Спас за Маврово

Мавровчани побараа да се прекине градењето и да им се врати општината Маврово

Бетонизацијата на Националниот парк, градежното дивеење, дивоградби, несоодветната инфраструктура, проблемите со снабдувањето со вода и струја, нередовното собирање на ѓубрето, загадувањето на Мавровско Езеро, неконтролираното сечење на шумата... беа причините за денешниот протест во Маврово на селаните од Леуново, Никифорово, Маврово и Маврови Анови и на сопствениците на викендичките околу езерото.

Незадоволни од работата на досегашната локална власт, тие побараа враќање на општината Маврово, прогласување на туристичка општина Маврово и најмалку двегодишен мораториум за градба околу езерото.

„Ова што се случува околу езерото навистина е дивеење. Секој си гради каде и што сака, општинските власти не реагираат, а со тоа стануваат дел од урбаната мафија, која почна да пустоши по Маврово. Има решенија за уривање, а инспекторите се прават дека не гледаат дека градењето продолжува...“, изјави Верица Илиќ, сопственичка на викендица и иницијатор за основање на здружението на сопственици на викендици.

Владo Лазаревски, претседателот на Месната заедница Леуново, вели дека ножот е дојден до коска, а самоволието на поединци довело до тоа селото и викендиците да немаат вода, диви депонии да никнуваат околу езерото, поединци да градат каде сакаат...

Присутните на протестот побараа од новата локална власт итно да се стопира урбаното дивеење и бетонирање. За да се гради, треба да има соодветна инфраструктура, да се задоволени прво комуналните потреби на постоечките објекти и да се гради во склад со законите за градба и зачувување на Националниот парк, рекоа присутните. Тие побараа да се стопира продавањето на државното земјиште и националните природни богатства, итно да се изработи урбанистичка планска документација за целиот крајбрежен појас и селата околу езерото, а беше упатен јавен апел до оваа и до сите наредни влади да не се осмелуваат да го донесат законот за легализација на бесправните објекти.

„Од Јавното обвинителство бараме итно да ги отвори предметите доставени до обвинителките Валентина Бислимовска и Вилма Русковска, да не се чуваат во фиока предметите поврзани со урбаната мафија за Мавровскиот регион. Јавна тајна е дека урбаната мафија опстојува и се приспособува на секоја политичка структура“, рече Верица Илиќ.

За Митко Кочовски, еден од организаторите на протестот и жител на Маврово единствен излез е Маврово пак да биде независна општина како што беше пред 15-на години. „Постоечката општина не ни дава вода и не ни го собира сметот, работи обратно, ни зема вода и ни носи смет. Општината гради згради со 160 стана и уште нѐ убедува дека е тоа сѐ легално. Таа направи да нема риби во езерото, да нема ракови, водата е валкана. Засега барем заменик градоначалник на општината треба да биде човек од Маврово, за да го зачуваме тоа што остана. И тоа ако го снема, да си собереме парталите и да заминеме", рече Кочовски.

А.Д.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе