Речиси секој ден некој е каснат од куче скитник, 7 милиони денари платени за обесштетувања

Нема ден некое лице да не биде каснато од куче скитник во земјава. Каснувањето од кучиња скитници е составен дел од речиси секој билтен на МВР. А билтените излегуваат секој ден.

Овие информации се присутни и на социјалните мрежи. Редовни се дебатите за тоа како до похуман однос кон кучињата скитници или за порадикални мерки за да се реши овој проблем.

Но што велат надлежните, кои би требало да го решат овој проблем.

Од Министерството за внатрешни работи одговараат дека тие не се надлежни, кај нив граѓаните го пријавуваат инцидентот, каснувањето, тоа се евидентира и понатаму постапката продолжува во другите институции.

„Единственото нешто што ние можеме да го направиме е да го евидентираме инцидентот и да известиме за него. Особено е важно да ја соопштиме локацијата, затоа што најчесто се повторуваат местата каде што се случува каснувањето, за да знаат граѓаните да внимаваат“, велат од МВР.

Според нивната евиденција, во првите 6 месеци од годината имало околу 143 каснувања од кучиња скитници, па така во просек речиси секој ден имало по едно каснување.

Доколку се следи билтенот на МВР, може да се добие заклучок дека најмногу вакви инциденти има во Скопје, и тоа во општините Аеродром и Центар.

А од град Скопје велат дека работат на систематско решавање на проблемот.

„Градот Скопје работи на систематско решавање на проблемот со бездомните кучиња, каде што во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја. Изминатиов период почнаа постапките за стационарот „Вардариште“ да прејде од надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, во посебното јавно претпријатие „Лајка“, кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните. Во однос на стационарот „Вардариште“, деновиве почна неговата целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи“. Тие ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма. Покрај подобрување на условите во стационарот“, велат од град Скопје.

Истовремено се работи и на тоа да се спречи зголемувањето на бројот на кучињата скитници.

„Работиме на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, а воедно да се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на т.н. „неодговорно сопствеништво“. Имено, Агенцијата за храна и ветеринарство во голема акција, заклучно 31 март годинава, исчипира бесплатно 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на Регистарот на миленици“, истакнуваат од Град Скопје.

Во однос од лицата што се каснати од кучиња скитници, велат дека тешко е да се направи целосна статистика по колку пријави има годишно за оваа ставка, како и колку пари се издвојуваат за оваа ставка на годишно ниво. Сите овие предмети се водат низ судски постапки во кои граѓаните пред суд ја докажуваат штетата што им е нанесена.

Сепак статистика има, па така според извештајот на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ за изминатата година, исплатени се повеќе од седум милиони денари во 2018 година како обесштетување за лицата каснати од кучињата скитници во Скопје (3,54 милиони денари се исплатени по основа на спорови по пресуди за надомест на штета од каснување на куче и 3,4 милиони денари се главен долг).

Во најголем дел пресуди половина од штетата ја исплаќа град Скопје, додека втората половина ја исплаќа ЈП „Комунална хигиена“, па се верува дека сумата што си ја наплатиле скопјани како обесштетување е двојно поголема.

Висината на отштетните надоместоци, утврдена низ судска постапка, е меѓу 60.000 и 180.000 денари, во зависност од возраста, степенот на повредите, последиците од нанесените повреди на оштетените.

За каснувањето, граѓанинот може да бара отштета што ЈП „Комунална хигиена” и Градот Скопје солидарно ја делат. Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.

„Масовна стерилизација, а не масовна елиминација на животните – на улица, или во стационари како скопско Вардариште. Забрана на слободната продажба на отрови кои се опасност за здравјето и животот на сите. За насилниците казна затвор“, ова се најчестите барања од Здружението за заштитана животните „Анима Мунди“.

Интересно е како проблемот со кучиња скитници се решава во Турција. Таму бездомните животни се ловат, се стерилизираат, со што се намалува нивото на агресија и повторно се ослободуваат на улица. За да не умираат од глад, се поставуваат специјални автомати, кои им даваат храна на бездомните животни во замена за празни пластични шишиња. Па така кучињата можат да бидат згрижени, а животната средина може да се заштити од загадување.

Во Франција секое куче мора да има тетоважа со податоци или електронски чип, вакцинација против беснило и социјално осигурување. За игнорирање на кое било од овие барања, сопственикот ќе се казни со парична казна од 450 евра. Сопственикот што ќе го остави своето куче на улица или ќе малтретира куче ќе мора да плати парична казна од 30 илјади евра.

Мерките што се преземаат кај нас по сѐ изгледа не се доволни, а тоа се потврдува со фактот што каснувањето од куче скитник станува секојдневна појава.

М.М.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе