Зелени покриви

Скопје не е дораснато да расте зеленило на тераси (ФОТО)

Секцијата 3Б, односно терасата на ГТЦ со поглед кон Градскиот плоштад, повторно е затворена. Таа минатиот месец прими околу 50 луѓе – официјални претставници на УНДП, локалната самоуправа и на ГТЦ, за пред новинарите да најават дека на лето тука граѓаните ќе можат да уживаат во ладовина од градината и во кафе од кафулето – содржини на првиот зелен покрив во градот. 

Еден месец подоцна, освен катанецот на металната врата и таблата на која е прикажан идниот изглед на терасата, овде ништо друго не се забележува. Проектот предизвика бурни реакции кај јавноста и кај стручната фела дека избраното идејно решение на фирмата „Дом дизајн“ повеќе ќе го забетонира отколку што ќе го зазелени покривот на ГТЦ.

По барањето на Асоцијацијата на архитектите за нов јавен конкурс, Град Скопје рече дека ќе го почитува нивното мислење, но деталите дали ќе биде распишан нов повик нè упатија да ги бараме од АД „ГТЦ“.

„Нема да се распишува нов конкурс“, дециден е директорот на АД „ГТЦ“ Ѓоко Трајчевски. Но не зависи од ГТЦ кога ќе почне постапката за поставување на зелениот покрив.

„Потребно е да се избере фирма што ќе го врши надзорот и Општина Центар да го одобри барањето за реконструкција на покривот“, вели Трајчевски. Според тендерската документација, постапката за изведба може да трае од 4 до шест месеци, но сè зависи од временските услови.

Како резултат на покриеноста на земјиштето со згради и асфалтни површини, во големите градови се создаваат урбани топлински острови. Овие површини многу повеќе ја задржуваат топлината во споредба со природните екосистеми и руралните средини, кои се покриени од дрвја и вегетација.Проектот ќе го изработува фирмата „Тера кота инженеринг“, која понудила најдобра цена и изведба на сите елементи од проектот за зелен покрив, додава Трајчевски.

Зелениот покрив е ветување од изборната програма на градоначалникот Петре Шилегов, но и предлог-мерка за справување со урбаните топлински острови што ги мапираа Град Скопје и УНДП. Во неа ГТЦ е означен како „жешка“ точка.

Но зелениот покрив на ГТЦ не е единствениот предлог за зазеленување на терасите како мерка за зголемување на зеленилото и намалување на аерозагадувањето. Во програмата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов планирани се субвенции од градот за зелени покриви на постојните, но и на нови згради, и зелени оази и на други административни објекти. Колку средства се предвидени за ова и дали до сега некој се пријавил со проект за зелена градина не добивме одговор.

И градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, и во програмата и во Локалниот еколошки акционен план за 2019-2024 година на општина Карпош предвидува компензација за изградените површини преку поставување зелени покриви. Сепак, за реализација на вакво нешто од таму наведуваат дека е потребно донесување нов закон за енергетика.

Програмата за работа на Одделението за енергетска ефикасност „го чека“ новиот закон за енергетика, кој е во фаза на донесување пред Собрание. Цел на Општината е да ги насочиме сите потенцијални инвеститори кон современите високотехнолошки знаења. Новите технологии веќе и на овој план нудат посовремени решенија, како на пример, наместо поставување земјени подлоги за зелени покриви на колективните или индивидуалните објекти (кои можат да влијаат на статиката на зградата) се нудат специјални Кнауф потенки подлоги на кои се поставуваат зелените површини, велат од општина Карпош.

Од Општината додаваат дека, кај неколку индивидуални градби, имало интерес за поставување на зелени покриви, но за приватните објекти треба да одлучуваат заедниците на станари.

Свеста за колективното домување и за колективната еколошка одговорност сè уште не е на потребното ниво за граѓаните да преземат ваква инвестиција, велат од Регулаторната комисија за домување, до која секојдневно доаѓаат барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови и слично. Но досега правната служба не добила предмет за пренамена на заедничкиот покрив на зграда во зелена градина.

За какви било интервенции во заедничките простории потребно е согласност да дадат повеќе од 51% од станарите. Идејата не е лоша, меѓутоа од целокупниот работен стаж со домувањето, односно откако постои Законот за домување од 2009 година, можеме да заклучиме дека таа ќе биде многу тешко спроведлива на терен, велат од правната служба во Регулаторната комисијата за домување.

Во моментов во Скопје зелени покриви има само на неколку приватни објекти, седишта на компании или индивидуални куќи за домување подалеку од централната градската средина.

„Паркови и зеленило“, како единствено јавно претпријатие за уредување и одржување на зелените површини, е вклучено во проектот за зелен покрив на ГТЦ и на уште една локација, во Шуто Оризари, но и покрај стручноста што ја имаат, од таму велат дека до сега никој друг од нив не побарал услуги за изведба на вакви покривни површини.

„Јавноста сè уште не е сензибилизирана за овие прашања. Очекуваме да започне поставувањето на зелен покрив на ГТЦ, како прв од ваков вид, за да може да се направат процени, но и граѓаните да ги видат ефектите од ваков проект со цел да се развие свеста“, вели директорот на Паркови и зеленило, Ардијан Муча.

Тој додава дека очекувале и од градежните фирми да добијат барање за изработка на елаборат или пресметка за колку би чинела ваква инвестиција за нова зграда, но до сега немаат ниту такви предмети.

Зелено само на хартија, а и таму сè помалку

Освен во програмите на Шилегов и Богоев, зголемување на зелениот фонд е предвидено и во програмите на другите градоначалници во Скопје. Зелените покриви се споменати само во програмите за Град Скопје и за Општина Карпош, додека во другите општини планирано е обновување на традиционалното зеленило по паркови, булевари и слично.

Во програмата на градоначалникот на Општина Центар , Саша Богдановиќ, предвидено е и поставување на вертикални градини, кои претставуваат ѕидови покриени со зеленило.

Во програмата на Златко Марин, градоначалникот на Општина Аеродром, предвидено е зголемување и одржување на зеленилото, иако во меѓувреме се уништија и стари зелени површини.

Во програмата на градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, зборот „зеленило“ е споменат само еднаш.

Во програмата на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, зборот „зеленило“ е споменат четири пати.

Во програмата на градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, зборот „зеленило“ е споменат 5 пати.

Во програмата на градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, зборот „зеленило“ е споменат 11 пати.

70 мерки и акции за спас од урбаните топлински острови во Скопје

Во Анализата и акцискиот план за справување со урбаните топлински острови во Скопје покрај ГТЦ, зелени покриви се препорачуваат и за Домот на АРМКатната гаража Солунски конгрес, над пероните на Железничката станица.

Катна гаража Солунски конгрес: Зелениот покрив може да се направи и комерцијално достапен, па да премине во ресторан

Железничка станица: Зелениот покрив може да се направи и комерцијално достапен, па да премине во летна чекалница, каде што патниците во летните периоди ќе можат да уживаат во зеленилото на покривот.

Овие проекти, стои во Анализата, ќе придонесат за разубавување и разладување на просторот и додавање на нови содржини за корисниците на овие локации.

Покрај овие, предложени се 70 мерки и акции што ќе овозможат справување со ефектите на топлинските острови во Скопје. Дополнително, бидејќи најголем број од мерките со кои се спречува ефектот на урбани топлински острови влијаат и за намалување на загадувањето, секако треба да се направи напор да се имплементира дел од предложените мерки, се наведува во заклучоците од професорот д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ.

Што е зелен покрив?

Зелениот покрив, или покривната градина, е вегетативен слој одгледуван на покривот. Постојат два вида зелени покриви:

Екстензивни зелени покриви - поедноставни, со помали растенија и длабочина на почвата од 5 до 10 сантиметри; со помала структурална поддршка и релативно лесно одржување откако ќе се инсталираат.

Интензивни зелени покриви – покомплексни; потребна е поголема структурна поддршка бидејќи се потешки и потребна е повисока почетна инвестиција и се поскапи за одржување.

Општините да субвенционираат зелени покриви, порачуваат архитектите

Според архитектот Душко Апостолов, кој долги години се обидува да ја „наметне“ идејата за зелени покриви, раззеленувањето на ГТЦ, споменато уште на првата Конференција за зелена архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје во 2014 година, не е лош проект, колку што е проблем неговото надградување со други содржини.

„Кога се проектираат зелени покриви на постојни објекти, прво нешто што треба да се земе предвид е носивоста на постојната конструкција. Во вакви ситуации, претежно тоа се екстензивни зелени покриви, со помал саден медиум, за што помало оптоварување на веќе постојна конструкција“, вели Апостолов.

Заинтересираност за вакви покриви има, смета Апостолов, но цената на нивната изведба е проблем бидејќи може да биде и двојно повисока од обичниот покрив. Сепак, како најголем проблем тој ги посочува несубвенционирањето на ваквите покриви и дополнителните трошоци за комунални такси.

„Екстензивни зелени покриви би можело да се постават речиси на секој објект со здрав конструктивен систем, но доколку се оди на интензивен зелен покрив, што значи зелен покрив со саден медиум од 15 см - 90 см, тогаш ќе бидеме принудени да го зацврстуваме конструктивниот систем, со што драстично ќе се зголеми цената за изведба и реализација“, вели Апостолов, кој прашува и дали чистиот воздух има цена.

 

Скопската утопија реалност во Милано

Еден од најсивите градови во Италија, Милано, интензивно работи на планот за отпорност како одговор на ширењето и сè поголемото загадување на градот. Стратегијата на градските власти е до 2030 година да бидат посадени 3 милиони дрвја.

Во Милано се наоѓа и еден од најинвентивните примери на урбана зелена архитектура „Вертикална шума“. Двете кули на архитектот Стефано Боери покриени со растенија се дом на околу 800 дрвја и 15.000 растенија. Вегетацијата што ги покрива двата блока е еквивалентна на шума од 20.000 квадратни метри.

Исто така, важно за отпорноста на Милано според новиот план е зголемување на стандардите за еколошки перформанси потребни за постојните и новоизградените објекти. Повторната натурализација предвидува новите згради да бидат енергетски ефикасни и да вклучуваат зелени покриви.

 

Марија Севриева

Фото: Роберт Атанасовски



Со овој текст МКД.мк се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина
„Не игнорирај! Реагирај!".

Објавено

Среда, Март 20, 2019 - 17:48

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе