Вукотиќ во тајните списи на полицијата е дефиниран како апсолутен водач на шкаљарскиот криминален клан, а по него Црна Гора минатата година распиша потерница.
Тој во 2018 година бил уапсен во Турција, а потоа ѝ бил испорачан на Србија, каде Вишиот суд веќе за него имал донесено правосислна пресуда - затвор во траење од 15 месеци, заради користење на фалсификуван македонски пасош со негова фотографија.
Црногорското Специјално обвинителство го товари дека во декември 2020 година формирал криминална организација заради ликвидација на водачите на кавачкиот клан - Слободан Кашчелан и Радоје Звицер, а наводно ликвидациите биле нарачани преку криптирана Скај ЕЦЦ апликација.
Војната меѓу клановите започнала во 2014 година, кога во пристаништето Валенсија во Шпанија исчезнале 300 килограми кокаин. Прва жртва бил Горан Радоман, близок со шкаљарците, по што се нижеле и други убиства, а имало и четири случајни жртви.
Инаку, како што пишуваше МКД.мк, Интерпол за повеќе странски медиуми го потврди идентитетот на лицата од „македонската фабрика за пасоши за светските мафијаши" потврдувајќи дека повеќето се бегалци и се бараат со меѓународна потерница, но македонските пасоши и украдените идентитети им овозможиле непречено да патуваат. Бројката на криминалци од „белиот свет“ кои се стекнале со македонски пасош изнесува над 200 лица.
Toa беше и голема афера во Македонија, која доведе до апсење на повеќе лица, но прашање е дали се уапсени и главните организатори.