За Министерството за животна средина

Шведска ни даде опрема за мерење на квалитетот на воздухот вредна 300 илјади евра

Во рамки на шведската поддршка на Македонија за чиста животна средина денеска на Министерството за животна средина и просторно планирање му беше предадена опрема наменета за мерење на квалитетот на воздухот во вредност од повеќе од 300 илјади. Освен тоа, Шведска издвои пари и за подобра соработка на македонското министерство со шведската Агенција за заштита на животната средина преку тригодишниот проект „Поддршка на Северна Македонија во пристапувањето во ЕУ на полето на животната средина".

Со шведската поддршка Македонија доби високопрецизна лабораториска опрема за мерење на квалитетот на воздухот и се подобруваат капацитетите за мерење на осумте мерни станици распоредени низ земјава. Станува збор за места каде што беа заменети 14 застарени мерни инструменти за РМ10, азотни оксиди и озон и беа инсталирани осум нови за следење на концентрацијата на РМ2.5. Овие параметри претставуваат стандарден сет на загадувачки супстанции што се следат и што имаат големо влијание врз човековото здравје.

Амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон, зборуваше за важноста на проектот во насока на подобрување на ефикасноста на институциите одговорни за мерење на квалитетот на воздухот.

„Загадувањето на воздухот претставува глобална здравствена криза и потребно е да ги насочиме напорите за нејзино решавање во најкраток можен рок. Добро е познато дека нивоата на загадување на воздухот во македонските градови, голем број денови, особено во текот на студениот период од годината, ги надминуваат препораките на СЗО. Токму затоа, Шведска е горда што може да ги поддржи напорите за решавање на ваквата ситуација, изјави Форсгрен Бенгтсон, нагласувајќи дека новите мерни инструменти ќе овозможат подобри податоци за квалитетот на воздухот и ќе им помогнат на луѓето да носат одлуки врз основа на информации.

Кристијан Силвер, раководител на проектот од Шведската ЕПА, нагласи дека со донацијата на инструменти ќе им се помогне на јавноста и на лицата одговорни за носење одлуки подобро да разберат кои загадувачки супстанции се наоѓаат во воздухот. Исто така, истакна дека на лицата одговорни за носење одлуки им се потребни сигурни податоци со цел примена на ефикасни мерки за борба против загадувањето на воздухот.

„Замената на старите мерни инструменти и поставувањето нови во мониторинг-станиците во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух беше голем предизвик, особено затоа што тоа значи подобрување на системот, кој е единствениот официјален извор на податоци за квалитетот на воздухот на национално ниво“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, нагласувајќи дека овој систем е од голема важност за управувањето со квалитетот на воздухот, креирањето национални политики, известувањето до Европската агенција за животна средина и неколку меѓународни договори, како и за нашите континуирани напори за примена на законодавството на ЕУ, а со тоа и забрзување на процесот на евроинтеграција.

Со цел да ѝ се помогне на Северна Македонија во надградбата на системот за мерење на квалитетот на воздухот и за собирање податоци за квалитетот на воздухот согласно стандардите на ЕУ, кои претставуваат критериуми за пристап кон ЕУ, шведската Агенција за заштита на животната средина ја препозна потребата на земјата за зајакнување на инфраструктурата и капацитетите потребни за мониторинг на квалитетот на воздухот.

На состанокот во МЖСПП, министерот Нуредини упати благодарност и за поддршката за надградба на Системот за управување со податоци (AIRVIRO), како и за воведувањето на софтверот RAVEN за известување за податоците за квалитетот на воздухот до Европската агенција за животна средина.

Исто така, истакнато беше дека проектот вклучува и голем број други активности чија цел е поддржување на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ и градење капацитети во рамките на биолошката разновидност и заштитата на природата.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе