Грботворец и хералдички уметник

Стојанче Величковски: Создавањето на семеен грб е многу деликатна работа

„Господ ви дава бело видело, наречниците ви ја одредуваат судбината, кумот го одбира личното име, чаршијата ви го стокмува надимакот, маслосветот ви ја одредува куќната слава! На мојата маленкост ѝ преостанува да изрази благодарност до сите и да го креира семејниот грб". Ова е пораката кoja кривопаланчанецот Стојанче Величковски, хералдичар кој професионално се занимава со хералдика, ја упатува до оние кои се двоумат за својот семеен грб како симбол кој ќе говори место нив.

Креирањето на семеен грб е деликатна работа затоа што семејниот грб всушност е нешто кое ќе опстојува со векови, ќе го претставува семејството, од корените преку семејното стебло, па сѐ до идните поколенија. Тоа е симбол на идентификацијата на семејството.

„Значајно за еден семеен грб е тоа што тој е наследна категорија, во некои земји со поразвиена хералдичка традиција семејните грбови се заштитени како културно наследство, па дури и како јавни исправи. Многу е битно што семеен грб (во нашата земја) може да поседува секое семејство и тој преставува хералдички симбол за идентификација на тоа семејство“, појаснува Величковски.

 Величковски потекнува од Крива Паланка. Во моментов е магистрант на Факултетот за визуелни уметности ЕФТА и професионално се занимава со хералдика и фунционира како целосен сервис на услуги од областа на хералдиката, вексилологијата (наука за знамињата) и корпоративниот идентитет, основач е на фирмата за дизајнерски и хералдичко-вексилолошки услуги „Грботворец“.

Величковски е автор на идејата за македонскиот даб како флорален симбол на Македонија при изработката на грбот на претседателот, каде што е коавтор за идејното и графичкото и единствен автор за изведбеното решение. Автор е на идејно-графичкото решение на хералдичкиот беџ на Обезбедувањето на претседателот на РМ како и на идејно графичкото решение на првата македонска офицерска сабља за почести.

Хералдичкиот уметник Стојанче  Величковски заедно со хералдичарот Јован Јоновски како автори својот потпис го имаат ставено на грбот и знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, а со неговите грбови се идентификуваат 10-тина општина во земјава.

Автор е над педесетина нарачани лични и семејни и корпоративни грбови.

 

Иако полето на креативен интерес и творештво на Величковски е навистина широко, овој пат решивме да поразговараме пред сѐ за семејните грбови, како трајна вредност наспроти материјалната минливост. Го затекнавме во своето уметничко прибежиште, студиото во Скопје, каде како вистински професионалец не штедеше време и нерви да ни појасни за хералдиката и вексилологијата и сѐ поврзано со нив.

Семејните грбови, наспроти минливото материјално богатство, не е помодарство, туку традиција и траен белег за визуелна идентификација и препознатливост на луѓето кои чинат семејство, што се пренесува како трајна вредност на поколенијата, сметаат хералдичарите. 

Од кои параметри може да се реализира изведбата на семејниот грб? Дали е потребно длабоко истражување и проучување на едно семејство, на неговото минато, сегашност итн. за да се оформи ликовното решение на семејниот грб според харалдичките правила?

-Да се направи образец како се креираат семејните грбови е речиси невозможно, но дефинитивно тоа е едно многу сериозно истражување кое вклучува многу параметри, и кога вие ќе го соберете тој целокупен материјал, започнува вистинскиот предизвик од кој се гледа вашата умешност и степен до кој ги имате совладано хералдичките вештини. Целокупниот тој материјал треба да го претворите во хералдички симболи и притоа да внимавате сето тоа што ќе го сработите да може истовремено да се блазонира (стручно да се опише) и емблазонира (визуелно да се интерпретира).

 Семејно хералдичко знаме

Што е значајно за еден семеен грб, што задолжително треба да содржи? Колку време се изработува?

- Значајно за еден семеен грб е тоа што тој е наследна категорија, во некои земји со поразвиена хералдичка традиција семејните грбови се заштитени како културно наследство, па дури и како јавни исправи. Многу е битно што семеен грб може да поседува секое семејство и тој претставува хералдички симбол за идентификација на тоа семејство.

Секој грб како задолжителни елементи мора да содржи штит, максима (мото) мантија, шлем и челенка. Најважен е штитот и затоа од најголемо значење е кои симболи ќе се најдат на него. Времето на изработка е од 3 до 6 месеци, но имало исклучоци на некои грбови на кои сум работел и по една година.

Дали се случува клиентите да не се иденфификуваат со семејниот грб изработен за нив, колку тие се инволвирани во целиот процес, што им е најважно?

- Јас не сум имал таков случај, но познавам луѓе кои лично ми признале дека имаат семеен грб, но не се идентификуваат со него, затоа креирањето на грбот е деликатна работа. Најчестите грешки се кога се преземаат симболи кои со себе носат одредена претенциозост, односно реално не му припаѓаат на грбоносецот или неговата фамилија или се аплицирани симболи кои имале некаво „епизодно“ значење во моментот на креирањето на грбот.

Дали се сеќавате на вашата прва нарачка на грб?

- Секако. Тоа беше вистинска анегдота, а се случи во книжарницата „Култура“ на плоштадот Македонија во Скопје. Додека чекав ред, еден господин во редот пред мене на љубезното прашање на вработените „повелете како можеме да ви помогнеме“, одговори со „јас сакам да купам историја за Македонија ама да не била пишувана од поробувачи, окупатори, зурпатори и разно-разни освојувачи на нашата земја“. Помалку збунети од желбата на купувачот персоналот му одговори дека секоја книга има стручна рецензија, единствено што може да му помогнат е да му покажат каде стојат старите, а каде новите изданија за да си одбере самиот. Иако лично не го познавав господинот, во истиот момент го замолив дали ќе ми дозволи и јас нешто да прокоментирам во врска со неговите побарувања, и откако добив потврден одговор реков - вие очигледно барате историја за зајакот, ама да не ја пишувал волкот, лисицата, јастебот и некој си друг.  Јас се задржав во книжарницата десетина минути и на излегување непознатиот господин ме чекаше пред влезот од книжарницата, ми пријде се претстави и ми рече дека живее во странство, дека неговата фамилија го очекува во еден ресторан во близина, но дека ќе му направам голема чест ако појдам со него за да ме запознае со неговото семејство. Кога стигнавме во ресторанот ме праша со што се занимавам, му реков дека сум невработен и дека преживувам исклучиво од авторски хонорари од областа на корпоративниот идентитет, фотографијата и хералдиката. Откако дозна дека сум хералдичар ми се обрати со зборовите ти ќе бидеш автор на мојот семеен грб.

Дали сакате да споделите некои интересни моменти и случки од вашите истражувања за креирање на семејни грбови?

- Имав многу незаборавни моменти со моите клиенти. Една нарачка беше кога снаа во семејството нарача семеен грб. Таа пронашла во семејната библиотека некои скици на својот свекор кој пред повеќе од шеесетина години се обидувал да креира свој семеен грб и многу педантно ја водел семејната лоза. Бидејќи свекорот беше најстариот член во фамилијата по редот на нештата требаше првин да направам интервју со него, но неговата снаа инсистираше кога ќе го правам интервјуто да имам речиси готова работна варијанта за изненадувањето да биде што поголемо. Работевме неколку месеци и кога веќе бевме спремни отидовме на средбата со свекорот, кој видно изненаден се расплака од среќа. Во една друга ситуација внука нарача грб за семејството на својот вујко, на кого што во текот на исртажувањето успеавме да најдеме податоци за неговата семејна лоза, бидејќи се поклопуваа со некои проучувања на други семејства што претходно ги имав правено во тој регион.

Интересна ситуација имав кога мојот соперник на една ТВ дебата, по завршување на емисијата изрази желба токму јас да бидам тој што ќе го изработи неговиот семеен грб.

Или пак во една нарачка на грб кај еден познат стопанственик кај кого грбот беше во финална фаза, ми се јави и ме праша каде сум, му реков во центарот на Скопје, ме праша дали можам да дојдам кај него на работа за два часа за да му ја презентирам финалната варијанта на семејниот грб. Отидов во блиската печатница го отпечатив, но кога тргнав со автобус крстосницата пред собранието беше блокирана, а ние се најдовме заглавени во сообраќајниот метеж, продолжив пешки, земав такси и стигнав во последен момент во договореното време. Кога стигнав секретарката ми рече да влезам дека ме очекуваат. Ја направив хералдичката презентацијата на конечното решение за грбот и ја објаснив целокупната симболика. Тогаш, грбоносецот погледна на часовникот и рече - „ех, ова беа последните минути од мојот работен век, сакав со вака убав спомен да заминам во пензија“. Потоа ги замоли сите од семејството да ми се потпишат на примерокот од нивниот грб за во моето лично портфолио.

Дали вие имате сопствен хералдички грб?

- Не, немам. Навистина ова е многу редок случај во нашиот еснаф. Но, бидејќи ние немаме кралски авторитети кои ги инагурираат хераличарите, уште пред две децении сам на себе си поставив многу строг услов за стекнување на сопсвен грб. А тоа ќе биде моментот кога ќе изработам 99 хералдички грбови на клиенти, дури тогаш ќе сметам дека навистина сум достоен и сум заслужил едно такво себеудостојување.

Вие, меѓу другото сте автор на амблемот/грбот на претседателот на РМ. Поточно го имате предложено македонскиот даб како флорален симбол. Што всушност претставува овој грб, која симболика ја носи?

- Во изработката на грбот на претседателот јас бев дел од тимот заедно со хералдичарите Јован Јоновски и Петар Гајдов. Според авторскиот договор јас сум прв автор соодветно на авторскиот учинок, бидејќи јас сум единствен автор кој партиципирал во сите три фази - идејната, графичката и изведбената (во изведбената  фаза сум единствен автор). Секако дека работата на авторскиот тим беше цело време во консултација со странските еминентни експерти Александар Куров (Германија), д-р Стојан Антонов (Бугарија), д-р Жељко Хејмер (Хрватска) и Виктор Ломанцов (Русија).

Ареалот на Quercus macedonica (македонскиот даб) од памтивека речиси се поклопувал со просторот што го населувале Македонците. Оттука, сосема природно е токму македонските неимари, резбари, столари, рудари од памтивека да го користеле како материјал за градба или за изразување на својата уметничка дарба, оставајќи ни врвни градби и уметнички дела олицетворени во македонската сакрална архитектура, оригиналните градски куќи (куќата на Караманови е изградена од греди од македонски даб и повеќе од 400 години пркоси на времето).

Коавтор сте на грбот и знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија? Која е симболиката на грбот на МПЦ?

- Вистински предизвик беше да се работи грбот на МПЦ бидејќи, како што рече папата Франциско при неодамнешната посета, ние сме портата преку која е навлезено христијанството во Европа, а нашите сакрални објекти кријат огромна симболика. Овој грб е составен дел на Уставот на МПЦ. Оваа работа беше навистина сериозна, требаше секој детал да биде издржан, бидејќи неговото усвојување одеше на црковно-народен собор. Грбот содржи 12 елементи/симболи, на штитот е аплицирана Св. Софија, а плаштот е украсен со два медаљона во кои се претставени Св. Апостол Павле и Св. Климент, плаштот е украсен со 33 претстави на Вељушкиот крст, а на поставата се цилизирани крстовидни орнаменти од црквата Св. Димитрија во Скопје, жезолот е на г.г. Доситеј, крстовидниот симбол датира од 1164 – гравура во камен од св. Пантелјмон (Нерези), а митрата е од Охридската архиепископија.   

Автор сте на грбовите и знамињата на општините Ранковце, Крива Паланка, Кочани, Демир Хисар, Свети Николе, Чешиново Облешево, коавтор на победничкиот и автор на второ и третонаградениот авторски труд за грб на општина Радовиш, знамето на општина Охрид. Зошто токму овие општини и какво беше чувството да се осмислува за овие македонски градови?

Едноставно, наведените општини распишаа конкурс за идејно решение на грб и знаме на општината. Иако сите општини користат некави симболи повеќе од 80% од грбовите имаат некаква хералдичка фалинка, а голем дел се хералдички неисправни. Сепак, ова е процес и значајно е тоа што веќе има воспоставено месен хералдички систем со утврдени пропозиции што треба да содржи малиот, средниот и големиот грб, како и два вида круни, мурална (за урбаните) и палисадна за (рураралните општини).Јас секогаш и секаде ја користам приликата да ги охрабрам локалните власти кои немаат хералдички исправни грбови да спроведат постапка за избор на хералдички и вексилолошки исправни симболи.  

Усвојувањето, односно промената на општински грб подлежи на законска процедура. Освен авторите и општината е обврзана да ја запазува процедурата затоа што по изборот на комисијата и усвојувањето на општинските симболи од страна на Советот на општината, постапката и понатаму продолжува сѐ до донесување на решение за употреба на грбот и знамето од страна на Министерството за локална самоуправа и упис во Регистарот на грбови и знамиња на единиците на локалната самоуправа. Во оваа фаза освен законската процедура се испитува и оригиналноста на идејното решение, односно дали решението содржи  одредени елементи што законски не смее да ги содржи, односно да содржи елементи или да наликува на државните симболи, корпоративни грбови на домашни и меѓународни организации и секако месни хералдички грбови на други општини  во странство. Овој дел го утврдува Бирото за индустриска сопственост и доколку во својата стручна експертиза утврди дека има прекршувања во овој дел, службено ќе го извести Министерството за локална самоуправа и решението ќе биде негативно, односно општината нема да добие решение  за употеба на симболите сѐ  додека не бидат отстранети законски недопустливите елементи од идејното решение за грб и знаме. За жал имаме и такви случаи.  

Добитник сте на бројни награди и признанија на национално, европско и глобално ниво, како што се специјалното признание од Мајкрософт за визуелниот идентитет на проектот „Бабини Игри“, гран-при награда на Европскиот натпревар во Москва, мај 2011, освоено второ место на Светскиот натпревар во Вашингтон, ноември 2011… Добитник сте на прва награда за грб и знаме на белградска градска општина Гротска. Со кои други награди и признанија може да се пофалите и што претставуваат истите за вас?

- Сите мои награди ми се драги. Но, секако најдраги ми се моите хералдички трудови кои спаѓаат во најтешката категорија во креативна смисла, а тоа е да креирате нов хералдички симбол, нова хералдичка разделна линија. Тоа е како да одиграте потег во шахот што досега не е одигран.  Понекогаш јас милувам да кажам дека сум вистински занаетчија во хералдиката, а таа е вистиски предизвик со многу непознати, за да ја работите треба да имате познавања од многу области и постојано да ги надоградувате своите знаења со учество на меѓународни хералдички конференции и следење на стручна литература, но најмногу знаења усвоив со текот на годините работејќи на истражувањата за креирање на грбовите. За општините за кои имам креирано грбови имам толку многу проучувања направено за нивната археологија, природни реткости, историски знаменитости, легенди преданија, материјал... што е доволно за една монографија. Особено голема е сатисфакцијата кога врвните светски хералдичари и вексилолози ќе објават некое мое дело во светските енциклопедии.

Го осмисливте корпоративниот и визуелен идентитет на стотина фирми, национални установи, театри, јавни претпријатија, брендирани производи и услуги, спортски клубови и здруженија на граѓани, проекти, меѓународни културни манифестации и фестивали во земјата и странство. Изработени бројни логоа, знамиња, грбови... Што најмногу од овие нешта ви е најголем предизвик? Што најлесно се изработува?

- Нов крстовиден симбол тој навистина треба да биде оригинален, препознатлив, суштински да се разликува од сите останати. Тоа е како да одиграте потег во шахот што досега не е одигран. 

За мене не постои нешто што лесно и тешко се  изработува. На сите им го посветувам нужното внимание. Можеби „најлесно“ е да се изработи лого, но само во техничка смисла затоа што за неговата визуелна интерпретација условно е потребно помалку време, но доколку клиентот бара да се изработи и книга на графички стандарди на употреба, тогаш навистина е потребно дополнително време.

Кој вашиот најголем предизвик на кој работите?

- Секако, тоа е феноменот на визуелна идентификација на грбоносецот со сопствениот грб. За мене тоа е од есенцијално значење, научно ги истражувам и ги применувам истовремено, на општо задоволство на моите клиенти, оставајќи визуелна трага за семејствата и давајќи свој придонес во развојот и популаризацијата на хералдиката и весилогијата во нашата земја.

Колку во нашата средина е препознаен квалитетот на визуелното?

- Ова е многу интересно прашање. Многу е деликатно да се разграничи што е „наша средина“ во ерата на глобализација, бидејќи креативните работи денес се препознаени речиси на глобално ниво. Моите креации ги „следат“ стотина хералдички експерти. Во денешно време интелектуалната размена на информации е многу интензивна што е вистинска придобивка за мојот професионален развој. Од друга страна лично сметам дека сѐ повеќе се губи личниот печат и професионалниот развој што може да се постигне во креативните професии, затоа што по линија на помал отпор на пазарот се нудат честопати решенија кои се преземени од интернет и немаат никава врска со оној што свесно (или несвесно) ги употребува како свој визуелен идентитет.  Исто така, и самиот начин на кој се поставуваат работите во креативната индустрија честопати влијае врз квалитетот. Затоа авторот понекогаш ја дава само идејата додека визуелното обликување го работат други се видливи фалинки, недоречености или нецелосна и неадекватна реализација на некоја добра креативна идеја.

Така имав една анегдота со една моја креација на плакета која се доделува во чест на основоположникот на француската кинематографија - Frédéric Rossif  и се доделува на филмски фестивал во Париз. Лани наградата ја доби Киро Урдин, кој инсистирал од организаторите да го дознае името на авторот што ја креирал плакетата, претпоставувајќи дека автор на плакетата е некој уметник од Париз, а не од Крива Паланка. Имав чест  неколку месеци подоцна во една пригода и лично да се сретнам  со Урдин и морам да кажам дека неговите импресии се голема обврска за мене.

                                                                                 Христина Стојановска

                                                                              Фото: Роберт Атанасовски

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе