Нашата редакција е благодарна до сите кои споделија

Приказни на жртви на силеџиство: Отсечена коса на девојка, исмевање на момче со зголемени гради, многу солзи...

Модерното време, брзиот начин на живот, социјалните мрежи, начинот на кој дел од возрасните го трошат времето, а ја губат близината и комуникацијата со децата..., придонесуваат навредите и нетолерантноста да ги преплават емоциите на децата. Наместо со поддршка и детство низ игри и насмевки, голем дел од децата го минуваат времето навредувајќи ги соучениците поради понискиот социјален статус, нивната различност или, затоа што не им се омилени за да бидат во исто друштво.

Редакцијата на МКД.мк по самоубиството на средношколецот што скокна од катна гаража во Скопје и остави проштално писмо, ја отвори темата за силеџиството (булингот) кон основците и средношколците и понуди сите оние што се жртви на насилство или родители, роднини... да може да се јават и да споделат приказна за да може преку гласно зборување, да промениме нешто во општеството.

И не дека со волшебно стапче ќе можеме преку ноќ да ги смениме работите, но сепак, ја добивме довербата од голем број читатели, кои решија дека треба да ги споделат своите приказни. Пишувавме и разговаравме со психолози што споделија совети за тоа како да се препознае и да се спречи силеџиството, зборувавме и со Меѓаши, а секако, остануваме отворени за соработка и во иднина.

Училиштето за децата треба да биде безбедно место, односно малолетниците треба да се чувствуваат сигурно, дека имаат поддршка.

Во продолжение ќе споделиме и дел од приказните за кои сме им благодарни на читателите што собраа храброст да ни раскажат, а има и такви кои не замолија да не се објават приказните, па ќе ја почитуваме нивната одлука.

„Средношколка сум. Сакам да споделам приказна за булингот. Сега сум малку повозрасна, а она што ми се случи беше пред неколку години, но како да беше вчера. Останав без прамен од коса. Ми го исече другарка што беше лута поради симпатијата. Многу бев навредувана во училиште, ме нарекуваа постојано со погрдни зборови. Бев со мозолчиња по лицето и немав како да се скријам. Ме викаа 'крастава жаба'.

Кога еден ден симпатијата на мојата другарка ме одбрани, односно им укажа дека претеруваат бидејќи ја виде мојата тага во очите, тогаш наместо да се сменат работите, станаа уште полоши. На одмор секогаш седев во клупа, не станував бидејќи само во клупата се чувствував безбедно, како да бегав од сите. Еден ден зад мене сите се смееја. Не смеев да се свртам бидејќи веднаш почнуваа навреди. Соученичките всушност исекоа прамен од мојата коса. Тогаш бев повредена, премногу, како да падна дел од мене.

Излегов и почнав да плачам. Долго плачев. Им кажав на наставниците, на класната, но оние што ме повредуваа секогаш се држеа цврсто, како група. Никогаш не кажуваа кој всушност е водачот на булингот што ми го прават. Ги повикаа кај психолог и, како што се вели, секое чудо за 3 дена. Мојата болка остана, а навредите продолжија. Соученичките не се сменија, ниту го сменија односот кон мене. Единствен спас беше да заврши основното училиште и да  отидам во средно. Траумите ги носам и денес како средношколка. Косата ми порасна, но не зараснаа раните што во себе ги носам, а кои никој не може да ги види.

Ви раскажувам и пак ми се плаче. Но сега сум среќна што имам храброст да кажам, да споделам и што сум во средина во која, не дека многу нешто ме дружат во средно училиште, ама барем никој не ме задева и не ме навредува", ни раскажа една средношколка, која замоли за анонимност.

„Во училиштето во кое учам децата се облекуваат малку побогато. Еден ден ученик зеде лист хартија и запишуваше кој што носи и колку чини. Односно, всушност запишуваше колку чини облеката што ја носиме на себе. Растам во скромно семејство, кое гледа да имам што ми треба. Пресметката укажуваше на тоа дека сум најсиромашна во целиот клас.

Ова го споделив со наставничката, а потоа кога им беше кажано на родителите, одговорот беше дека не е ништо страшно децата да имаат и да се гордеат со тоа. Јас се гордеам што имам родители што ме растат со скромни примања, иако некогаш посакувам да имам поубава облека или поскап телефон, сепак сум воспитана да сум задоволна со тоа што го имаме. Порачувам родителите да ги учат децата на скромност и разбирање, а не да ги понижуваат другите. Моја среќа е што имам разбирање и блискост со родителите, а замислете сам да се носиш со сето тоа. Затоа ни треба комуникација, да зборуваме, да споделуваме за да ни олеснува", вели девојка од основно училиште.

Она што го забележавме е дека девојчињата се поизложени на булинг или можеби повеќе имаат храброст да споделат. Во повиците што ги имавме, постојат приказни кои по барање на читателите нема да ги објавиме, но постои и повик од момче соочено со булинг.

Го малтретирале и го омаловажувале бидејќи за време на пубертетот му пораснале гради. Вели, имал проблеми со тоа, но никој не размислува дека работите што ги носиме на себе не се такви по наша вина. Дека ние не одбираме дали ќе носиме очила, па ќе нѐ навредуваат, дали ќе имаме гради, мозолчиња, клампави уши, дали ќе бидеме помолчаливи од другите...

Убавината е во несовршените работи, а не во перфекцијата, но не сите умеат да видат подлабоко во нас.

Во секое дете постои убавина и нешто добро. А, како што велат и психолозите, голем удел во однесувањето на децата има и она што околу нив се случува. Затоа не смееме да бидеме пасивни набљудувачи и ако посведочиме на каков било тип врсничко насилство, треба да реагираме. Родителите, наставниците, пријателите... сето тоа е една алка што ако добро се вклопи е клучна во градењето карактери. Родителите треба да обрнат внимание при воспитување на своите деца, како тие ќе се однесуваат надвор и во училиштето.

Во приказните што ги слушнавме нема физичка повреда, нема видливи траги по телото и кожата, но има солзи. Многу солзи и невидливи рани што децата ги носат долго по силеџиството. Најдобриот метод за да бидеме среќни е да шириме љубов, разбирање, среќа, да ги вреднуваме и почитуваме другите, да го негуваме човекољубието, бидејќи во ова време кога сѐ е скапо, нема да нѐ чини ништо и е комплетно бесплатно да се биде човек.

Насмевката на децата нема цена, а болката за нивната загуба, било физичка или психичка, е ненадоместлива. Затоа, да превенираме и реагираме, наместо да лекуваме болка.

К. Додевска

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе