На врвот на листата на најзагадени градови во светот утрово се најдоа Сараево, Софија и Приштина. Белград е на 47-мо место, a Скопје за чудо, барем според страницата iqair.com, околу 8 часот утрово e на дното, на 95 - то место, во друштво на Мелбурн и Ванкувер. Очигледно станува збор за извлечен просек во секој од градовите или за добиени вредности од една избрана локација.
Сепак, синоќа мерните станици во делови од Скопје покажуваа енормна загаденост, па така околу полноќ, статницата во Реонски центар Аеродром измери рекордни 492 ПМ микрограми ПМ честички на метар кубен, во дел од Аеродром 403 микрограми, а во населбата 11 Октомври 419 микрограми на метар кубен.
Рекорди се уриваа и во Битола на локацијата викана Сремска Митровица со 424 микрограми на метар кубен.
Утрово е сончево па и тие вредности се намалени, но сепак не се во зелената зона, туку сигнализираат сериозна опасност по здравјето.
Вчера, со одлука на Владата, повеќе државни и општински органи беа задолжени за спроведување на мерки за заштита на населението во Тетово, Кавадарци и Куманово, каде во два последователни дена беа измерени опасни вредности на загаден воздух.
Меѓу другото, се наложува да бидат згрижени бездомниците, на работа да не одат постарите од 60 години, како и бремените жени и лица со болести, а се бара од властите и редукција во сообраќајот и намалување на градежни активности.