Урбанистички хаос во oпштина Маврово Ростуше

Укинат е Архитектонскиот урбанистички проект за 87 викендици во Леуново

Во Маврово Ростуше одговорните лица од општината потпишуваат документи за градба или даваат одобрувања за Архитектонски урбанистички проект (АУП), а по некое време истите лица се потпишуваат на решенија за уривање на истите градби или за укинување на тие проекти. И сето тоа е поврзано со дивоградбите во Леуново, на компанијата Радика резорт. Одговорност засега нема за никого.

На 14 февруари годинава Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, по пријава на здружението Спас за Маврово, донесе решение со кое се задолжува градоначалникот на Општина Маврово Ростуше да го укине АУП-от за градежната парцела која е во сопственост на Радика резорт каде што се планира изградба на 87 викендици.

АУП-от бил потпишан од градоначалникот Медат Куртовски на 17 мај 2018 година. Четири години потоа, на 23 март годинава, истиот Куртовски, по решението на Државниот инспекторат, морал да се потпише на решение за укинување на тој АУП.

Ова значи дека 17 веќе изградени викендици под хотелот Радика во Леуново се легални, 9 треба да се уриваат, а плановите за изградба на останатите 61 се укинуваат.

Бројни неправилности во документацијата

Урбанистичките инспектори на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам по извршениот контролен и вонредниот надзор установиле грешки во постапката за изработката за формирање на градежната парцела ГП 1.1 на КП 934/1 КО Леуново.

Како изготвувач на овој АУП повторно се јавува Пологпроект-про од Гостивар, истото биро кое се јавува на повеќе проекти во Маврово за кои има реакции од мештаните и викендашите.

Во образложението на решението за укинувањето на овој АУП пишува дека биле установени бројни неправилности во урбанистичката документација која не била во употреба, не биле применети урбанистичките планови и општи акти, а просторот опфатен со оваа документација се смета за вон плански опфат.

Пиши-бриши

Во општината во иста ситуација, како градоначалникот Куртовски, беше (е) и Ќирко Џуковски, раководителот на одделението за инспекциски надзор и овластен градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше. Тој најпрво потпиша одобренија за изградба на девет викендици под хотелот Радика во Леуново, а лани беше приморан да потпише и решение за уривање на истите тие вили.

Тоа беше лани, а општината уште бара компанија која би ги урнала овие дивоградби. Таква компанија не се пријавила на тендерот распишан за уривање.

Градежните инспектори на Општина Маврово и Ростуше уште лани во март констатирале дека инвеститорот Радика резорт нема одобрение за градба. Планот на инвеститорот бил тука да изгради 87 типски куќи. Изградбата на првите девет продолжила во текот на минатата година. Инвеститорот тогаш сметал дека затоа што на 2 јули 2021 година платил комуналии за 22 објекти во вредност од 56.188 евра може да гради и дека одобрението ќе го обезбеди во најкус можен рок.

За овој случај интересна е и одлуката на Владата дека не тој што градел на диво во Леуново, туку тој што го издал решението за уривање е виновен. Второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор лани го поништи решението за уривање по жалбата поднесена од инвеститорот Радика резорт, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби. Комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше, дека нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

Сега останува да се утврди и одговорноста на сите одговорни лица во Општината Маврово Ростуше за целиот овој хаос што го предизвикаа.

А.Д.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе