Неискористени можности

Трската не мора да се опожарува, може да стане интересен и вносен бизнис

Најчестите резултати од пребарувањата по интернет за Паркот на природата „Езерани“ се поврзани со опожарување на трската покрај Преспанско Езеро во последниве десетина години. Годинава главна вест беше краткотрајниот одмор покрај преспанската трска на пет единки фламинга. Идејата за искористување и зачувување на трската за производство на пелети за греење засега не заживува кај локалното население од селата Асамати, Езерани и Долно Перово.

Данка Узунова, орнитолог од Македонско еколошко друштво, за случајот со фламингата вели дека добрата состојба на влажните живеалишта, како и широките појаси на трска, овозможуваат птиците да не бидат вознемирувани и безбедно да одмораат и да се хранат. Летово тука покрај розовите фламинга забележани се и јата на бојници, долгоног пескар и сабјарки. Ниту еден вид од овие птици не се гнезди кај нас, и сите се тука поради миграцијата. Преку целата година, трските се важен хабитат за различни безрбетни и рбетни животни.

Ваквите слики нѐ охрабруваат дека напорната работа за зачувување на Езерани има позитивни резултати. Езерани е заштитено подрачје повеќе од 20 години и со него управува Општина Ресен, која има и посебна ренџерска служба за овој локалитет“, појаснуваат од МЕД.

Северниот крајбрежен дел на Преспанско Езеро заедно со дел од блатните екосистеми во непосредна близина на брегот – Езерани е значајно подрачје во национални рамки, но исто така и во европски и светски контекст. Како дел од Преспанско Езеро, подрачјето е вклучено на листата на значајни оринтолошки локалитети, на листата на значајни растителни подрачја, како и на рамсарската листа на најзначајни водни станишта во светот.

Природен резерват

Од 1990 Езерани е прогласено за Строг природен резерват како резултат на проектни активности спроведени од Друштвото за заштита и проучување на птиците на Македонија, а потоа заедно со Преспанско Езеро се прогласени за рамсарско подрачје. По промената на категоријата на заштита, во 2012 година Паркот на природата Езерани доби свој План за управување, управуван од Општина Ресен преку тело за управување со ПП Езерани 2012.

Езерани исто така претставува дел од Значајното растително подрачје (ЗРП) „Преспанско Езеро“ (Important Plant Area – IPA, според светски прифатениот систем на Plantlfe International). Значењето на ПП Езерани е многу големо и на регионален план. Имено, Езерани значително придонесува за вредноста на целиот преспански регион од аспект на биодиверзитетот. Таа вредност е признаена од трите држави што ја делат Преспа, како резултат на што во 2000 година е потпишан меморандум од страна на премиерите на Албанија, Грција и Македонија за формирање на прекуграничниот парк Преспа, кој ги зафаќа двете природни преспански езера (Големо и Мало Преспанско Езеро) заедно со нивното сливно подрачје.

Во Езерани, вклучително и делот од Преспанско Езеро, регистриран е исклучителен диверзитет на птици. Вкупниот број утврдени видови изнесува 216, што претставува 66% од птиците на национално ниво, или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа.

Ваквата висока класификација на Езерани за животната средина не соодветствува со однесувањето на локалното население во однос на грижата за ова подрачје. Во последните десетина години редовни се информациите од овој терен за опожарена трска, за подметнати подрачја и целосно опустошување на хектари земја, на кои потоа веќе ги нема ни птиците, ниту пак растителниот свет.

Според Картата на хабитати изработена од Македонското еколошко друштво во 2018 година, површината на трската во и околу Преспанско Езеро изнесува 846,56 ха, од кои 549,06 ха отпаѓаат на трски што се во езерските води, или 65%, додека останатите 35% или 297,5 ха отпаѓаат на трска што се развива на суво копно. Што се однесува на ПП Езерани, вкупната површина со трски изнесува 580,51 ха, или 68,6% од сите трски во Преспанскиот регион (во Македонија). Површините под трска и на суво и во вода во ПП Езерани се речиси исти - 292,12 и 288,39 ха. Зоната за строга заштита опфаќа 20,02 и 46,64 ха трски во езерските води и на копно, а во зоната за активно управување се наоѓаат најголемите површини под трски во ПП Езерани чија површина изнесува околу 368 ха. Во зоната за одржливо искористување нема трски во вода, туку само суви хабитати со трска со површина од 60,65 ха.

Нивото на Преспанско Езеро значително варира во текот на годината и во текот на подолги периоди, па овој сооднос често се менува. Новонастанатите состојби со повлекувањето и намалувањето на езерските води, упатуваат на нови состојби со важните живеалишта во Преспа особено за трската, но за тоа ќе треба да се направат дополнителни истражувања.

Локалните жители од селата Асамати, Езерани и Долно Перово речиси секоја година ги палат трските за да ја зголемат површината на земјоделското земјиште, за да ги зголемат површините за овоштарници и за пасење на добитокот. Овие опожарувања му нанесуваат ненадоместлива штета на резерватот, кој е значајно подрачје за развој на птици. Ристе Илиевски, командирот на противпожарната територијална единица, вели дека секоја година бројот на пожарите на трската е сѐ поголем и дека пожарите главно се предизвикани од човечки фактор.

Трската може да стане и бизнис

Малку се знае дека трската може да стане и бизнис. Обидите на Македонското еколошко друштво оваа идеја да ја испромовира меѓу локалното население засега немаат успех. Сечењето на трската и нејзиното пелетирање, производството на пелети и брикети за греење, не е исто што и опожарувањето. Трската се смета за прочистувач на водата, за живеалиште и место за размножување на дивиот жив свет во Преспа. Нејзината берба, сеча, не значи и уништување, туку само искористување на отпадот, на исушените стебла од трската за производство на пелети.

Трската може да се употреби како биогориво за директно согорување, но и да се трансформира во биогас. Во некои држави, каде што производството на пелети од трска веќе станува вносен бизнис, и пепелта што се создава по горењето на трската се користи како ѓубриво за земјоделски површини.

Она што е од еколошки аспект важно е дека ваквите практики наместо палење, обезбедуваат контролирано управување со трската, што секако е бенефит за природата, за одржување на биолошката разновидност во регионот, но секако и за човекот, бидејќи ќе се обезбеди дополнителен извор за топлинска енергија или биогориво.

Особено е важно како и кога ќе се собира трската, при што треба да се внимава да не се уништи самиот хабитат и кореновиот систем на трската, да се внимава сезоната на косење да се спроведува во период што нема да го наруши функционирањето на постојниот биодиверзитет чиј опстанок зависи од постоењето на трската.

Резултатите од некои истражувања покажуваат дека обичната трска има значителен потенцијал за продукција на фитомаса и складирање енергија (калорична вредност што достигнува 17.448 Ј g-1 сува маса). Здравата трска е високопродуктивна и максималната продукција на надземните делови се движи околу 10 тони на еден хектар.

Трската треба да се сече зимско време. Биомасата се користи за производство на пелети, брикети, да се согорува без претходна обработка или да се користи како градежен материјал.

Oвој бизнис-модел нуди голема придобивка за малите рурални бизниси во одреден регион, како што е Езерани. Овој бизнис значително ќе придонесе и за подобрување на биолошката разновидност на трските. Ова е финансиски и еколошки одржливо решение и развој. Главната иновација е производството на гориво од биомаса од обраснати подрачја со трска. Решението е едноставно – собирање и пелетизирање на трските како висока енергија, првично за локалните пазари, со можност и за извоз. 

Просекот на поврат на инвестицијата е 20%, или за околу 8 години, што е сосема рационално време ако се знаат бенефитите во однос на зачувувањето на средината. Европската асоцијација за биомаса соопштува дека годинава потрошувачката на пелети во ЕУ ќе достигне до 80 милиони тони.

Кај нас обуките на локалното население за овие проекти главно се финансирани од меѓународни организации. Некаде дури се основаат и помали погончиња како пилот проекти. И сѐ убаво функционира додека има финансии. До наредната обука, семинар, иницијатива...

Илјадници хектари трска, во Индонезија, Украина, Кореја, Канада, САД, Естонија, Литванија… веќе се дел од една сериозна индустрија што произведува пелети за домашниот пазар и за извоз. А трска во Македонија има и покрај Дојранско Езеро, Охридско Езеро и блатата Моноспитовско Блато, Белчишко Блато, Студенчишко Блато...

Александар Дамовски

Објавено

Среда, Декември 23, 2020 - 12:27

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе