Ново здружение за правата на Ромките

Претседателката на „Лачо Диве“ ги повика девојките и жените Ромки да излезат од комфорната зона

Силното патријархално воспитување во семејствата, недоволно ниво на образование, невработеноста, дискриминацијата по различни основи, немањето гинеколошки ординации во населбите и натаму се проблеми и предизвици со кои се соочуваат Ромките во земјава.

Правата на девојките и жените Ромки иако се декларативно загарантирани, на терен има евидентни случаи на нивно прекршување. Последен пример за ова е случајот кога 12.000 жени од скопската општина Шуто Оризари повторно останаа без матичен доктор гинеколог. Кога на ова ќе се додаде и дискриминацијата во повеќето општествени сфери, заклучокот е дека овие девојки и жени сѐ што имаат е сопствената моќ да се обединат, соработуваат и силно да дејствуваат за остварување на своите права и задоволување на своите потреби.

Младата и неуморна Сибел Бајрам неодамна ја покрена иницијативата за формирање на ново здружение на жени Ромки кое го носи името „Лачо Диве“.  

„Здружението ќе биде една нова, свежа и отворена за сите девојки, жени и во одредени сегменти и момчиња, организација која ќе се занимава и грижи за добробитта, гласот, правото, демократијата, образованието, и еден новитет- организирањето на подготвена, обучена и група која знае што сака, која ќе делува на сите аспекти и сегменти од секојдневието кои директно ги засегаат девојките и жените Ромки во земјава. Идејата произлезе од прерано починатиот Нешат, кој ми беше тетин и голем учител во животот“, појаснува претседателката на здружението Сибел која инаку е наставничка во основното училиште „26 Јули“ во Шуто Оризари и студентка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на одделот Менаџмент за човечки ресурси.

 

Визијата и мисијата на здружението, како што појаснува Сибел, е унапредување и развој на статусот и благосостојбата на жените и девојките Ромки како рамноправни граѓани, економски независни, кои активно учествуваат во јавниот и политичкиот живот.

„Наши стратешки цели се придонес кон формалното и неформално образование на жените Ромки, зајакнување на капацитетите за полесен пристап до пазарот на трудот, правна, здравствена и социјална заштита на жените Ромки и се разбира придонес на Ромките кон зачувување на традицијата и развојот на ромската култура“, вели Сибел која додава дека ќе бидат вклучени Ромки и од Шуто Оризари и од сите населби и општини каде што има девојки и жени што сакаат да прават промени за себе и за своите идни поколенија.

Амбициозната претседателка на „Лачо Диве“ посакува ова ново, свежо, младо здружение да биде место каде што ќе доаѓаат луѓе со различни погледи за животот, луѓе кои сакаат да ја променат ситуацијата на жената и девојката Ромка која, како што вели, мрдна од мртва точка.

„Има позитивни промени, меѓутоа има уште многу работа ако сакаме да постигнеме некој еквилибриум во ова наше општество. Сакам жените, девојките да се чувствуваат пријатно, да разговараат отворено за своите потреби, проблеми и нејаснотии, заедно да се дружиме и да работиме за подобрување на нивната/нашата состојба и да се избориме за подобро место во македонското општество“, вели Сибел.

Во работилниците, средбите и секако настаните, ќе канат и момчиња, бидејќи ако во овој процес и фаза на работење не се вклучат припадниците на појакиот пол, претседателката смета дека нема да имаат некој поголем прогрес, бидејќи тие нема да чујат што ги мачи девојките и жените, нема да знаат како да делуваат по однос на тие прашања, проблеми, и секако, на крајот, ќе се работи и со нив полека на менувања на некои наративи дека жените се само за дома, туку дека и тие треба да работат, да делуваат за добробитта на општеството и дека секако, имаат право на глас секаде.

„Дел од проблемите со коишто сè уште Ромките се соочуваат се: влијанието на силното патријархално воспитување во семејствата, недоволно ниво на образование (ова се случува кај повозрасните), невработеност, дискриминација, недоволен слух од институциите за проблемите на Ромите во целост без поделба на мажи и жени, соочување со дискриминација по различни основи, нема гинеколошки ординации во населбите...“, потсетува Бајрам.

Во однос на прашањето што голем број Ромки останаа без матичен гинеколог Сибел вели дека случајот укажува јасно на тоа колку нашето општество и институции во државата „имаат слух и сенс“ за потребите и проблемите на Ромите, особено на жената Ромка.

„Знам дека општината Шуто Оризари работи и се труди да го реши овој проблем веќе долг период меѓутоа веројатно слухот за потребите на оваа заедница е на ниско ниво, или пак не е во првите највисоки приоритети кои треба да се решат од страна на надлежните“, смета Сибел.

За крај, претседателката на новоформираното здружени ги покани припадничките од останатите етникуми да дојдат во посета, и како што вели, да видат дека не сме поразлични од нив, дека и тие се образовани, вредни, ги плаќаат даноците, комуналиите и се верни и вредни граѓани на оваа земја и дека сакаат да се дружат со сите добри луѓе коишто ги почитуваат.

„Ако сакаме промени, сите треба да почнеме да излегуваме од онаа наша добро позната комфорна зона и да соработуваме, учиме, истражуваме за другите етникуми и да се ообидеме да ги разбереме проблемите, потребите, традицијата, нивните потенцијали и јаки страни. За соживот потребно е сите да го дадат максимумот и секако- да има позитивен став и желба од сите страни, бидејќи на крај на денот, сите сме луѓе, сите сме на ова парче земја и никој ништо нема да понесе со себе никаде, туку треба да пренесе една позитивна мисла, почит и разбирање по што долго ќе биде паметен и споменуван“, заклучува Сибел.

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе