Интервју

Ристиќ: Ако институциите дремат и само наоѓаат изговори наместо решенија, нашата борба ќе станува сè потешка

Доколку соодветните институции дремат и сиот свој ангажман го сведат на наоѓање изговори наместо решенија, нашата борба ќе станува сè потешка, вели Ирена Ристиќ во интервју за МКД.мк

Воведувањето на предметот екологија во образованието мора да се случи веднаш, вели Ирена Ристиќ, позната актерка што изминатиов период стана позната и како предводничка или, како што и самата се нарекува, „прва метла“ на граѓанската иницијативата „Не биди ѓубре“.

Година и пол Ристиќ и уште неколку ентузијасти мобилизираат луѓе од сите возрасти и категории, кои собираат понекогаш по само неколку вреќи, а понекогаш тони и тони ѓубре за да ја остават единствената наша планета чиста.

Токму таа, со својот лов на пропустите на системот, но пред сè со својот личен теренски пример на дело, на еден афирмативен начин покажа што значи еколошката свест, за која вели дека почнале да ја демонстрираат и оние чија должност е тоа.

Годината што изминува ја прогласува за успешна, а најави дека до изборите во април „Не биди ѓубре“ ќе сопре со своите активности, за да направат, како што вели, доволно простор власта, опозицијата и другите кандидати за фотелји копјата да ги кршат по своите грбови, како и да собираат ѓубре и политички поени само со сопствен труд.

„Не биди ѓубре“ постои веќе подолго време, успешните акции говорат за сработеното, но за жал исчистените површини повторно се валкаат. Дали сметате дека, како што самата се нарекувате, „првата метла“, има многу неблагодарна мисија во едно општество какво што е нашето?

Токму така, неблагодарна и крајно валкана работа е она со што се занимавам како Прва метла. Тоа се вика јалова работа и ќе биде така сè додека не почнат да функционираат соодветните институции, зашто, ако не се лажам, ние имаме такви, или не...

Како ја оценувате календарската година што истекува, колку акции имавте, со која сте посебно горда, колку народ мобилизиравте за ваши поддржувачи и каков импакт предизвикавте во општеството?

Годината што ја оставаме зад нас ја прогласувам за успешна, зашто како никогаш досега, за ѓубрето се зборува, ѓубрето почнаа да го забележуваат сè повеќе граѓани, па дури и оние на кои тоа им е во опис на работното место, што впрочем и беше и една од целите на нашата иницијатива... Акции имавме многу во текот на годината и верувале или не, со сите сум горда и сите подеднакво ми значат. И оние масовните, на кои се собрале тони и тони отпад, како и оние со по два-тројца параѓубреџии, на кои се собрале две-три вреќи, зашто секоја една прави разлика и придонесува за подигање на свеста.

Каков е вашиот личен пример, дали користите пластични кеси, дали возите еколошки автомобил, дали штедите вода...?

Малку е лицемерно да одговорам на ова прашање, зашто сум пушач, но, да... се трудам со моите постапки да бидам пример... најчесто одам пешки, користам платнени кеси за пазарење, службениот автомобил на „Не биди ѓубре“, кој е дизел, го користиме само за време на акции, биоразградливи кеси за изметот на мојот миленик (кои повторно завршуваат на истиот куп со другото ѓубре)... Отсуството на систем, индивидуалните напори ги прави смешни, но тоа никако не значи дека треба да се откажеме од борбата.

Дали е потребно во образованието да се воведе посебен предмет за екологија со цел да се крене еколошката култура?

Воведувањето предмет екологија мора да се случи веднаш! Уште од најрана возраст децата мора да бидат запознаени со основите на љубовта кон единствената планета што ја имаме на располагање... Теорија да, но и практика... и полека да почнеме да создаваме еколошки освестени граѓани, зашто ако пораснат без таа димензија, веќе е доцна, што гледаме насекаде околу нас, тоа е отсуство на едуцираност и свест.

Кои се најмалите и највозрасните активисти, и некои луѓе од посебни категории дали се вклучени во вашата иницијатива?

Параѓубреџии имаме секакви. Различни по возраст, вера, нација, образование... и тоа шаренило е главниот адут и шарм на НБЃ.

Велите сакате да ја престигнете Словенија во однос на хигиената. До каде сте на тој пат, и кои други држави во регионот може да ги посочите како позитивни примери, а кои заостануваа во однос на еколошката свест и практика?

Точно. Не криеме дека сакаме да ја престигнеме Словенија, иако сме многу свесни дека на тој пат не сме направиле ниту цел еден чекор. Можам да ја детектирам волјата кај граѓаните, но доколку соодветните институции дремат и сиот свој ангажман го сведат на наоѓање изговори наместо решенија, нашата борба ќе станува сè потешка, но тоа не значи дека ќе се откажеме. Колку потешка борбата, толку послатка победата!

Неодамна добивте Златен сертификат за волонтерство во 2019 година. Што значи за Вас ова признание?

И Златниот сертификат, и многубројните благодарници и признанија само ни покажуваат дека нашиот труд е препознаен и валоризиран и е главно погонско гориво на нашата иницијатива, и тоа еколошки исправно!

Брзо станавте своевиден бренд кога станува збор за еколошката свест, која е неопходна во време кога се соочуваме со климатски промени? Кој е Вашиот став за климатските промени, кои сè повеќе го земаат својот данок?

Тука, во Македонија, треба прво да научиме да не го фрламе ѓубрето каде стасаме, па да научиме како да го третираме понатаму. Аналогно на тоа, далеку сме ние од тема каква што е климатските промени. А од друга страна, нашиот игнорантски однос кон еколошките теми многу придонесува за генералното загадување на планетата.

                                                                                                                                                                       Х.С.

Објавено

Среда, Декември 25, 2019 - 09:58

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе