Дебата

Проценка е дека 70 отсто од играчките што се увезени во земјава се опасни

На пазарот во земјава има голем број сомнителни играчки што може да содржат опасни хемикалии по здравјето на децата, колкава контрола се врши врз увозот на играчките, колку често се земаат мостри од одредени играчки присутни во продавниците и се испитуваат нивните евентуални штетни супстанци, можноста за дигитално известување за составот и потеклото на играчката, беше во фокусот на дебатата „Институционална одговорност за хемиски безбедни играчки".

„Oд информациите на терен и од тестовите што ги извршивме на неколку играчки, дојдовме до сознанија дека 70 отсто од играчките што се увезени во земјава се опасни, а често се дојдени и по нелегален пат, особено на пазарите, каде што немаат ниту декларација. Еве да појдеме на пазарите, ќе видиме дека ниту една играчка нема декларација, не знаеме како дошла тука и кој ја продава“, рече Наташа Доковска од организацијата „Новинари за човекови права“.

Доковска смета дека заради евтината цена, родителите купуваат се повеќе играчки, кои, заради лошиот квалитет, и брзо се кршат и завршуваат на депонии. Посочи и дека Новинари за човекови права и РАДАР со помош на овој проект на граѓаните ќе им понуди да избираат меѓу небезбедните и првата македонска еко играчка.

Истакна дека во земјава нема многу од брендираните играчки кои се сметаат за безбедни за децата, и го посочи податокот дека воо 2013 година на македонскиот пазар имало 50 видови брендирани играчки, а сега само 20.

Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје рече оти имаат веќе воспоставен добар систем за контрола на безбедноста на играчките. Истакна дека Државниот здравствен санитарен инспекторат ги контролира при увоз дали се тие безбедни, и ги носат во лабораториите на Институтот, каде што таму се контролира отпустливоста од тешки метали и на одредени хемиски супстанции.

„Ако има наод дека има тежок метал или хемиска супстанца над дозволените стандарди што би требало да ги има таа играчка, едноставно тогаш нормално е резултатот да не е исправен, се известува Државниот здравствен санитарен инспекторат и тогаш постапува согласно нивните законски надлежности“, рече Кочубовски.

Според него, играчките за деца, т.н. „слајмови“, воопшто не се препорачуваат да ги купуваат родителите и децата, затоа што тие можат да предизвикаат алергии и советува да се избегнуваат.

„Доколку некој хемиски состав на одредена играчка е над дозволеното, тоа може долгорочно да направи штета врз здравјето на децата. Краткорочно нема штета, но доколку со месеци ја користи таа играчка, особено ако детето е многу мало и ја цица или гризе играчката, тогаш може да има отпустливост заради плунката и тоа да се јави во усната празнина и да настане апсорпција, односно да се внесе тежок метал. Тоа нема да биде голема количина, но ако станува збор за денови, месеци, веќе би можело да има штетно влијание врз здравето на детето – тоа може да биде олово, кадмиум, или други материи кои може штетно да влијаат врз здравјето на детето“, рече тој.

Бобан Јовановски од Царинската управа вели дека не постои нелегален внес на играчки, и оти увозникот е должен по пуштање на стоката во слободен промет да обезбеди декларација за самиот производ, да ги означи и да ги пушти во продажба. Тој не се согласи дека процентот на нелегален увоз на играчки е над 70 отсто.

„Царината е онаа прва бариера при влез на стока во земјава која реагира со известување за стока за која смета дека е небезбедна по здравјето на луѓето, привремено ја задржува и ја известува пазарната инспекција или друга инспекција или институција која треба да преземе одреден чекор“, додаде тој.

Од Државниот санитарен здравствен инспекторат посочија дека земаат мостри од пратките со играчки што пристигнуваат на граница, особено со потекло од Кина и Хонг Конг, Турција и од БиХ.

Велат дека во нашите големи продавници на играчки, каде што имаат сознанија дека потекнуваат од Кина, исто така земаат мостри за составот на играчката.

Од Државниот пазарен инспекторат посочија дека на нивната Интернет страница можат да се најде листа на опасни производи откриени на пазарот, меѓу кои има и играчки.

На средбата беше презентиран и огласот за идејно решение за првата еколошка играчка во нашата земја.


Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе

Охрид, најголемиот и најпосетен туристички центар во Македонија, балканскиот Ерусалим и европскиот бисер, се менува со брзина на светлината.

повеќе