Алармот веќе со децении е вклучен

Се заканува ли исчезнување на Охридско Езеро – уникатниот жив музеј?

„Ударот" кон Охридско Езеро е повеќекратен - со загадување на езерото со нетретирани отпадни води и „физички" отпад, со бетонизирање на брегот, со стотиците пловни објекти што создаваат огромна бучава, загадуваат и влијаат на животот и размножувањето на многу видови живи суштества, со рибокрадците и десеткувањето на рибниот фонд без никаков надзор, со угостителските објекти и нивото на светлосното и звучното загадувањешто го предизвикуваат...

Како што може да се забележи од фотографиите, на дното на Охридско Езеро може да се лоцираат лименки, шишиња, пластични цевки, веќе неупотребливи предмети од домаќинствата... На мештаните и туристите што уживаат во благодатите на овој регион сѐ уште не им е јасно дека на отпадот по реновирањето дома или по убаво поминатиот ден на плажа не му е место во водата,уште помалку во ваква уникатна природа каква што нуди македонскиот бисер.

Во Езерото се влеваат и непрочистени отпадни води, а кога на ова ќе се додаде интензивната бетонизација на бреговите и бучавата и светлината во непосредна близина на природните живеалишта на голем број ендемични видови,повеќе од јасно е дека консумеризмот и боемството колку се поприфатливи за нас, луѓето, толку попогубнисе за природното богатство.

Ако се продолжи со вакво темпо, ризикот да го изгубиме Охридско Езеро какво што ни го дала природата во неговото исконско руво е многу голем, алармираат од граѓанскиот сектор.

„Постои опасност да го снема Охридско Езеровакво какво што го знаеме: Охридско Езеро – Театарот на еволуцијата, Охридско Езеро – Копнениот Галапагос. Процесот на модификација на ова езеро, кое постои милиони години, е почнат, но најстрашно е што во поново време, тоа забрзано се деградира. Според некои сознанија, во последните сто години, како резултат на значително зголемениот прилив на нутриенти, езерото остарело илјадници години. Антропогеното влијание само во изминатиот половина век е девастирачко. Многу видови се во опасност, многу предели се уништени или урбанизирани, со што засекогаш се променети живеалиштата на многу видови и тој процес продолжува“, предупредуваат од граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“, кои на волонтерска база се трудат да го дадат својот максимум за подигнување на јавната свест за неопходната итна заштита на Охридско Езеро и околината.

Оттаму велат дека ударот кон езерото е мултиплициран, а причината, како што најчесто е случај, е профитот.

„Луѓето и не забележуваат кога одземаат дел од брегот, од речниот слив, од појасот трска, што навистина прават, колку други видови (видливи и невидливи за човечкото око) уништуваат, оставаат без дом. Ударот е мултиплициран - со загадувањето на езерото, со бетонизирањето на брегот, со стотиците пловни објекти што создаваат огромна бучава, загадуваат и влијаат на животот и размножувањето на многу видови, со рибокрадците и десеткувањето на рибниот фонд без никаков надзор, угостителските објекти и нивото на светлосно и звучно загадување. Дополнително, езерото се користи како хидроакумулација, често се испуштаат огромни количества вода преку Црни Дрим под дозволениот еколошки минимум, што има многу лоши последици врз флората и фауната“, велат од здружението.

Повеќето упатени во оваа сфера сеедногласни дека најголемото загадување на езерото се врши преку вливовите на реките.

Тоа го констатираат од нуркачкиот центар „Амфора“, кои повремено спроведуваат екопатроли.

„За разлика од досегашните акции за чистење на дното на езерото од цврст отпад, проектот 'Подводна екопатрола' има цел да се детектираат вливовите на реките преку кои најмногу се загадува Охридско Езеро.Отпадот се јавува во форма на градежен шут, пластични амбалажи, стаклени шишиња и чаши, метални конструкции, автомобилски гуми итн.Од нашите досегашни сознанија, отпадот беше локализиран во близина на населените места покрај охридската ривиера и на места каде што најмногу гравитираат туристите. Со реализацијата на овој проект увидовме дека поголемдел од цврстиот отпад се насобира на црни точки преку реките“, вели Јован Секулоски од „Амфора“.

Од невладината „Охрид ЅОЅ “ велат дека загадувач број еден кога станува збор за загадувањето од нечисти води што се влеваат во езерото е реката Сатеска.

„За жал, реките во Охридско Езеро внесуваат различни видови загадување. Прво, тука се нетретираните отпадни води, со оглед дека на делови од езерото нема колекторски систем или тој неправилно функционира (овде се мисли и на албанскиот дел). На македонската страна, тој опфаќа околу 70% од отпадните води. Разните канали се влеваат во реките, од каде што продолжуваат во езерото. Постои загадување од индустријата, се случува обоени да се реките, од испуштени бои и хемикалии, и тие завршуваат во езерото. Притоките го носат и загадувањето од агрохемиски средства, кои се користат на земјоделските површини во сливното подрачје на Охридско Езеро. Септичките јами се користат не само кај домаќинствата, туку и во индустријата. Реката Сатеска сè уште не е пренасочена во старото корито, а таа е загадувач број еден на Охридско Езеро. Сатеска депонира огромни наноси на седименти, кои се наталожени до 4-5 км во езерото, што значително го менува крајбрежјето во тој реон, влијаејќи на живеалиштата на водната фауна. Дури 39% од фосфорот и 29% од вкупниот азот што потекнуваат од притоките на Охридско Езеросе внесуваат преку Сатеска“, велат од иницијативата.

Реките ја носат и пластичната амбалажа, која во зависност од ветровите, езерото ја исфрла на брегот, на различни локации.

Од „Амфора“ за овој проблем предлагаат две практични решенија.

„Ние понудивме две практични решенија што може да се применат на вливовите на реките:

1. Мрежна структура за зафаќање на отпадот што ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект.

2. Кит за чистење реки - иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот што лебди или е полупотопен и функционира како природна брана“, велат од Нуркачкиот центар.

Да се исфрли пластиката за една употреба! И додека Европската Унија веќе го има сторено тоа, невладината „Охрид ЅОЅ “ предлага такво решение и за Охрид.

„Во Охридскиот регион треба да се исфрли пластиката за една употреба. Ако треба, и со некој посебен указ. Производителите на РЕТ-амбалажа треба во секој маркет, во секој парк, јавен простор, училишни дворови да обезбедат посебни контејнери за рециклирање на пластика, а и да стимулираат, со давање пари или попусти во одредените маркети ако се рециклира одредено количество пластика. Дополнително, да се обезбедат и посебни контејнери за стакло, метал итн. Крајната цел секако би била употреба на што помалку пластика или нерециклирачки материјали. И тоа треба да се краткорочни цели. Загадување на дното прават и километрите рибарски мрежи, кои со помош на подводните ентузијасти се вадат и барем малку се помага во решавање на проблемот. Но само краткорочно“, велат од Охрид ЅОЅ.

Езерото не е имуно ниту на загадувањето од земјоделието и индустријата.

„Дополнително, загадувањето на рекитешто се влеваат во езерото од земјоделието е значително, така што како резултат на прекумерна употреба на вештачки ѓубрива (органско ѓубриво не е мерено) и пестициди, почвата во сливот на Охридско Езеро се сатурира со над 135,96 т нитрати и 118,45 т фосфор годишно, при што најголем дел отпаѓа на долниот тек на р. Сатеска и р. Коселска. Тоа е алармантно. Не се казнуваат индустриските капацитети за загадување на притоките, а не се знае ни колку загадуваат. Што е најтрагично, тие имаат 'дозвола' да загадуваат, но никој тоа не го контролира“, велат од здружението.

Вина за загадувањето има и од страната на Албанија.

„Колекторскиот систем се реставрира мошне бавно, а излевања сè уште се случуваат. Се чини дека и од страната на Албанијане се прават доволно напори за да се спречи загадувањето преку реките во езерото, колекторскиот систем на Поградец се соочува со проблем на финансиска одржливост, измивањето од напуштените рудници влијае токму таму, во близината на Поградец езерските води да покажат мезотрофичен статус, што значи дека водниот екосистем е значително деградиран. Институциите на меѓудржавно ниво како воопшто да не соработуваат, ниту локалните самоуправи (кои, иронично, се среќаваат само за Денот на езерото, и тоа симболично), па ни министерствата и владата. Комитетот за управување на сливот на Охридско Езеро на Македонија и Албанијаво година и пол имаше две средби од кои едната конститутивна“, појаснуваат од невладината.

Оттаму велат дека и покрај гласните реакции на здружението надлежните институции се инертни и инспекторите како да не постојат, а евидентно е и отсуството на напори за едукација на населението за менување на одредени негативни практики и што е најлошо, како што оценуваат од „Охрид ЅОЅ“ – ако воопшто се санкционира, тоа се прави селективно.

„Езерото се третира како депонија, се фрла сè со помисла дека или ќе го однесат брановите или ќе потоне на дното. Надлежните служби треба да се многу повеќебројни, со решителен кадар што ќе делува, а не да го толерира загадувањетобидејќи овој проблем е децениски“, велат тие наведувајќи дел од мерките што треба да се имплементираат.

„Потребно е што поскоро да се воведе контрола врз изворите на загадување од земјоделието и да се почне транзиција кон одржливо земјоделие. Потребно е да се стимулираат еколошки практики во работењето на сместувачките објекти – употреба на биоразградливи средства, исфрлање на фосфатните детергенти итн. Потребно е да се работи на обнова на изгубената крајбрежна функционалност на езерото. За жал, кај нас постојано се игнорира значењето на блатните екосистеми како прочистувачи на водата и заробувачи на нутриенти. Не само што е потребно да се ревитализира Студенчишко Блато, туку и Калишко, и треба да се почне со создавање нови блата, кои ќе придонесат за прочистувањето на отпадните води“, децидни се од невладината.

Целта е едноставна – да не се дозволи Охридско Езерода ги изгуби специфичните епитети и да се претвори во една голема бара, што ќе значи губење на бистрината, нарушување на екосистемот, повеќе алги, уништување на ендемските видови, намалување на квалитетот на питката вода, тоа едноставно ќе значи дека во 21 век, ние, во Македонија, сме дозволиле да се уништи милениуми стар, уникатен жив музеј.

                                                                                                                             Христина Николовска

Фотографии: Роберт Атанасовски и Нуркачки центар Амфора

Со оваа сторија, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри се'", што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.


Објавено

Понеделник, Јули 5, 2021 - 09:08

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе