Греење

Во Македонија и натаму најголемиот број на граѓани се греат на дрва

Дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење, покажуваат податоците од публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“. Експертите велат дека греењето со огревни дрва се уште е економски најисплатливо, а со електрична енергија е еколошки најприфатливо.

Според нив, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.

Посочуваат дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се сече на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Цената во ЈП „Национални шуми“, согласно нивниот повик не смее да биде повисока од 2.900 за буково и 3.000 денари за дабово дрво. Одлуката на Владата, е цената да биде 2.270  денари со ДДВ за кубен метар буково и 2.470 денари за дабово дрво, а дополнително се плаќа за товарот и транспортот. Со сите давачки изнесува 2.670 за буково и 2.870 за дабово огревно дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за  кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.

Познавачите велат дека во земјава најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

Тешко да се оцени колку домаќинства се греат на струја

Особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее. Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.

Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,77 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 120 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 140 денари за загревање или 4.200 денари месечно, односно околу 25.200 годишно.

Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее. Државата годинава субвенционира набавка на инвертер клими до вредност од 62.000 денари. Средствата за субвенции во износ од 10 милиони евра се обезбедени преку АД ЕСМ и со нив се предвидува да бидат опфатени 5.200 домаќинства од Скопје, 2.500 од Битола, 1.500 во Тетово и 800 во Кичево кои ќе ги вратат нееколошките печки на тврди или фосилни горива со кои досега се грееле. Токму затоа четирите града се избрани како места во кои има најголемо загадување на амбиенталниот воздух во земјава.

Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,95 денари за скапата до 2,99 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.

Парното греење со иста цена како лани

Во земјава во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи. Цената на парното греење и годинава ќе биде иста со ланската.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на  Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 1,071 денари за потрошена киловат час топлинска енергија, а кај Скопје север 0,918 денар по киловат час. АД ЕСМ – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 35,01 денари по квадратен метар доколку се плаќа на 12 рати или 70,02 денари ако се плаќа на шест рати.

Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 квадратни метри изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 квадратни метри се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.

Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.

Во земјава има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култури под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен. Во минатото голем дел од населението се грееше на нафта, односно на екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ 1, но по изедначувањето на акцизата со дизел горивото оваа греење станува неисплатливо, бидејќи еден литар чини 50,5 денари. Ако се има предвид дека дневно се трошат од 5 до 10 литри нафта за загревање на една просторија излегува дека би се трошеле од 250 до 500 денари дневно.

Печките на пелети со помала емисија на пепел и на ПМ честички

Со субвенциите што лани ги даваше Град Скопје за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергенс. Субвенцијата изнесуваше 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќаше домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.

Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелетни дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 12 до 16 денари за килограм, односно од 180 денари до 260 денари за 15 килограми. Тон пелети на интернет може да се најде за цена од 12.930 до 14.600 денари.

Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.000 денари или околу 30.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од 60 квадратни метри.

Според експертите, согорувањето со подобра контола какво што имаат печките на пелети овозможува помала емисија на пепел и на ПМ честичките, но не може да ги елиминира сите отровни и штетни материи кои ги содржи дрвото да се емитираат во воздухот, бидејќи составот на она што се согорува како огревно дрво и на пелетите е потполно ист.

Топлински пумпи греење на иднината

Како еден од многу добрите еколошки системи електричната енергија ја нуди можноста за вградување на така наречените „топлински пумпи“, а кај народот познати како клима системи, велат познавачите.

Тоа, како што посочуваат, е вентилаторски конвектор или топлинска пумпа што со користење на техничките достигнувања и законите што важат во природата – топлината од надвор со мала потрошувачка на енергија ја покачува на повиско ниво во внатрешноста. Стандардните поевтини производи од овој тип трошат еден киловат час електрична енергија, а внатре во просторијата има загревање од минимум два, а нормално е да има три, а во некои случаи четири до пет, па и шест киловати.

Според нив, можеби е големо финансиско оптоварување да се вгради ваков систем, но на подолг рок инвестицијата се враќа.

МИА

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе