Во повеќе скопски населби вчера воздухот беше многу загаден, а мобилната апликација од која можат да се видат вредности на мерните станици низ градот, предупредуваше дека е опасно и излегувањето надвор и отворањето на прозорците. Неславните рекордери повторно беа Реонски центар Аеродром и населбата 11 октомври. Со опасна загаденост беа обележани и населбите Гази Баба, Центар, Карпош...
Но и во други градови беше слично. По највисоко измерените вредности во скопски населби Аеродром и 11 октомври, најзагаден беше воздухот во Тетово, во Куманово, како и во дел од Охрид.
На интернет можат да се најдат дневни податоци за загаденоста на воздухот во светот и тоа се наведуваат и градовите каде е најголема загаденоста. На најпосетената страница numbeo.com Teтово утрово се најде на второто место во светот, веднаш зад Катманду, а Скопје на 39 место.
На интернет страницата iqair.com најзагаден град во светот е Сараево, додека на второто место е Софија.
Во Софија деновиве, поради загадениот воздух, се преземаат повеќе мерки, една од нив е бесплатен паркинг за автомобилите во близината на метро станиците. Целта е да се намали користењето на приватните возила.
Се чини дека Софија и Скопје имаат заеднички проблем - загаденоста на воздухот, а не заедничка историја.
Скопје и Софија имаат и уште неколку заеднички проблеми - недоволна свест за екологијата, недоволен ангажман на надлежните министерства и институции, недоволно висок стандард на граѓаните за да се замени начинот на загревање на домовите и институциите и застарениот возен парк. Секако, тука е и проблемот со коронавирусот.
Местоположбата и климатските услови не можат да се променат.
П.Џ.