„Матурата за секој матурант и неговото семејство е од огромно значење. Тоа е чин на завршување на една и почеток на друга фаза во животот на младите. Одбележувањето на матурирањето најчесто е незаборавно, но загрижува начинот на кој се прославуваат матурските вечери: се организираат автомобилски трки, се управува моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол, се прават фотографии и видео записи и се објавуваат на социјалните мрежи за време на управување со возилото и слично. Секако, тоа не е вистинскиот начин да се демонстрира матурирањето на дело“, соопштуваат од РСБСП.
Сообраќајната статистика и искуствата од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот.
Во пресрет на матурските прослави, РСБСП на матурантите им укажува на страшните последици кои може да се случат заради непочитување на сообраќајните правила и прописи или невнимание во сообраќајот, а на родителите им упатува апел: Не им дозволувајте на вашите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил или да бидат возени од друг матурант. Вие одведете го своето дете матурант до местото на матурската прослава и намалете го ризикот од сообраќајни незгоди.