Утре е Советот на ЕУ

Софија е решена да докаже дека имаме бугарски корени, Скопје се надева на решение во последен момент

Бугарија останува на тврдите позиции за македонската евроинтеграција и не дозволува да биде усвоена преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција и старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Извесно е дека Софија во вторник на состанокот на Советот на ЕУ ќе ја блокира одлуката за почеток на преговорите.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захарива вели дека Бугарија во оваа фаза не може да каже „да“ за Македонија. Официјално Скопје потврдува дека шансите за промена на ставот на Софија се мали, но оти сепак ќе се настојува до последен момент да се дојде до решение.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека тој никогаш не губи надеж бидејќи одговорноста на политичарите е голема, предупредувајќи дека ваквата одлука на Софија може да предизвика развој на непосакувани настани на двете страни.

„Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку, повеќе е извесно од тоа да добиеме позитивно. Но, сепак никогаш не ја губам надежта затоа што одговорноста е голема кај политичарите. Иако е ГАК на 17-ти, до декември има време, до крајот на декември е можноста за првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

 Тој очекува одговорност, и како што наведе, крик на пријателство од бугарската страна заради тоа што кај нас имаат пријатели.

„Ако се испрати негативна порака сите знаеме што е тоа непосакуваното, верувам од двете страни може да развие. Не ни треба тоа, ни треба пријателство, подадена рака заедно да го чекориме европскиот пат“, истакна Заев.

Тој изрази надеж дека, како што кажа, пријателска Бугарија ќе остане на духот на пријателството.

„Ако не се од нешто задоволни од исполнувањето на Договорот имаат можност 130 пати низ 34 поглавја да стават вето или блокада, затоа што, Договорот со Грција и Договорот со Бугарија, се составен дел од преговарачката рамка. Тие се меѓународни договори кои имаат своја реализација. Уште еднаш напоменувам, тоа го потврдува и бугарската страна имаме решено пет историски личности, три историски периоди, спремни сме да ги објавиме и да почне имплементацијата во учебниците на двете страни и од македонската и во бугарската страна“, рече премиерот.

Заев е убеден дека со позитивни одлуки се градат пријателски односи, со негативни одлуки градиме горчина.

„Не треба двата народи никој да ги одалечува, треба да ги зближува. Тоа е историски повик, кон политичарите и кон нас, македонските и кон бугарските политичари. Двата народа се навистина со заедничка историја, со заедничко минато. И од таа заедничка историја и минато се развиле денешните македонскиот и бугарскиот народ. Од словенската јужна група на јазици излезени се двата јазика бугарскиот и македонскиот јазик. Зошто не е доволно заедничко? Како тоа да биде заедничко, а да биде бугарско? Или да биде заедничко, а да биде македонско? Заедничко, е заедничко. Или заедничкото или општо треба да ги наоѓаме решенијата. Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носиме. Ако се позитивни, историјата ќе испише златни и позитивни букви, ако се негативни ќе испише горчина. Јас верувам дека ќе бидеме сите мудри и паметни тоа да го направиме“, истакна Заев.

Македонскиот народ, потенцираше, никогаш не би ставил вето на бугарскиот народ, затоа што го смета за братски народ со кој треба меѓусебно да поддржуваат.

 И шефот на дипломатијата Бујар Османи се надева дека до одржувањето на Советот на ЕУ ќе може да се дојде до приближување на ставовите. Овие два дена, вели Османи, оставаат да се рефлектира влогот кој сме го внеле и последиците по нашите односи, регионалните прашања и по кредибилитетот на ЕУ.

„Нашата политика е дека ќе работиме до последниот момент за носење одлука на Советот за општи прашања. Ние немаме алтернатива од европската агенда. Не можам да кажам кој ќе биде исходот. Очигледно дека во Република Бугарија се понагласено се зборува за неприфаќање на рамката од нивна страна, но ние ќе продолжиме да работиме, да разговараме не само со Република Бугарија, туку со сите земји – членки, бидејќи немаме алтернатива од европскиот пат“, истакна Османи.

Според него, очигледно е дека има разлики, кои во овој „балон“ на дневна политика и емоции изгледаат навидум ненадминливи, но тие разлики немаат врска со преговарачкиот процес.

„Тие разлики немаат врска со првата меѓувладина конференција, ниту со билатералниот скрининг, поглавјето владеење на право, отворање на поглавјето животна средина. Едноставно преговарачкиот процес не е ништо повеќе отколку техничка асистенција на Европската Унија на земјата – кандидат за да може да оди напред, за да има владеење на правото, подобра животна средина, подобри трговски односи. Апсолутно ниту едно прашање не треба да биде пречка која ќе и оневозможи на една држава прогрес во овие прашања кои се споделено европски вредности“, изјави министерот за надворешни работи.

Неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, пак, вели дека Бугарија кажува „не“ за старт на преговорите сега, а не и на членството на Макеоднија во ЕУ. Софија смета дека Скопје во моментов не е подготвено да ги исполни условите за почеток на преговорите.

Захариева тврди дека Бугарија секогаш добро се однесувала кон Македонија, во сите тешки моменти досега подавала рака, а тоа ќе го правеле и во иднина. Одговорноста за проблемот целосно ја префрла на македонската страна.

„Скопје не го спроведува Договорот за добрососедство и продолжува со омраза кон Софија, поради што нема начин како Бугарија да каже „да“ во оваа фаза. Никој не го оспорува нивното право на самоопределување и да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но не се согласуваме дека тоа право на самоопределување треба да се заснова на омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија и бугарскиот јазик. Како што тргнале, тие ќе почнат да го негираат постоењето на бугарска нација“, изјави Захариева за БНТ.

Бугарската Влада во петокот на вонредна онлајн седница го утврди ставот на официјална Софија за преговарачките рамки за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ, што треба да бидат разгледани на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември.

„Бугарија е меѓу најсилните застапници на процесот на проширување на Европската Унија. Нашата земја ја крена темата високо на агендата на ЕУ за време на нејзиното претседателство со Европскиот совет во 2018 година. Европската перспектива е најсилната мотивација за транзиција кон демократско владеење и пазарна економија на Западен Балкан“, се вели во кусото соопштение од владиниот состанок.

Повеќе информации, ниту пак детали во врска со утврдената позиција, не беа соопштени.

Бугарија на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември се спротивстави на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Софија го извести Брисел дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори и придружната нацрт-декларацијата со образложение дека не ги даваат потребните гаранции за исполнување на поставените бугарски услови. Бугарија има забелешки за неспроведување на Договорот за добрососедство, за историски прашања, но и за македонскиот јазик и идентитет.

Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се усвои преговарачката рамка, првично беше закажан за 10 ноември, но беше одложен за 17, што им даде дополнително време на Скопје, Софија и на германското претседателство како медијатор да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор, со што би се отстраниле бугарските резерви.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе