Во Леуново, кога надлежните не реагираат, мештаните почнаа да прогласуваат непожелни личности

Месната заедница Леуново денеска беше принудена да го прогласи Светомир Ѓеорѓиевски-Путин за непожелна личност во нивното село сѐ додека не се реши проблемот со водата во селото и додека тој не добие легално решение за градба. Има мораториум за градба на објекти во селото, а тој насилно и тоа на земјиште кое не е негово донесе булдожер и почна да извршува градежни активности во сливно подрачје, во исушено корито од реката, велат од месната заедница.

Веќе подолг период жителите на Леуново и сопствениците на викендици имаат проблем со снабдувањето со вода. Изворот од каде што се снабдува селото со вода е речиси пресушен, па затоа комуналното претпријатие на Маврово донесе решение за мораториум за градби на овој дел од националниот парк сѐ додека не се реши проблемот со водоснабдувањето. Но, тоа за некои моќници нема никакво значење, велат мештаните, кои вчера имале и блиска средба со обезбедувањето на инвеститорот.

„Еден од обезбедувачите на возачот на багерот му даваше наредба да ме гази. Јас стоев пред багерот и барав дозвола за градба. Но таков документ никој не покажуваше. Багеристот во еден момент тргна кон мене со багерот. Јас паднав, тука настана турканица и дури откако багеристот дозна дека таков документ нема, тој си замина“, раскажуваше на денешната средба со селаните Владо Лазаревски, претседателот на месната заедница.

Во исушено корито, некој сака да гради

Надлежните иако биле повикани, воопшто и не реагирале ниту пак презеле нешто за да го запрат ова самоволие. „Багерот ископува на исушено корито од река кое е во надлежност на Електрани на Северна Македонија. Тие со години планираат ова да го уредат за да може да се зафатат сите води за време на пролет. Но, и тоа не се прави“, велат мештаните.

Сите едногласно се согласија дека и оваа градба не смее да продолжи, дека Светозар Ѓеорѓиевски е непожелна личност во селото и дека оваа информација веќе утре ќе биде проследена и до општинските органи и до полицијата.

Инаку, при расчистување на теренот каде што Ѓеорѓиевски планира да гради некаков објект, целиот шут, земја, камења и корења се само пренесени на неколку километри, во близина на Бунец, каде што веќе никна и нова депонија. И на тоа никој не реагира.

Нова депонија кај Бунец

Жителите на Леуново и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат сериозни проблеми и со водонсабдувањето, но и со неодговорноста на општинските власти во однос на издавањето на градежни дозволи и целосната негрижа за овој реион. Под хотелот Радика во Леуново нелегално се градат девет куќи, има решение за уривање, но никој не урива – ни инвеститорот, ниту пак Општината Маврово-Ростуше.

Мештаните не само на Леуново, туку и на сите околни населени места, селата Маврово и Никифорово, Маврови Анови, Врбен, Ново Село... веќе подолго време укажуваат на целосниот хаос во Маврово во однос на нелегалните градби, снабдувањето со вода, нехигиената, инфраструктурата, снабдувањето со електричната енергија..., но никој ништо не презема.

А.Д.    

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе