Разорување на културното наследство

Со дозвола од мавровската општина „Радика резорт“ гради викендички врз средновековна црква

На локалитетот каде што се наоѓал манастирот Клетовник досега не се вршени никакви археолошки ископувања и истражувања. Но затоа багерите на инвеститорот „Радика резорт“ таму без проблем копаат за темелите на планираните 87 потенцијално нелегални викендички. Според законот, ако при градењето се открие културно наследство, изведувачот е должен веднаш да ги сопре работните активности.

Тимот на Националниот конзерваторски центар на недвижното културно наследство на Македонија минатиот месец откри голем број повреди на законските одредби во археолошкиот локалитет „Долномаалски гробишта“ во мавровското село Леуново. Увидот бил направен по барање на Месната заедница Леуново и на здружението на граѓани Спас за Маврово, кои цело време тврдат дека тука се гради на регистрирано археолошко наоѓалиште, каде што некогаш бил средновековниот манастир Клетовник.

Покрај многуте неправилности во документацијата за дозволите за изградба на 87 викендички на компанијата „Радика резорт“ (под хотелот Радика кај Леуново), за чија нелегалност конечно се покренаа соодветни постапки, на површина излезе уште едно непочитување на законот од страна на општинските власти. Секторот за урбанизам на општина Маврово Ростуше без никаков проблем издавал одобренија за изградба на регистрирано археолошко наоѓалиште.

Во извештајот на Националниот конзерваторски центар Скопје се вели дека локалитетот „Долномаалски гробишта“ бил евидентиран во евиденцијата на НУ Национален конзерваторски центар на недвижно културно наследство на територијата на Република Македонија – археолошки локалитети под бр 4-807-047/160 ЕНД како средновековна црква.

Во Археолошката карта на Македонија уште во 1996 година е забележено дека во непосредна близина на селските гробишта се гледаат темели од објект граден со кршен камен и варов малтер, со ориентација исток-запад, со што е утврдено постоење на христијански верски објект – црква. Пред повеќе од 30 години Ж. Винчиќ и М. Ивановски од тогашниот РЗЗК (Републички завод за заштита на спомениците на културата) при стручен увид со површинска проспекција на овој простор констатирале и погребувања на христијански покојници, кои гравитирале околу темелите на црквата. Во селските преданија оваа средновековна црква е позната како манастир Клетовник.

На овој локалитет не се вршени археолошки ископувања и истражувања. Но затоа багерите на инвеститорот „Радика резорт“ последниве години без проблем вршат ископувања за темелите на планираните 87 викендички. Досега се изградени 17, а 9 се прогласени за дивоградби, меѓутоа општината нема пари да ги урива.

На овој локалитет идентификувани се и гробови од 19 и почетокот на 20 век. Констатирани се и постари погребувања, за кои се претпоставува дека датираат од доцносредновековниот период или од периодот на раното турско средновековие. За сега не се познати границите на локалитетот ниту неговата површина.

За време на увидот, тимот на Националниот конзерваторски центар утврдил „видливи оштетувањата на дел од некрополата која се наоѓа непосредно до новоизградените објекти и патеки. Според кажувањата на селаните, темелите на црквата биле видливи сѐ до почетокот на изградбата на бунгаловите, градби што се дел од одморалиштето Радика. Претпоставуваме дека на предметниот простор е поставена подземна инфраструктура што несомнено го оштетила археолошкиот локалитет“.

Во членот 65 од Законот за заштита на културното наследство доколку за време на изведување на градежни или земјени работи биде откриено движно или недвижно културно наследство, изведувачот е должен веднаш да ги сопре работните активности и за настанатата ситуација да ја извести надлежната институција, односно Националниот конзерваторски центар.

Од Месната заедница Леуново и од здружението Спас за Маврово велат дека и за ова ќе се бара одговорност од општинските власти.

А.Д.

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе