Живот во една соба без вода во сиромаштија и беда

Апел за помош: Солзите на мајката се најтешки кога децата бараат храна, а таа нема што да им даде

Живот во 10 квадратни метри без основните услови, без вода, без храна, без дрва, без можност за онлајн-настава. Семејството Зафирови има седум члена, родителите и пет малолетни деца. Во период кога целиот свет се бори со пандемијата од ковид-19 и кога во домовите се китат новогодишните елки, во ова семејство нема ниту новогодишна атмосфера, ниту пак место за страв од заразата, бидејќи гладот и сиромаштијата се посилни од сѐ.

Триесетгодишната Радица, на чие лице маките си го наплатиле данокот, за МКД.мк раскажува дека нема потешко за една мајка од тоа децата да бараат храна, а да немате од каде да им ја дадете. Ваквиот суров живот ова семејство го живее со години.

„Живееме под кирија овде во Драчево, но и овде гледате какви ни се условите. Немаме вода, нема дрва за греење, сите седиме во една соба. Се грееме со даски што мојот сопруг ги собира. Двајцата немаме лични карти и немаме како да земеме ниту социјална помош. И мојата и неговата лична карта се изгубени, а немаме пари да ги пријавиме, ниту пак да извадиме нови“, раскажува Радица Зафировска, која дома седи во јакна.

Оваа жена вели дека кога со сопругот стапила во брак и кога им се родила најстарата ќерка, која денес има 12 години, живееле во пристојни услови во куќата на нејзините родители во Драчево. Семејството има уште три други ќерки на возраст од 5, 7 и 8 години, и еден син на возраст од 6 години. Најмалото девојче нема ниту извод бидејќи родителите немаат лични карти за да му извадат документ. Поради документите за идентификација имаат проблем и не можат да остварат социјална помош, ниту пак услугите што ги нуди државата за социјално загрозени семејства.

Нејзиниот, но и животот на нејзиното семејство комплетно се променил откако починал нејзиниот татко. Во куќата каде што живеела сега живеат нејзината мајка и нејзиниот брат, кој е фамилијарен и просторот не дозволува сите да живеат таму, а немаат ниту можност да ѝ помогнат.

 

„Секој ден ми е нова лоша приказна исполнета со прашања како ќе го поминеме денот и дали децата ќе имаат што да јадат. Добиваме редовно храна, еднаш до два пати во месецот пакет од хуманитарната организација Св. Спас од отец Оливер од Драчево и многу сме им благодарни за тоа. Дел од тие јадења треба да се зготват, а јас немам ниту кујна, ниту вода, ниту садови. Немаме ниту купатило, па децата од време на време се капат кај соседите. Вода носам од надвор во шишиња“, вели оваа жена.

Од мизерните услови во кои живеат, децата одвај успеваат да одговорат на потребите за да завршат основно училиште. Три од нив се основци во второ, трето и седмо одделение, но ниту едно не следи онлајн-настава. Наместо виртуелната комуникација со наставниците и другарчињата, тие ја праќаат нивната мајка во училиштето во Драчево, па наставници им пишуваат што треба да сработат од понеделник до петок, за на крајот на работната недела Радица со тетратките повторно да оди кај наставниците, па тие да проверат што сработиле учениците за да може да формираат оценки и за нив.

„Јас сум и мајка и наставник. Одам до училиштето да ми напишат што моите деца треба да сработат, па потоа пишувам со нив и им помагам колку што можам, за на крајот пак во петок со тетратките да се вратам во училиште и да однесам да им проверат. Така школо не се учи. Овде каде што сега сме под кирија немаме ниту основни услови за живот, а уште помалку компјутер и услови за интернет“, вели Радица.

Оваа жена никогаш не работела, ниту земала плата. Таа ги чува децата, а единствен приход на минимална егзистенција е работата што на повик ќе ја сработи нејзиниот сопруг Ристо, кој е една година помал од неа. Ако некој го викне да подработи нешто приватно, ќе земе пари, ако не, тогаш семејството ќе гладува и ќе живее во страв да не ги исфрлат на улица поради неплатена кирија.

„Мојот сопруг помага во погребалното, прави фасади, и нешто приватно колку што ќе го викнат. Сега има многу малку или воопшто нема работа, па немаме ни пари. Може да работи било што ако некој му понуди оти најдобро е да имаме постојана плата секој месец. Ни треба и куќа со пристојни услови за живот и за нас и за децата, кои сега немаат ништо“, вели мајката.

Дечињата на ова семејство се скромни и срамежливи и често заспиваат гладни. Велат, сакаат да пробаат тост и чоколада.

Немаат услови за онлајн-училиште, но имаат желба да добијат новогодишни пакетчиња.

Велат, сакаат да растат како и сите други деца, да им биде топло, да имаат облека, да имаат своја бања за да се искапат, како и да имаат услови да учат како другите деца сега во овој период. Сите посакаа во новата година да имаат барем пакетче.

Сите спијат заедно гушнати на еден кревет и велат дека се среќни, но им недостасуваат и нормални услови за детство.

Наша сограѓанка Розета како донација им донесе компјутер, но тие немаат интернет и нема како да се служат со него.

 

Семејството Зафирови апелира до надлежните да им помогнат да може да добијат лични карти и да може да го остварат правото на социјална помош. Повик упатија до сите хумани граѓани што сакаат да помогнат првенствено со готова храна (бидејќи нема каде да готват и немаат кујна) и финансиски за да може да најдат подобар дом и барем пристојни услови за живот, а потоа и со донации, со кои би можеле да се сместат.

Семејството во моментов живее на улица Корчевска број 25 во Драчево. За донации и помош секој хуман човек може да се јави на 077 / 500 – 822, кој го користи Радица Зафирова.

Мислата дека во следната 2021 година, која веќе е на прагот, ќе имаат подобри услови за живот и работа барем за таткото, кој ќе може да си ги издржува децата, им е единствена надеж.

Катерина Додевска 

 

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе