Сите плачеме со исти солзи

Трет ден на жалост по трагедијата кај „Струма“: пред тагата сите сме еднакви

Тага, ужас, солзи, болка, жал..., кој збор и да го кажеме е малку за тоа што завчера се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија. Никој, буквално никој од нас, колку и да е цврст, силен и неемотивен, не остана рамнодушен на трагедијата и загубените 46 човечки животи. Пред да ја објавиме веста во вторникот наутро, низ главите ни помина мисла дека можеби се работи за грешка. И камо да беше така. За жал, ја живееме суровата реалност дека изгореа патници. Нечии синови, ќерки, внуци, мајки, татковци, баби, дедовци, братучеди...

Фото: ЕПА

Сите заедно заминаа на прошетка до Турција. На патување одиме со убава мисла, со желба да направиме спомени, да се одмориме од динамичното или монотоно секојдневие, но не и со мисла дека тоа можеби ќе биде последно. Ден пред да си тргнат на пат кон дома, секој од овие трагично загинати патници направил по некоја фотографија за спомен. Џагорот и прошетките со спуштањето на ноќта се претвориле во мир и тишина.

Патувале ноќе за рано наутро да можат да стасаат во своите домови, да ги споделат убавите моменти од патувањето со своите најблиски, а децата на своите другарчиња. Но раното утро на 23 ноември за нив беше кобно. Нивните спомени, желби, планови, останаа во чадот од автобусот на „Беса транс“.

Не успеаја да стасаат до дома бидејќи трагично загинаа во огнот и пламенот на големото возило, доволно за да се сместат и да отпатуваат до Турција, но не и за да се вратат живи и здрави.

Несреќата кај „Струма“, како и онаа кај Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово, се трагедии за кои не може да кажеме дека се големи или мали. Такви не постојат, едноставно се трагедии кои не потсетуваат дека животот на секој од нас е само еден миг и никогаш никој од нас не знае кога ќе биде тој последниот миг. Жалиме сите, буквално секој од нас, од сите националности бидејќи пред тагата сите сме еднакви и сите плачеме со исти солзи. А тагата за децата... Тоа е болка што реже низ срцата и за која немаме зборови.

Цели семејства загинаа во кобната автобуска несреќа.

Во државава е прогласена тридневна жалост. Откако ќе измине и денешниот ден, сите ќе им се вратат на своите обврски, но не и семејствата на загинатите.

Тие сѐ уште чекаат да заврши постапката за идентификација, по што ќе можат да ги земат останките од починатите роднини за погреб. Тие за разлика од сите нас останатите болката и тагата ќе ја носат до крајот на својот живот, за сите починати, а особено за дечињата. Сите испратија телеграми со сочувство, но на крај најтешко им е на оние што ги загубија своите најмили. 

Мајки со деца, братучеди, парови што заминале на патување, па требало допрва да го градат заедничкиот живот, родители со деца, цело едно семејство од 10 луѓе... загинаа заедно за само неколку минути. Седуммина од патниците се спасија, но и тие иако живи, ќе ги паметат за жал сликите од страшната трагедија. Само тие знаат што се виделе и чуле, само тие знаат што преживеале. Спомените од патувањето им ги потиснаа огнот, чадот, повиците за помош на оние што починаа.

Таму каде што завршија 46 животи, продолжуваат надлежните. Обдуцентите, истражителите, крим-техничарите, обвинителите, вештаците... Сите заедно треба да дадат одговор за тоа што всушност ја предизвикало трагедијата. Дали е човечка грешка или техничка неисправност на возилото. Фирмата „Беса транс“, на која вчера ѝ ја одзедоа лиценцата, со јавноста комуницира само преку Фејсбук. Велат, биле во голем шок. А замислете во каков шок се најблиските на загинатите што по трагедијата не добија никакви одговори за тоа дали нивните роднини се меѓу загинатите или преживеаните.

Не знаевме и сѐ уште не ги знаеме официјално имињата на загинатите бидејќи се прави идентификација. И воопшто не е важно дали се со македонско, албанско, турско или друго име бидејќи во тагата сите плачеме со исти солзи.

Истрагата за оваа трагедија е во рацете на бугарските обвинители кои за денес во 11 часот (по бугарско време) закажаа прес-конференција со првите официјални детали за трагедијата.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вели дека треба да се внимава на надлежностите, директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини не бил надлежен, ни крив, оти немал доволно инспектори за да ги контролира сите автобуси. Сега на ред е Царинската управа, од каде што се бара отчет кој го пуштал постојано автобусот на „Беса транс“ да помине без лиценца. Кај нас се чини дека по логика на нештата кога ќе се случи трагедија или не чини законот, или никој не е надлежен. Ретко кој застанува исправен јавно да преземе одговорност врз себе и институцијата со која раководи и да каже дека има пропусти и дава оставка.

Кобната несреќа во Ласкарци која се случи пред речиси 3 години и во која загинаа 16 лица, а 36 беа повредени, сѐ уште е без судска разрешница. Сѐ некако е бавно кога треба правдата да се спроведе на дело. А семејствата на загинатите, само чекаат и чекаат...

За оваа трагедија со „Беса транс“ одговор треба да дадат бугарските обвинители. На нив чекаме сите оти денес ќе ги кажат првите официјални информации за трагедијата.

По ова како поминува времето треба да се утврди вистината и да се види дали и кој ќе одговара за загубата на 46 патници. Но времето во кое ние другите ќе чекаме разрешница за овој случај, за роднините ќе значи поголема тага бидејќи никогаш повеќе нема да ги видат своите најблиски.

Судската постапка за Ласкарци бавно трае, а од таму сите што преживеаја до денес паметат детали од трагедијата.

За работата, ажурноста и професионалноста на бугарските обвинители допрва ќе слушаме, бидејќи во тек е истрага за настанот.

Едно е јасно, и родните на загинатите во несреќата кај Ласкарци и најблиските на изгорените кај „Струма“ до крајот на животот во себе ќе носат иста тага.

Денес е третиот ден на жалост во државава. Загинатите нека почиваат во мир.

Катерина Додевска 

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе