Интервју

Реис-ул улема Шаќир Фетаи: И натаму има деструктивни сили кои не сакаат стабилна, мирна и силна ИВЗ

Ќе се обидам да имаме институција што ќе дише исламски, со нов дух, каде примарни ќе бидат моралот, хуманоста, духовноста, консултациите, дебатата, дијалогот, слободната мисла конструктивност… ИВЗ ќе биде натпреварувачко тело за доброто, отворено за сите, особено за сите верници, без оглед на националноста, но во исто време ќе соработува со сите релевантни фактори во општеството - од локално до оние на републичко и меѓународно ниво - со цел да ги постигнат своите цели и да бидат фактор на стабилност, мир, солидарност и креативност во нашето општество, вели поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија Шаќир Фетаи, во интервју за Журнал.мк “.

Тој вели дека неодамнешните промени во ИВЗ се резултат на незадоволството на верниците, а овој процес бил воден од муфтиите на муфтивствата и од членовите на Ријасетот на ИВЗ.

Шаќир Фетаи е со децении во ИВЗ, почнувајќи со должноста како имам 2 години, 9 години како наставник во исламското средно училиште „Медреса Иса бег“ во Скопје, 9 години во Медресата за девојчиња во Гостивар, директор во повеќе сектори на ИВЗ, потоа 18 години муфтија на гостиварско муфтиство.

„Сега, како прв човек на ИВЗ сакам да бидам искрен и ќе кажам дека оваа институција ја најдовме како како руина, голем брод што се тресе од бурите и морските бранови - и во авторитетната и во материјалната сфера, па време беше оваа осцилација да запре и да се стабилизира. Секое одложување би било фатално за  ИВЗ и за муслиманите воопшто. Во служба на ова се приклучија сите муфтии и координатори на муфтиствата и некои членови од Ријасетот, и ја донесовме одлуката што веќе ја знае јавноста, која беше крунисана со оставката на поранешниот поглавар.

Што се смени во рамките на ИВЗ со вашето пристапување на чело на оваа институција?

- Се наоѓаме во петтиот месец од нашето пристапување на чело на ИВЗ. Веднаш се заложивме за стабилизирање на финансиската состојба на ИВЗ, што - мора да се признае – ја најдовме на многу ниско ниво. За таа цел донесовме одлуки за строга заштеда, мерки за запирање на расипничкото трошење, финансирање на примарните потреби, контрола на секој денар, како и финансиско планирање што во блиска иднина ќе дадат резултати. Ја отворивме институцијата кон надвор, кон верниците, се отворивме кон странство, како кон Рабита, организацијата на Исламската светска лига со седиште во Саудиска Арабија, со амбасадата на Саудиска Арабија во Тирана, со посетата на Обединетите Арапски Емирати, со официјалните институции од Кувајт , Турција, амбасадата на САД, политичките субјекти во земјата, Исламската заедница на Косово и Албанија, како и многу други здруженија и организации. Повеќето не покануваат да ги посетиме и да почнеме меѓусебна соработка. Тука би сакал да го истакнам моето назначување за член на генералниот и извршниот секретаријат на меѓународната организација позната во исламскиот свет и пошироко „Советот на светските муслимански заедници“ со седиште во Абу Даби, чин што беше поздравен од повеќето високи инстанци во Македонија, како чин на благодарност за нашата држава.

Колку влијаат политичките случувања дома и во странство врз предизвиците низ кои поминува ИВЗ?

- Сосема е нормално ИВЗ да се соочува со тенденции на политичко влијание. Ова постоело и ќе постои. Од нас ќе зависи колку сме способни и свесни за овие тенденции. Она што е сигурно е дека ќе бидеме бескомпромисни во одбраната на автономијата на ИВЗ во нејзината активност. Исламската верска заедница е натпартиска и ќе се обиде најдобро што може тоа и да го докаже, со соработка со сите, но во служба на остварување на основните цели на ИВЗ, со цел да биде организам на здраво претставување на исламот и фактор на креативност во благосостојбата на општеството во целина. Ова главно ќе зависи од нас самите, соодветно и  од сите тела на ИВЗ. Убеден сум дека ќе успееме, бидејќи имаме тела свесни за движењето на ИВЗ сега и во иднина. Во оваа прилика, би ги замолил политичките субјекти да не даваат несовесни изјави во врска со ИВЗ, бидејќи таа е отворена за соработка со целиот политички спектар во земјата.

Прашањето за акредитација на Медресата Иса Бег продолжува да биде нерешено и претставува проблем за нејзините дипломци. Што очекувате и дали верувате дека многу скоро ќе имаме епилог?

- Од сите фактори на Владата ни беше ветено дека ова прашање дефинитивно треба да се финализира и треба да заврши еднаш засекогаш и ќе се направат максимални напори за решавање на овој проблем и студентите и учениците од Медреса да ги уживаат истите права како и сите други училишта. Ние нема да престанеме да се занимаваме со решавање на ова прашање - ќе ги искористиме сите наши можности, како и можните механизми за да го завршиме овој многу важен процес.

Кои се вашите планови за развој на ИВЗ на РСМ во иднина?

-Живееме на Балканот, во Европа, така што имаме извонредна одговорност за чиста и оригинална презентација на исламските вредности кои се приближуваат до сите слоеви на животот. ИВЗ има бројни барања и цели во реализацијата на своите права во законската рамка, но патот до реализацијата на целите е полн со предизвици и пречки. Ние продолжуваме со нашите максимални напори за враќање на национализираниот имот - вакуф, каде се уште ни се прави неправда. Прашањето за прилепската џамија е тажно, таа е уништена од вандализам во 2001 година и сега не е само руина и урнатина, туку се користи и како тоалет, а тоа е срамота и болка за членовите на исламот. Ова прашање дефинитивно треба да заврши, бидејќи тоа е срамна слика пред меѓународните фактори, дека во земјата има аверзија, се нарушува соживотот во општеството, но и меѓурелигиската толеранција. Решавање на финансиското прашање на исламското средно училиште Медресата Иса Бег - Скопје, на Факултетот за исламски науки во Скопје, наметнување верски данок за исплата на плати на верски службеници според европскиот модел… ќе се постави и прашањето за остварување на верските права во воените касарни, отворањето на места за богослужба во болници, затвори, отворање градинки и многу други работни места. Не треба да се изненадиме од овие цели, бидејќи тоа се демократски вредности во светот.

За плановите на ИВЗ, новиот поглавар вели дека се планира отворање на Архивскиот институт на ИВЗ, Институтот за исламски научни истражувања, Библиотека на ИВЗ, основање на издавачка куќа со печатница, формирањето на здружение на муслиманските жени, реорганизација на хуманитарната организација Хилал, „која радикално ќе се промени и ќе ја добие својата оригинална форма“.

Реисот Шаќир Фетаи вели дека ИВЗ ќе дише исламски, со нов дух, каде примарна цел ќе биде моралот, хуманоста, духовноста, консултациите, дебатата, дијалогот, слободната мисла, конструктивноста... „ИВЗ ќе биде натпреварувачко тело за доброто, отворено за сите, особено за сите верници, без разлика на националноста, но во исто време ќе соработува со сите релевантни фактори во општеството - од локално и на оние на републичко ниво - со цел да ги постигнат своите цели и да бидат фактор на стабилност, мир, солидарност и креативност во нашето општество. Сето ова е неотуѓиво бидејќи нашето општество е веќе членка на НАТО и презеде сериозни чекори да стане полноправна членка на ЕУ. Ние сме европска земја и нашата насока е што побрзо да се стабилизираме за да бидеме составен дел од евро-атлантските процеси, каде што ја гледаме нашата безбедна иднина заедно со развиените и напредните народи. Исламот, каде што сме компетентни во својата презентација, е универзална религија, религија на знаење, наука, морал, толеранција, почит, солидарност, мир и способен да биде во служба на подигнување на човечките вредности, на Балканот, Европа и на други места во светот. Несомнено е дека ова треба да го подигне нивото на професионализам, искуство и многу други вредности што овозможуваат движење на исламот на светската сцена каде се соочуваат верувања, култура, традиции и многу други вредности, кои се голем благослов на човечката раса, бидејќи различноста е закон на возвишениот Алах“.

За изборите во ИВЗ реисот Фетаи вели дека за жал деструктивните игри на силите кои не сакаат стабилна, мирна, силна и продуктивна заедница продолжуваат.

„Ова се случува во време кога правиме максимални напори во економската стабилизација на ИВЗ. По медиуми се пласираат измислени документи, „лажни вести“ со чисти фалсификувани документи за дискредитација на мојата личност и баш сега во пресрет на изборите. Убеден сум дека ова е направено од подземјето, заедно со интересни групи за да ми наштетат не само мене, туку и на ИВЗ на РСМ. Многу е јасно дека т.н. документ е фалсификат и релевантните институции и оние кои придонеле за неговото „изготвување-производство и промоција“ го знаат ова многу подобро. За овие документи од официјални лица веќе е кажано дека се „улични шпекулации“. Затоа, секоја тенденција за дискредитација на Шаќир Фетаи е смешна и не е човечка, а истовремено и сурова. За ова се подготвува и пријава за клевета каде ќе се бара надомест на морална штета како и казна за клеветата.

Затоа, со целосна одговорност велам дека ние и понатаму ќе продолжиме да работиме на стабилизирање на ИВЗ и одржување на кредибилитетот и авторитетот на секое тело во нејзиниот состав. Ние добро знаеме дека сите оние кои се занимаваат со лаги, измислици, клевети и неосновани обвинувања, секогаш имале неуспех, а оваа институција заедно со своите добронамерници секогаш успеваше да се справи со секој предизвик“.

За актуелната ситуација со пандемијата поглаварот на ИВЗ вели дека ова не е игра. „Пандемијата предизвика хаос низ целиот свет. Ние мора строго да се придржуваме до препораките на СЗО и Министерството за здравство на Северна Македонија. Ние од првиот момент ги презедовме сите побарани мерки и задоволни сме од дисциплината во нашите џамии. Ние продолжуваме да бидеме претпазливи на највисоко ниво. Убедени сме дека и оваа болест ќе има свој крај, само дека мора да бидеме внимателни. Не треба да се плашиме и да паничиме. Потребни ни се  храброст и мобилизација на сите наши интелектуални и морални потенцијали за надминување на оваа сериозна и тешка болест“.

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе