Сведоштва по вчерашната трагедија

„Се држеа за раце и бараа помош, им ја сечевме облеката за да ги одглавиме од под седиштата“ (ФОТО+ВИДЕО)

Расфрлени куфери, искината и крвава облека, искршени стакла, искршени седишта, клучеви, кутии за прва помош... Ова е сликата околу местото каде што вчера се случи страшната сообраќајка кај Ласкарци, кога откако се преврте автобус загинаа 14 лица.

Паднат во дупката покрај автопатот, искршениот автобус на „Дурмо турс“ од Гостивар денес стои како нем сведок на ужасот што вчера попладне се случи на местото.

Увидните екипи во текот на ноќта и денес се на терен, мерат и, следејќи ги трагите од кочење и доказите што останале на местото, утврдуваат како дошло до несреќата.

Силниот тресок од ударот во банкината и звукот на превртувањето на автобусот ги вознемириле локалните жители, по што сите излегле на улица.

Автобусот полн со патници, движејќи се од Скопје кон Тетово, според првичниот увид возел по средната лента од автопатот. Помеѓу лентите за двата правци од Скопје кон Тетово и од Тетово кон Скопје има банкина и дрворед. Само на местото каде што автобусот ја пробил заштитната ограда нема дрва. Откако изгубил контрола врз возилото, автобусот ја скршил заштитната ограда, преминал на лентите за спротивниот правец, па се удрил и ја скршил и таа банкина, по што се превртел. Со задниот дел паднал врз дрво, кое се скршило, и свртен на покрив застанал во дупка на ширинка на која нема куќи.

Во моментот кога се случила несреќата немало возила на спротивната лента. На едната страна од местото каде што паднал автобусот има кафеана, а на другата неколку куќи. Автобусот паднал на средина на простор на кој нема градби.

Мештаните што први излегле веднаш по несреќата, потресени раскажуваат дека и куќите се треселе од падот на автобусот. Кога излегле надвор, затекнале страшна глетка. Врисоци, повици за помош и заглавени тела под седиштата во автобусот, чиј заден дел, како што велат бил „свиткан како хармоника“. Со раце го исправале возилото за да може да ги одглават тешко повредените патници.

„Патниците беа еден врз друг, долниот дел од телото им беше потиснат, се држеа за раце и бараа помош. Не знаевме кому попрво да му помогнеме. Беше страшна глетка. Беа заглавени и на дел од нив им ги сечевме јакните за да може да ги извадиме. Беа расечени по телата, крвавеа и молеа да им помогнеме“, ни раскажа еден од мештаните, кој живее во куќите во близина на местото на кое се случи несреќата.

На помош притрчале и вработените и гостите што седеле во кафеаната, а за кратко се мобилизирало и целото село. Ги ваделе патниците и со приватни автомобили ги носеле во болница додека да пристигне брзата помош.

„Гледавме што побрзо да им помогнеме. Секунди беа во прашање. Видов еден од заглавените патници како седи притиснат од автобусот од половина надолу, а во рака држеше мобилен. Се јави некому да бара помош и велеше: ‘Не знам дали ќе сум жив, помогнете ми‘. Му помогнав на возачот и на уште неколку лица што се возеа напред во автобусот. Во автомобилот качив 6 повредени, а и во багажникот ставив човек само за да им помогнам, и ги однесов веднаш во болница. Возачот губеше свест, не зборуваше многу“, ни раскажа друг жител на Ласкарци.

Мештаните овде раскажаа и дека мајка и татко на повредено момче што било во автобусот дошле веднаш на местото откако синот успеал да им се јави и да им каже што се случило. Го извадиле повреден на раце и го однеле во болница.

На местото на несреќата денес дојде и Бејтула Нухиу, патник што вчера се превезувал со автобусот и се враќал од работа од Министерството за економија. Во несреќата ја повредил раката и видно вознемирен ни раскажа дека пред да паднат во бездната со автобусот, возилото почнало силно да тресе.

„Автобусот се тресеше силно. Станав и притрчав до возачот, кој цврсто го држеше воланот. Се обидов да му помогнам да го исправи воланот, но откако видов дека губи контрола се фатив цврсто за еден дел од внатрешноста на автобусот. По ова паднавме во дупка“, ни раскажа Нухиу.

Еден од мештаните со солзи во очите ја дочека информацијата дека жената на која вчера ѝ ја сечел јакната за да ја одглави и на раце ја носел до автомобилот, па во болница, починала.

Додека нашата екипа беше на местото, на терен беа присутни јавен обвинител, сообраќајни вештаци од Бирото за судски вештачења, професори од Машинскиот факултет во Скопје, како и увидна екипа од Одделот за сообраќајна полиција. Мереа, премеруваа и утврдуваа како и зошто се случила оваа трагедија. По увидот на автопатот каде што имаше и траги од кочење, полека се спуштија и до превртениот автобус.

Велат ќе останат додека е потребно оти добро сработениот увид на лице место е половина завршена работа. Откако ќе заврши увидот, автобусот ќе биде однесен во касарната во Ѓорче Петров, каде што екипите ќе продолжат со работа и собирање на доказите.

Во вчерашната трагична сообраќајна несреќа загинаа 14 лица.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Четврток, Февруари 14, 2019 - 13:23

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе