активистичка група од регионот која веќе пет години е континуирано посветена на заштита и унапредување на исклучителната универзална вредност на единствениот УНЕСКО регион во Македонија, на 2 декември поднесе повеќе од 100 страници свои коментари на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 година и Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за План за управување со природно и културно наследство во Охридскиот регион 2019-2028 година до Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура на РМ.

Овие два документа се многу далеку од неопходното ниво за едно од најзначајните природни жаришта на европско тло, воедно и центар на шест илјади години цивилизациско наследство. Планот и Стратегиската оцена кон Планот се изработени крајно површно и непрофесионално и како такви не може да гарантираат трајна заштита на Охридскиот УНЕСКО регион.

Од самото конципирање на документите до начинот на кој се спроведува процесот за нивно усвојување, вклучително консултации со јавноста, двата документа се олицетворение на практики што не им доликуваат на лица кои имаат статус на експерти, практики што во никој случај не ѝ доликуваат на влада која се претставува како целосно посветена на темелна и сеопфатна заштита и унапредување на единствениот УНЕСКО регион во нашата земја. Дилетантизам од највисок степен, повез без содржина, кој не би поминал ни како семинарска на студент од прва година“, велат од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Една светла точка во документот е неговиот придонес во врска со мониторингот, кој е и внимателно и соодветно осмислен. Доколку се спроведе, тој би можел да овозможи динамична основа на знаења со што би се подобрило носењето на одлуки и можноста за проценка на ефективноста на предложениот Акциски план.

Исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион, еден од само 39 локалитети на мешано (природно и културно) светско наследство на планетата Земја, заслужува да биде препознаена и заштитена со План за управување изработен според светски стандарди. Предложениот План за управување е многу под нивото на очекуваниот квалитет, велат од Охрид СОС и од надлежните органи бараат да ги повлечат непрофесионално изработените документи и да ја започнат процедурата за нивно конципирање од почеток.

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе