Правниците реагираат, надлежното министерство смирува

Вештачењето (не)може да биде спорно при добивањето на бесплатна правна помош

Македонските граѓани почесто се одлучуваат да ја турнат правдата под тепих отколку тоа да ги чини пари и нерви затоа што правото и правните проблеми најчесто ги асоцираат на долготрајна, скапа и неизвесна процедура.

Законот за бесплатна правна помош кој од неодамна стапи на сила е искра надеж за сите кои сакаат да стигнат до правдата, но немаат финансиски услови за тоа. Но, како проблем кој може да се јави при остварувањето на можностите кои ги нуди овој закон е делот со вештачењето.

При предмет за развод каде и двајцата родители со борат за старателство, а тоа најчесто е во 90% од предметите, во рамки на судската постапка се определува вештачење на психолошки профил на родителите. Ваквото вештачење се изработува само во две институции кои не спаѓаат во доменот на Бирото за судски вештачења кое е надлежно за вештачењата кои ги покрива Законот за бесплатна правна помош, реагираат повеќето правници.

„Надоместокот се движи од 22.000 до 28.000 денари од Вешт Наод. Што во таква ситуација? Како корисник на бесплатна правна помош ќе може да го надомести тој трошок, а јасно е дека не влегува во трошоците кои се надоместуваат согласно овој закон“, вели адвокатката Марта Гусар која потенцира дека Законот за бесплатна правна помош навистина овозможува да се добие примарна бесплатна помош и секако, како што вели, тоа е за поздрав што не е случај во делот на секундарна правна помош.

„Самиот факт што постои ограничување за тој кој ги изработува вештачењата, повторно корисниците на бесплатна правна помош ги става на крстосница, дали овој закон ќе им излезе во пресрет за да навистина ги остварат своите права и да добијат заштита“, појаснува Гусар.

Од Министерството за правда, пак, велат дека Бирото за судски вештачења има можност да соработува со надворешни соработници и на тој начин се обезбедуваат вештаци од сите области.

„Согласно член 13 став 5, со потврдата со која се одобрува секундарна правна помош корисникот меѓу другото се ослободува и од трошоци за вештачење. Согласно членот 13 ставот 6,  вештачењето се обезбедува преку Бирото за судски вештачења согласно Законот за вештачење. Бирото има можност да соработува со надворешни соработници, а на тој начин се обезбедуваат вештаци од сите области“, велат од Правда.

Оттаму велат дека токму затоа е подготвен новиот Закон за бесплатна правна помош кој е веќе во сила.

„Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Со новиот закон, корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и истото ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест“, информираат од Правда.

Од правничката фела посочуваат дека законодавецот пред да го донесе новото законско решение не доволно се консултирал со најповиканите кои работат на предмети од оваа сфера и токму затоа има ограничувања за крајните корисници, но и за адвокатите.

Потребно е да се следи примената на овој закон, од причина што е целосно ново концептуално и системско решение. Сметам дека истиот не е доволно разработен и повторно има ограничувања како за лицата кои треба да ја дадат правната помош, односно адвокатите, како и најмногу за корисниците, повторно навраќајќи се во делот на трошоците кои во постапките каде се потребни дополнителни вештачења, постапки кои во примарната помош не може да се добијат, па не секогаш граѓаните ќе ја добијат помошта која им е потребна. Дури сметам дека во тој дел, законодавецот не ни обрнал внимание, ниту пак се консултирал доволно со адвокати кои работат на специфични предмети со жртви на семејно насилство, за тоа кои трошоци ги генерираат постапките, каде се најголеми трошоците, па потоа согласно тоа да го донесе законот“, смета Гусар.

Додека Годишниот извештај за 2019. е во фаза на изработка, во календарската 2018. донесени се 156 решенија за бесплатна правна помош по поднесени барања од граѓани, од кои 80 се одобрени, а 76 барања се одбиени, а повеќето се во областа на решавање на семејни спорови, развод на брак, имотно-правни прашања и мал дел за работни односи.

Од Министерството за правда  појаснуваат дека во случаи на итни постапки, кои се законски регулирани, потврдата за одобрување бесплатна правна помош се донесува во рок од 2 дена.

Надоместокот за трошоци по постапка и останати трошоци започнува од денот на донесување потврда, информираат од правда, од каде велат дека барателите на бесплатна правна помош може да се обратат до десетте здруженија кои се овластени за давaње примарна правна помош кои, пак, имаат право на надомест за дадената примарна правна помош. Надоместокот се пресметува по поднесен трошковник за обемот на извршена работа, а согласно Правилникот за тарифа за надомест на трошоците на здруженијата.

Од Здружението на млади правници кои се наоѓаат на регистарот на здруженија овластени да даваат бесплатна правна помош велат дека иако првиот закон е донесен во 2009 година дури сега граѓаните подобро се запознаваат со него.

„Во 2018 и 2019 година Македонското здружение на млади правници зачестено и проактивно беше присутно низ цела територија на државата. Преку формирани тимови за правна помош и поддршка се обезбедуваа правни совети и информации директно за граѓаните од помалите градски и рурални средини и одржуваа едукативни сесии за групно учење на населението за сами да си помогнат во дадени правни ситуации во услови кога не можат да дојдат до услуги од адвокат или правник. Генерално, од дадените правни совети и од одржаните едукативни сесии, населението најчесто има проблеми со извршувањето, застарување на долгови за комуналии, правата од социјална заштита, здравствено осигурување, имотни-правни прашања, а не се исклучени ниту потешкотии со остварување права од пензиско инвалидско осигурување, како и советување за форми на заштита и превенција од семејно насилство и форми за заштита на права од работен однос“, појаснуваат од здружението.

Оттаму се децидни дека како здружение, не се обврзани да го чекаат издавањето на решението на Министерство за правда за да обезбедат правна услуга во рамки на Законот за бесплатна правна помош. Меѓутоа, адвокатите се обврзани за да преземат дејствие да имаат добиено решение од Министерството во кое јасно е наведено за кое правно прашање и пред која институција е одобрено правото.

Додека беше во сила стариот закон и доколку стануваше збор за итни постапки и ситуации, поради должината на постапката за БПП барателите најчесто го губеа своето право на судска заштита, или едноставно се откажуваа од целата постапка, а нивното право остануваше незаштитено. Ние како здружение во тој случај помагавме со индивидуални правни совети и информации, освен ако станува збор за повреда на човеково право при што обезбедувавме стратешко застапување. Целта на стратешкото застапување е да се предизвика и поширока општествена промена особено кога се работи за одредени системски проблеми кои засегааат поголем број лица, како и воспоставување позитивна пракса за стекнување и заштита на човековите права или укажување на потребата од промена на одредени прописи или постапување“, велат од МЗМП.

Од ова здружение овластено да нуди бесплатна правна помош велат дека како потенцијална слабост на овој закон е неуреденост на начинот, постапката и роковите за обезбедување вешт наод и мислење од органот или вештакот кој ќе го врши вештачењето.

Иако од октомври до нивното здружение не стигнало ниту едно барање за обезбедување на правна помош без надомест тие велат дека ќе продолжат да ја следи примената на законот, како и активно да придонесуваат кон што е можно поголемо информирање на граѓаните.

„Во принцип, освен општа правна информа, правен совет, совет за правото на бесплатна правна помош и правна помош при комплетирање на барање за секундарна правна помош, здруженијата ќе можат да помогнат и при пополување формулари, обрасци во постапки за социјална и детска заштита, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, заштита на жртви на родово базирано и семејно насилство, постапка за упис во матична книга на родени, стекнување со документи за лична идентификација и државјанство, како и составување на претставки до Комисија за заштита од дискриминација, Народен правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставен суд на РСМ.“, појаснуваат од МЗМП.

Останува времето да ја  покаже применливоста, функционалноста и степенот на олеснет пристап до правда со овој закон и праксата да потврди дека со ова законско решение граѓаните ќе го срушат стереотипот дека патот до правдата и за оние со политок џеп во земјава е невозможна мисија.

                                                                                                                         Х.С.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе