Од МЕД велат дека трибината се организира со цел да ѝ се даде поголемо внимание на оваа тема.
„Имено, според истражувањата со фотозамки на МЕД, вршени изминативе 10 години, забележано е присуство на кучиња длабоко во шумите. Ова се должи на неодговорноста на сопствениците, но и недостигот од системи за заловување и згрижување на бездомните животни. Честа е глетката на оставени кучиња на планинските превои како Ѓавато, Буково, Маврово и Попова Шапка“, велат од Македонското еколошко друштво.
Фокусот на трибината ќе биде на промената на однесување на кучињата во дивина, нивното хибридизирање со волци и притисокот што го прават ловејќи диви животни, конкретно пленот на рисот.