За сообраќајката на Водно во која беа повредени полицајци

Стоилковски го обвини командантот на „Тигрите“ дека и бегал на полицијата, МВР го повика ако има докази да ги достави

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски обвини дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го крие идентитетот на возачот н автомобилот кого полицајци со службено возило го бркаа од Водно и се повредија. Според Стоилковски, се работи за командантот на полициските „Tигри", Митко Даневски кој е лицето коешто пред три дена управувалo со возило во шума на скопско Водно на полноќ, среде забрана, не почитувал полициска контрола, предизвикал потера којашто завршила со тројца повредени полицајци од кои еден заврши на операција.

„Почитувани, заради чинот и позицијата на Даневски, како и заради неговата блискост со Заев и Спасовски, МВР мора да одговори дали е тој лицето коешто во време на забрана за движење во шума, навечер возел службено возило Шкода, придружуван од друго лице, не сопрел на полициска контрола, предизвикал потера, бркотница низ водно, а се завршува со повредени тројца полицајци и целосно оштетени полициски возила? Полициските „Тигри" е многу сериозна и единица со реноме за да се дозволи МВР да сокрива ваков скандал, злоупотреби, незаконско и недолично однесување и тоа да се врзува со името на командантот на полициските „Тигри", Митко Даневски", изјави портпаролот Стоилковски.

„Прашувам, дали ова е возилото по кое што се трага? Фотографија од безбедносна камера 17-ти август 01:46:55 секунда? Таблиците не се видливи, заради светлосната заштита за фотографирање, возило со целосно затемнети стакла, времето на фотографијата се поклопува со времето на потерата според соопштението на МВР“, праша Стоилковски, покажувајќи го возилото. 

Наспроти тврдењата на Стоилковски, МВР овој настан го објави како сообраќајка во која возачот и совозачот се непознати.

„Синоќа околу 1:45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска" за место викано „Теферич", при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија", без регистарски ознаки, во кое биле едно женско и едно машко лице, возилото не застанало. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски". Се работи на расчистување на случајот", соопштија од МВР на 17 август, годинава.

Министерството за внатрешни работи по прес-конференцијата на Стоилковски, најостро ги демантираше и осуди, како што велат шпекулациите изнесени на прес конференција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За МВР, Стоилковски зборува за наводен скандал со наратив полн со шпекулации, без никакви факти и аргументи, што го покажува и нивниот мотив организирано да нанесат штета на институцијата, истовремено нанесувајќи штета на Специјалната антитерористичка единица и на лицето кое е на чело на оваа единица.

„Напротив, само неколку часа по збиднувањето, во Извадокот од дневните настани на МВР од 17.08.2021, во кој се изнесени фактите дека на 17.08.2021 околу 01.45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска" за место викано „Теферич", при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија", без регистарски ознаки, во кое биле две лица, возилото не застанало, туку продолжило со движење. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски". Се работи на расчистување на случајот.Ова се фактите: иницијалите на двете лица во возилото не се ставени во информацијата, затоа што по нив сѐ уште трага полицијата; лицата не се сопрени и легитимирани, тие се засега со непознат идентитет, затоа и не постојат иницијали во информацијата; на возило без регистарски ознаки не може да се утврди сопственикот; двете возила немаат физички допир за време на незгодата; во моментов се повикуваат на разговор лица кои би можеле да дадат дополнителни информации, значајни за расчистување на случајот", велат од МВР.

Според нив сѐ друго се инсинуации и тенденциозно пласирање на лажни вести, кои имаат крајна цел само да наштетат, не само на институцијата, туку и на конкретната истрага.

„Доколку поседуваат докази со кои можат да придонесат за расчистување на случајот, ги повикуваме да ги достават во Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди или Единицата за увид на сообраќајни незгоди при СВР Скопје. Професионална обврска на сите општествени чинители, вклучително и опозицијата е да се држат до фактите, а граѓанска обврска е да достават информации, факти и докази до надлежните служби за постапка која е во тек", додаваат од МВР.

 

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе