Во раните утрински часови во селото Ваташа беше извршена блокада на селотo, при што се уапсени 16 младинци и младинки и сите се спроведени во селската меана на Васил Хаџи Јорданов. Таму сите биле безмилосно тепани од страна на заменик полицискиот началник Петко Опреко, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти. Еден од нив, Диме Чекоров со моторцикл бил однесен во полицискиот участак во Кавадарци. Потоа сите во колона по еден во придружба со силно воено обезбедување се однесени во месноста Моклиште, каде девојчињата се издвоени, а врз момчињата е отворен оган од митролези и пушки.
За масакрот во Ваташа пишува во Билтенот на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година: „Младинците се изрешетани од куршуми од митролези, па се после избодени со бајонети, на некој им се исечени рацете и извадени очите, а притоа сите биле опљачкани“.
Поручникот Борис Костов кој раководел со овој злочин, со шмајзер во рацете од кој сѐ уште се чадела цевката им се обратил на преплашените девојки со зборовите: „Гледајте, гледајте и вас ќе ве најде истото“. Откако му реферирале за извршениот масакр за успешно извршената акција полковникот Љубен Апостолов восхитено рекол: „Тоа е тоа, страшни момчиња имам“.
Стрелачкиот вод кој учествувал во злочинот една година подоцна, на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на партизаните кај село Страмашево. Поручникот Костов и Опреков биле ликвидирана по капитулацијата на фашистичка Бугарија.
Нивниот наредбодавец полковникот Љубен Апостолов бил уапсен во Бугарија и спроведен во Кавадарци каде Народниот суд во Монополот го осудил на смрт, а казната ја извршиле жителите од Ваташа и Кавадарци. Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле уапсени, осудени на смрт и стрелани. Бугарија дозволи овие злосторници да бидат фатени на нивна територија, уапсени и спроведени во Македонија.
Извадок од делото на Петре Камчевски