„Предлог буџетот за МВР за 2021 година е со вкупна вредност од 10.455.110.000 денари и е за 312.452.000 денари поголем од буџетот за 2020 година, односно е зголемен за 3.08%. Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките кои означуваат реконструкција и изградба на објекти, како и во непречена реализација на континуираното обезбедување униформи за полициските службеници и лична заштитна опрема. Сето ова укажува на развојната компонента на буџетот, која е во насока на подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на министерството, како и непречено функционирање за остварување на основните стратешки приоритети и цели, согласно стандардите на НАТО и ЕУ“, истакна министерот за внатрешни работи.
Спасовски истакна дека продолжуваат со проектот за изградба на полициските станици.
„Се заложив и во изминатиот период и беа реконструирани 45 објекти, а се градеше и центарот за санирање од катастрофи, како и нови форензички лаборатории. Ќе се прави и надградба на постоечкиот софтер за идентификација на лица од фотографија и со препознавање со папиларни линии од дланки. Овој систем сериозно ќе ги зајакне позициите и пред меѓународните фактори , а се прави и проект за нови лични документи. Не запираме и со превентивно делување за поголема безбедност на граѓаните. Работиме на безбедност во сообраќајот, спречување на семејното насилство, се со цел да ја зголемиме и довербата на граѓаните во полицијата. Цел ни е и создавање на модерна и опремена, стручна и ефикасна и модерна полиција која ќе ја гарантира личната и имотна сигурност и ќе продолжи се справува со сите облици на тероризам. Во овој дел е обезбедено зголемување на средствата“, посочи Спасовски.
Министерот потсети и дека беа обезбедени 24 илјади пара чизми, теренски возила во единицата за специјални задачи, униформа за специјалната полиција...
„Ќе продолжиме со набавка на опрема , но и набавка на оружје. На секој полициски службеник треба и мора да му бидат обезбедени елементарни услови за работа. Обезбедени се и средства за сервисирање на возилата, намалување на старите долгови по разни ослови. Имаме зголемување на средства, а по направена ревизија на договорите од 2015 направивме кратење на средства кои се непродуктивни трошоци. Нема средства за купување на мебел и возила. Средствата за набавка на мебел ќе бидат пренасочени во друга опрема. Се трудиме да имаме задоволна полиција која ќе може да обезбеди заштита од највисокиот тип на криминал“, додаде министерот.