Новинарско братство

Ударнички хрватско-македонски дегустации и секирации: прва шибенска петолетка

Првата петолетка од македонско-хрватската новинарска дружба заврши. Ударнички како и секогаш - со многу дебати, согласувања и несогласувања, со фасцинантни софри и компаративни анализи на нивната „лијепа наша“ и нашата „балканска крстосница“, со вечните надмудрувања дали македонскиот домат, пинџур и ајвар можат да се носат со нивниот зубатац, пршут или пашки сир.

Секој си има свој фаворит и во однос на пијачката - ние се воодушевуваме од нивната траварица, а тие без бокалче жолта, од достапните резерви, веќе и не го почнуваат својот домашен далматински ручек. Сега со македонски шмек.

И во целата таа засега петгодишна туристичко-гастрономска и дебатна дружба секогаш се фаќаме дека сме во истите каши. И професионални, и општествено-политички, и економски, и ментални.

И покрај тоа што нивното новинарско здружение и медиуми веќе над 10 години функционираат во ЕУ-услови, а ние во строго балкански, разликите се мали, заеднички заклучуваме. Проблемите, горе-долу, се тие. Се разбира, стандардите битно различни, ама...

Нивните дискусии за слободата на говорот, за политичките манипулации со медиумите, за скриеното медиумско сопствеништво, за лажните вести, за падот на квалитетот на новинарството, за порталите што не ги почитуваат ни основните новинарски правила... перфектно го опишуваат и нашиот пејзаж. А и нашите дискусии, барем така велат, за политички определениот јавен сервис, за медиумските поделби, за новинарите љубимци на власта, за скриеното медиумско финансирање, за сѐ почестите потсетувања дека порано многу попрофесионално се работеше, исто така добро би се вклопиле и кај нив.

И така жалејќи си се едни на други, утехата обилно ја наоѓаме во врвните гастрономски доживувања во ресторанот Антонијо во трогирска Рогозница, во шибенската коноба Маренда на Крунослав Мазалин, во конобата Кај Пере Радучиќ... залевајќи ја горчината со траварица, со рогач, со вишњевача, со нивното сивец вино.

Нашите убедувања дека сепак, друго е кога си член на европското семејство, дека има стандарди, правила, принципи, нашите колеги од Хрватска веднаш ги демантираа со многу примери на манипулации, пропаганда, неказнивост, бавност на судскиот систем...

Сепак, велиме, оди на подобро, оди нагоре. Да, велат тие, „иде на горе“ (на хрватски: на полошо).

Горчината од политичките дебати и споредби многу често комплетно ни исчезнува, како на пример со доаѓањето на превкусната тава месо од петел и телешко, кои освен со хрватска траварица беа залеани и со македонска песна кога нашиот табор се фати за гитара, па среде кафеаната Моричеви двори во Путичање, на 30 километри северно од Шибеник, одекна „Дафино вино црвено“. Македонските народни песни им се и познати и блиски на нашите хрватски пријатели.

На полн стомак и преполна душа, за да ја разбиеме монотонијата на среќата, преминуваме, се разбира - на политика. Две доминантни партии, партизација, ни вратар не може да се вработи без партиска книшка, поделено општество, пренатрупана мрзлива администрација, неспособни корумпирани политичари... И пак општо согласување и комплетно разбирање на ситуацијата на „другиот“. Ништо ново, ништо чудно... сѐ е исто ко и лани, и преклани, и година пред тоа.

Сепак, ним туризмот им е силна страна, во што и самите постојано се уверуваме кога сме таму, со неверојатната понуда на комплексот Амадриапарк (некогашен Соларис) во Шибеник, со понудата на Туристичката заедница на Шибеник, со Книнската тврдина од 9 век, една од најстарите и најголеми тврдини во Европа, со преубавите Плитвички Езера, со водопадите на Крка, со безбројните хрватски острови и плажи на Јадранско Море...

Одиме понатаму. Како се живее? Има ли работа? Каде се младите? Ние велиме, сѐ полошо. Тие се согласуваат.

Тие велат нема работа, младите се иселуваат. Па ние се согласуваме.

Омилена дестинација за нивната младина се Ирска и Германија, велат тие. Малта и Италија, возвраќаме ние за кај нас. Ние веќе немаме работници, се жалиме ние, добар мајстор ни за лек не можеш да најдеш во Македонија. Тие велат, кај нас ви се, заедно со мајсторите од Србија и од Индонезија.

За утеха нè носат во три часот по полноќ да го гледаме Шибеник од пристаниште, восхитени и со подзинати усти.

Бевме и во Книн. Поранешниот „главен град“ на српското малцинство во Хрватска. Денеска таму секој 4 август се слави големата победа во „Татковинската војна“ во 1995 година. Така е и годинава, вели еден од мештаните, кој доста сликовито ни ја претстави атмосферата пред и по прославата.

„Градот главно е празен. Од тука се иселуваат и Хрвати и Срби. Нема работа. Нема иднина. Пред секоја прослава градот се полни, секогаш се организира голема прослава на победата над Србија со операцијата Олуја, а многу Срби се иселија од Хрватска во Србија. Во меѓувреме дел од нив се вратија и сега се иселуваат заедно со Хрватите. Во ЕУ. Тие денови градот е преполн со национализам, со луѓе со баретки што извикуваат смрт на Србите, цел град е помочан по нивните вечерни прослави по кафеаните, а утредента си одат... Ние остануваме тука, заедно со Србите со кои со векови живееме заедно. И така до наредната година, ама во сѐ помал и помал број“.

Следува ветеното жртвено јагне на ражен во реномираната крчма Код Пере, на што спремно даваме контрапонуда - ненадминливото јагнешко кај Ѓоко во Мрзенци, со кое ќе одговориме догодина.

Додека џвакаме од јагнето и пивнуваме од домашното црвено вино, слушаме за тажната судбина на Славонија, најплодниот дел од Хрватска. Дури и таму иселувањето станува сѐ подраматично, како во наш Охрид. Многубројни се огласите за продажба на убавите големи славонски куќи со огромни дворови за неверојатни 25 до 30 илјади евра. Па нели ЕУ, па нели развој на земјоделството, па нели европска помош, грантови, загарантиран пласман, високи откупни цени... кај е проблемот? Само кренати раменици добиваме како одговор од нашите колеги.

Остана само туризмот, велат тие. „Само тука покажуваме развој, нагорни бројки, постојана побарувачка на сезонски работници, инвестиции во хотели, ресторани, вили...“.

За доказ нè носат на Плитвички Езера, кои не можат да се доодат во еден ден, а на кои се сеќаваме уште од оние познати матурски екскурзии низ некогашна Југославија.

Па во родното место на Никола Тесла и неговиот музеј, па да се закрепиме со речна пастрмка во лички Госпиќ. Споредувајќи ја со преубавата охридска пастрмка, мислиме на тоа дека само за морските специјалитети им немаме пандан - тука остануваме и без збор и без контрапонуда.

Ќе видиме. Нѐ чека втората петолетка. Догодина Македонија. Ние домаќини. Ќе се зафатиме со дилемата чие јагне е подобро - нивното јагне на ражен Код Пере или тоа на Ѓоко Мрзенци или Перо Меана Б. Леќата во Маренда во Шибеник или традиционалниот македонски боемски појадок - чорбата. Ќе дегустираме и думаме чија ракија подобро лизга и чија земја отишла „понагоре“.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски (и други)

Објавено

Среда, Ноември 6, 2019 - 16:01

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе