Сојузот на филателистите промовираше пригоден плик за народниот херој Васко Карангелески

Во Домот на Армијата, на Денот на борецот 4 јули, Сојузот на филателистите на Македонија го промовираше проектот „Сто години од раѓањето на седум народни херои во 2021“. Петмина од нив го положиле својот живот во Народно-ослободителната борба и револуција на свои неполни 25 години: Борка Талески, Христијан Тодоровски Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски.

За народни херои се прогласени и Васко Карангелески и Крсте Црвенковски. Цел на проектот е да се остави во наследство за следните генерации спомен на нивното дело преку соодветен филателистички материјал. Проектот предвидува издавање седум посебни пликови за секој од нив, именувани како Пригодни пликови. Тоа се стандардни пликови на кои е отпечатен ликот на херојот, придружен со соодветни филателистички податоци. Во соработка со  АД Пошта на Македонија, овие пликови ќе бидат украсени со македонски поштенски марки со слики од родното место на херојот, кои ќе бидат поништени со пригодни поштенски печати. Овие печати ќе бидат во еднодневна употреба на денот на раѓањето на херојот во неговото родно место.

Денес беше промовиран првиот пригоден плик за генерал-полковникот Васко Карангелески. Во присуство на неговиот син Раде Карангелески со поширокото негово семејство и членови на Сојузот на филателистите, претседателот на Извршниот одбор на Сојузот Димитар Белчев говореше за неговата животна патека од раната младост, преку учеството во НОБ и израснувањето во командант на значајни единици, а по ослободувањето и за неговото школување во највисоките воени академии во СФРЈ и во СССР. Му биле доверувани сè посложени задачи во системот на одбраната и е назначен за командант на Третата воена област со седиште во Скопје. Притоа на семејството му беше предаден првиот пригоден плик од овој проект.

Настанот беше збогатен со изложени филателистички збирки за народно-ослободителните востанија од 1941 година и за животот на врховниот командант Јосип Броз Тито, како и видео-колаж за 70 години на Сојузот. Пригодниот печат ќе биде во еднодневна употреба во поштата во Битола на 7 јули.

Наредниот пригоден плик посветен за народниот херој Борка Талески ќе биде промовиран во Прилеп на 19 јули во склоп со одбележувањето на стогодишнината од раѓањето во Градската библиотека што го носи неговото име.

Сојузот на филателистите на Македонија постои повеќе од 70 години. Сојузот настојува значајните датуми од нашата историја и од општествениот живот да ги проследи со соодветна филателистичка активност, што е традиција која трае со години, соопшти Сојузот на филателистите.

 

 

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе