УНХЦР: Се зголемува бројот на бегалците

И покрај некои знаци на напредок, брзината и размерот на принудното раселување ги надминуваат решенијата за бегалците. Последнава деценија бројот на луѓе принудени да побегнат од своите домови се зголемува секоја година и е на највисоко ниво од почетокот на евидентирањето. Овој тренд може да се врати наназад само со нов заеднички притисок кон создавање мир, се вели во соопштението на УНХЦР, агенцијата на ОН за бегалци.

Заклучно со крајот на 2021 година, бројот на лицата раселени поради  војна, насилство, прогон и кршење на човековите права изнесуваше 89,3 милиони, што е за 8 отсто повеќе во однос на претходната година и е двојно повеќе отколку пред 10 години, се вели во годишниот Извештај на УНХЦР за глобалните трендови.

Руската инвазија на Украина, која ја предизвика најбрзата и една од најголемите кризи на принудно раселување по Втората светска војна и други кризни состојби, од Африка до Авганистан и пошироко, годинава ја донесе бројката над драматичниот праг од 100 милиони.

„Секоја година последнава деценија, бројките растат,“ изјави високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди. „Или меѓународната заедница ќе преземе заедничка акција за да се справи со оваа човечка трагедија, да ги разреши конфликтите и да изнајде трајни решенија, или овој ужасен тренд ќе продолжи.“

Минатата година ја запомнивме по бројот на конфликти што ескалираа и новите кои се разгореа; 23 држави, со вкупно население од 850 милиони луѓе, се соочија со конфликти со среден или висок интензитет, според Светската банка.

Во меѓувреме, недостигот од храна, инфлацијата и климатската криза се додаваат кон тешкотиите на луѓето, оптоварувајќи го хуманитарниот одговор, а изгледите за финансирање во многу ситуации се мрачни.

Бројот на бегалци во 2021 година се зголеми за 27,1 милиони. Порасна бројот на пристигнувања, меѓу другите, во Уганда, Чад и Судан. Повторно, повеќето бегалци беа прифатени во соседните држави со малку ресурси. Бројот на баратели на азил достигна 4,6 милиони, што  е пораст од 11 отсто.

Исто така, минатата година се случи 15-тиот последователен годишен пораст на бројот на лицата раселени во својата земја поради конфликт, на 53,2 милиони. Зголемувањето беше поттикнато од растот  на насилства или конфликти на некои места, како на пример во Мјанмар. Конфликтот во Тигреј во Етиопија и други региони поттикна милиони во земјата да побегнат. Бунтовите во Сахел предизвикаа ново внатрешно раселување, особено во Буркина Фасо и Чад.

Брзината и обемот на раселувањa сè уште ги надминуваат достапните решенија за раселените лица – како што е враќањето во својата земја, преселувањето во трета земја или локалната интеграција. Сепак, Извештајот за глобалните трендови содржи и зраци надеж. Бројот на  враќања на бегалци и внатрешно раселени лица се зголемил во 2021 година, со тоа враќајќи се на состојбата пред ковид-19, при што доброволните враќања пораснале за 71 отсто, иако бројките остануваат скромни.

„Иако сме сведоци на нови ужасни бегалски ситуации и постоечки кои  повторно се разгоруваат или остануваат нерешени, постојат и примери на држави и заедници кои работат заедно за да најдат решенија за раселените,“ додаде Гранди. „Тоа се случува на места - на пример регионалната соработка за враќањето на Брежаните – но, овие важни  одлуки треба да се применат или засилат на други места.“

Иако проценката за бројот на лица без државјанство малку порасна  во 2021 година, околу 81.200 лица добија или им беше утврдено државјанството – што е најголемо намалување на бездржавјанството  од почетокот на кампањата на УНХЦР Јас припаѓам (IBelong) во 2014  година.

До мај 2022 година, над 100 милиони луѓе беа присилно раселени ширум светот поради прогон, конфликт, насилство, кршење на човековите права или настани кои силно го нарушуваат јавниот ред. Турција била домаќин на речиси 3,8 милиони бегалци, најголемата популација во светот, следна е Уганда (1,5 милиони), Пакистан (1,5 милиони) и Германија (1,3 милиони).

Либан бил домаќин на најголем број на бегалци по жител  (1 на 8), потоа Јордан (1 на 14) и Турција (1 на 23).

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе